Патувања

27.01.2016 12:26

Никогаш нема да се извлечам од ова: трчам да ѝ речам догледање на тетка ми, ја наоѓам фамилијата собрана под ламбата; ме задржуваат со илјадници совети, мојот куфер е спремен но мојот костум е уште кај шивачот, доаѓам кај шивачот: имам мака да го препознам мојот костум: тоа не е мојот костум, заменет ми е! Не, тој е, но ужасно набабрен, искасапен, развлечен, скратен, обрабен со црно. Надвор, на улица, две многу згодни Бретонки се смеат покрај една количка со долна облека: ох, зошто немам време да ги следам; па ништо, тие одат по истиот пат како и јас. Забележувам дека имињата на улиците се променети; има сега, во Лоријан, една улица што се вика „Лирска енергија“. Каков тоа чуден градски совет може да им дава такви имиња на ноќните улици. Во хотелот ми паѓа на ум да ја погледнам сметката на шивачот: 325 франкови, ќе ви биде испорачано. Полудувам ли? Кафеаната е полна со чудни луѓе, среќавам еден париски сликар од кој одвај се ослободувам. Тука ме обожава, макар што инаку сме скарани: толку сум во задоцнување што одбивам да се бакнам со него а нема ни пајтон! Додека ми бараат едно возило, пријатели од детството ме колнат да запрам во Ман, не, не во Ман, во Ножан, не во Ножан бидејќи сме во лоши односи со... ох, Господи, ми се губи нишката... на крајот добивам ветување од еден превезувач на клавири. А шивачот? Еве сум во еден необичен костим, впрочем доста отмен: сив реденгот, премногу отворен бидејќи сум наоблекол долна облека за да си го олеснам куферот! Овој цилиндер, каква екипираност за патување. Ох, сум заборавил да ѝ речам догледање на... А шивачот! Го пропуштив часот на поаѓањето на возот, на единствениот воз: сè треба одново да се почне утре, нема да спијам поради тоа цела ноќ!

Превод: Влада Урошевиќ

Макс Жакоб (Max Jacob, 1866-1947), поет, прозаист, сликар. Покрај извонредната книга со песни во проза „Кутија за зарови“, има повеќе стихозбирки меѓу кои се издвојува „Централна лабораторија“. Главни прозни дела: „Кралот на Беотија“, „Црн кабинет“, „Филибут или златен часовник“. Евреин по потекло, ќе премине во католичка вера и ќе помине значаен дел од животот во манастир; тоа нема да го спаси од депортација во конц логор, каде што ќе почине.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото