„Насилството во пост-историското доба“ - јавно предавање на Борис Буден во ГЕМ

27.01.2016 16:24
„Насилството во пост-историското доба“ - јавно предавање на Борис Буден во ГЕМ

Контрапункт - асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики, има чест да ве покани на предавањето на Борис Буден со наслов „Насилството во пост-историското доба“, коешто ќе се оддржи на 28 јануари 2016 година (четврток) со почеток во 19:00 часот во ГЕМ Клубот, Скопје. По предавањето ќе следи дискусија со Борис Буден, предводена од Петар Милат.

„Секогаш историзирај!“, уште одамна советуваше Фредрик Џејмсон, проблематизирајќи ја и расправајќи за претпоставката дека историјата треба да биде оној ултимативен хоризонт за разбирање на светот и на нашите акции со кои сакаме да го промениме. Но, како да „историзираме“ во доба кое со гордост се нарекува „пост-историско“? Како да ја откриеме историската логика на феноменот каков што е насилството, ако историјата не е ништо друго туку кошмар од кој за среќа успеавме да се разбудиме? Некогаш, кога историјата постоеше, насилството беше согледувано како нешто што е поттикнато од општествените конфликти и објаснето врз основа на политички причини. Тоа беа времиња кога војната сѐ уште беше „продолжение на политиката со други средства“. Денес, кога говориме за насилството станува збор повеќе за логика обликувана од културата, која креира своевидно „рационално“ насилство. Ние гледаме во неговите последици и ефекти од моралистичка ретроспектива, како да е прашање на нашето минато и како да е чист објект на нашата меморија. А, сепак, насилството е наша современост. Згора на сѐ, насилството, токму сега, ја обликува нашата иднина. Зошто ли сите ние тоа не можеме да го видиме?, вели Борис Буден во своето резиме за предавањето.

Ова предавање е дел од резиденцијалниот модул „Архиви на насилството - генеалогија на отпорот“, кој Контрапункт го креираше како процес наречен „Лаборатории на параестетичкото“, во рамки на проектот „Проширено естетско образование“. Низ овој резиденцијален модул ќе се одвиваат повеќе предавања и семинари во периодот на 2015/2017 година.

Истражувачкиот модул „Архиви на насилство“ којшто Контрапункт го започна во 2015 година, има за цел да го истражува и презентира процесот на архивирање на насилството во 20 и 21 век. Насилството сфатено историски, социо-културно, дискурзивно, теориски, критички, а артикулирано преку разни уметнички практики.

Во оваа втора фаза, фокусот на истражувањето ќе биде ставен на истражување на односите помеѓу насилието и отпорот. Како ќе се обликува социо-културниот контекст преку феномените на обликување на отпорот во дискурзивните пори на општеството но и во директните политики и уметнички практики? Дали во услови на граѓанска амнезија и социо-културно и државно насилство може да се обликува нова форма на отпор кон постоечките системи на мислење и политичко дејствување? Со овој модул ќе се истражат формите на баланс и вземност помеѓу отпорот и покорувањето, разните формати на ирзазување во социо-културниот простор, преку кои субјектот се поставува како столб на судирот во човековата политичка и уметничка продукција.

*****

Борис Буден е писател, критичар на културата и преведувач. Студирал филозофија во Загреб и докторирал во областа на Културна теорија на Хумболт универзитетот во Берлин. Во текот на 1990-те е еден од уредниците и публицисти во списанието Аркзин, Загреб. Неговите есеи и текстови покриваат теми од филозофијата, политиката до културна и уметничка критика. Меѓу неговите преводи на хрватски јазик се вбројуваат и две значајни книги од Сигмунд Фројд. Негови текстови се објавени во бројни печатени изданија вклучувајќи ги и BAK publication Concerning War: A Critical Reader in Contemporary Art (2006/2010) and Art and Contemporary Critical Practice: Reinventing Institutional Critique (2009). Буден е автор на следниве книги: Барикади, Загреб 1996/1997, Шахтата од Вавилон: Дали културата е преводлива?, Берлин 2004, (Вавилонска јама, Белград 2007), Превод: Ветувањата на концептот (со Стефан Новотни) (2008) и Зона на транзиција: За крајот на посткомунизмот, Белград 2012. Во моментов Буден е гостин - професор на Факултетот за Дизајн и уметност, Баухаус Универзитет, Вајмар. Тој живее и работи во Берлин.

Петар Милат е еден од најзначајните филозофи на поновата генерација, кој својот фокус го става на истражувањата поврзани со интерференциите и критичките релации помеѓу политиката, моќта, наложеноста, дисциплината и уметноста. Главен програмски координатор на култниот Мултимедијален институт во Загреб, МаМа. Ги координира издавачката, музичката и филмската програма на институтот. Од 2008 година е директор на Филмскиот фестивал за човекови права во Загреб. Нексусот на нормативните и општествените теории го претставува главниот фокус на неговите истражувања. Повеќе можете да погледнете на неговата лична веб страница www.zoeforward.org

***
„Проширено естетско образование“ е продолжение на соработката помеѓу пет истакнати организации коишто работат на полето на современата уметност, теорија и рефлексија, и општествена акција: Мултимедијални институт (Загреб), kuda.org, (Нови Сад), Контрапункт, (Скопје), Berliner Gazette (Берлин) и Културтрегер (Загреб).
Проектот „Проширено естетско образование“ е финансиран од Европската комисија, во рамки на програмата Креативна Европа, Министерството за Култура на РМ и Гете-институт канцеларија за врски-Скопје. Овој настан се реализира во соработка со ГEM Клуб.