За говорот, за жените и за црниот ѓавол

26.01.2016 11:53
За говорот, за жените и за црниот ѓавол

На 24.01.2016 година, Груевски одржа говор пред Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ. Многу добар говор. Со голем дел од работите кои ги кажа јас се согласувам.

Неколку работи во говорот малку ме збунуваат, меѓутоа сигурна сум дека Груевски има добро објаснување за секоја од нив.

Прво, сигурна сум дека има некое многу добро објаснување зошто во овој говор кој е одржан пред Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ не се зборува за жените, за родовата дискриминација, за разликите во платите меѓу мажите и жените, за отсуството на жените од раководни позиции во државата, за сиромаштијата на жените, за абортусот, за семејното насилство, и секако, за оние 280.000 жени кои во статистиката се појавуваат како оригинална македонска категорија на „домаќинки“.

Сигурна сум дека Груевски има многу добро објаснување (кое јас ете не можам да го видам) за тврдењето дека:

„Народот на Македонија уште еднаш покажа дека има капацитет за државност“

Откако мораа да бидат повикани странци да ги седнат партиите на заедничка маса, да ја вратат опозицијата во Собранието, да формираат Специјално јавно обвинителство затоа што она редовното очигледно не работи, да нè искараат дека ако не почнеме да се реформираме ќе ни ја искинат молбата за влез во ЕУ, да кажеш дека народот има капацитет за државност е навистина храбро. Најверојатно показател за висок степен на државност е кога ќе ти дојдат од страна за да ти ги средат работите кои самиот не можеш да си ги средиш. Ете, вчера да умрев немаше да знам што ти било капацитет за државност.

Малку ме збуни новиот играч на политичката сцена кој Груевски така добро го идентификува:

„Поминавме година во која НЕКОЈ користејќи го СДСМ сакаше на најможно валкан начин да го сруши ВМРО-ДПМНЕ, да ја дестабилизира Македонија, и да ја промени по терк како што налагаат неговите интереси.“

Кога подобро размислив успеав да ја осознаам длабочината на перцепцијата на Груевски. НЕКОЈ е многу јасно и прецизно дефиниран играч. Сите знаеме кој е НЕКОЈ, ама не кажуваме затоа што неговото име не смее да се изговори. НЕКОЈ е опасен затоа што може да биде СЕКОЈ. НЕКОЈ се наоѓа насекаде. Се крие во невладините организации, на факултетите, седи во парк, пишува на интернет. НЕКОЈ оди и во самопослуга, може да работи во канцеларијата до тебе. НЕКОЈ може да ти влезе дома ако не внимаваш.

Признавам, малку ме збунува Груевски и со НАРОДОТ. Во неговиот говор НАРОДОТ игра клучна улога. Тој прекрасен, паметен, мудар, праведен, гневен НАРОД. НАРОДОТ кој клоца и се одмаздува.

Она што ме замислува е тоа дали Груевски мисли дека јас сум дел од НАРОДОТ или не. Ако не сум, многу ме интересира како се станува член на НАРОДОТ, дали има некои критериуми, дали се плаќа членарина, има ли некоја заверка на нотар, како да знам дека сум со НАРОДТ, а не со некој кој ми личи на НАРОДОТ, а всушност е нешто сосема друго, кои се тие кои не се НАРОДОТ и што се тие? Некој друг НАРОД или НЕНАРОД или …? Ова е многу важно да се расчисти, затоа што кога Груевски ќе го повика НАРОДОТ да ги линчува оние другите кои не се НАРОДОТ, треба да биде сè јасно, да не се случи НАРОДОТ да го линчува НАРОДОТ. Нели? Можеби има некој друг, лажен НАРОД и треба да знаеме да го препознаеме. Не може секој да биде НАРОДОТ, мора да се знае кој може, а кој не може да биде НАРОДОТ.

И како да не се согласам со изјавата на Груевски дека:

„Овој народ е господар на оваа територија.“

Само имам неколку прашања. За да не дојде до забуна. Овој народ е господар и на слободните индустриски зони? И на земјиштата дадени под концесија? И на онаа прекрасната гипсена убавица оградена со железна ограда? Овој народ смее да влезе зад оградата и полицајците нема да го запрат затоа што е тој господар на оваа територија? Или тоа не е оваа територија туку некоја друга? И за да си дел од овој народ исто така треба да имаш членска книшка? Да се осигурам. Да не мислам дека сум овој народ, а всушност сум некој друг народ, кој не е овој.

Сепак, нешто морам да му замерам на Груевски. Ако навистина знаел дека „Питер Ван Хојте е криминалец и фалсификатор“, требало да реагира и да не дозволи таков белосветски криминалец да седи со него на иста маса. Не разбирам точно како ги рекетира бизнисмените и за кој град точно станува збор, меѓутоа тоа не смее да се дозволи.

И потполно се согласувам со Груевски дека:

„Не може човек кој цела кариера делел тендери на сите членови на неговата фамилија, барал поткупи од бизнисмени, соработувал со криминалци и фалсификатори, човек кој секој ден ги менува сопствените ставови заради личен интерес, не може таков човек да им биде премиер на граѓаните на оваа држава.“

Треба да си навистина голем човек за на вака едноставен и јасен начин да направиш пресек на сопствената личност и да ја претставиш пред НАРОДОТ. Не верував дека Груевски во себе може да најде таква доблест и храброст. Му симнувам капа. Мислам дека во својата скромност пропуштил неколку елементи како: измама, крадење, лажење, …, меѓутоа, главните елементи се тука.

И се согласувам со изјавата дека:

„Само оној кој смета дека народот е глупав, во недостаток на креативни идеи за општо добро, може да верува дека ќе ја купи неговата доверба, продавајќи му нешто што народот веќе одамна го има: слобода и демократија.“

Апсолутно сум сигурна дека на НАРОДОТ на Груевски не може да му се подметне слобода и демократија. Аааа, не. Не е наивен тој НАРОД, никој нема на сила да му дава слобода и демократија. Тој НАРОД си има доволно и слобода и демократија и нема што некој да му ги дава.

И НАРОДОТ на Груевски е задоволен со тоа што го има. Срамно и жално е кога некои кои не се НАРОДОТ го убедуваат дека заслужува подобро. Тие и такви не му мислат добро на НАРОДОТ и го лажат дека не му е добро, кога НАРОДОТ си гледа колку му е убаво.

Посебно ми се допадна тврдењето дека „по дождот доаѓа сонце“. Ова е една од оние безвременски, длабоки и неповторливи мисли кои на ум им паѓаат само на исклучително паметни и мудри луѓе и кои ни отвораат сосема нови перспективи на размислување и делување. Фала ти, Груевски.

Ми се допадна и константата за ВМРО:

„ВМРО е константа. Многумина тргнале против ВМРО во овие 123 години, но попусто.

ВМРО и Македонија ги преживеаја сите кризи, сите ултиматуми, уцени, местенки, удари.

ВМРО и Македонија преживеаја и децении репресија.

ВМРО е тука затоа што тоа е желба и избор на нашиот народ.“

Сигурна сум дека тука Груевски мисли на онаа партија формирана врз социјал-демократски, а потоа и врз комунистички принципи и комунистичка позадина. Не сум сигурна што бара во партискиот говор на ДПМНЕ, меѓутоа убаво е да се знае како историски податок.

И мислам дека на крајот од својот говор Груевски ни откри и кој е оној НЕКОЈ од првата строфа. Тоа е лично ѓаволот кој „ќе си дојде по своето“,

А жените?

Жените слушаа, се восхитуваа и аплаудираа.

Извор: kvadraturanakrugot.crnaovca.mk
Слики: Свирачиња