Трамп и револтот на анксиозната класа

27.01.2016 17:24
Трамп и револтот на анксиозната класа

Големата американска средна класа стана класа на анксиозни - и револтирани. Пред да објаснам како се манифестира тој револт, да ги испитаме причините за анксиозноста. Да појдеме од фактот дека средната класа се намалува, како што покажува новиот извештај на истражувачкиот центар Pew. Изгледите за пад во сиромаштија се застрашувачки големи, особено за мнозинството без факултетски дипломи.

Две третини од Американците живеат од еден до друг чек. Повеќето во секој момент можат да ја изгубат работата. Многумина станаа дел од сè побројната армија работна сила „на чекање“ - работодавците ги ангажираат по потреба и плаќаат кога и колку можат. Од друга страна, ако прескокнат рата од кредитот или останат без пари за намирници и сметки, ќе го изгубат тлото под нозете.

Стресот има своја цена. Првпат во историјата се скратува животниот век на белите припадници на средната класа. Според резултатите од истражувањето на Нобеловецот Ангус Деатон и неговата соработничка Ен Кејс, средовечните бели мажи и жени во САД умираат сè порано. Се трујат со дроги и алкохол или одлучуваат да извршат самоубиство.

За Американците е многу поверојатно дека самите ќе си го одземат животот отколку дека ќе настрадаат во напад на џихадистите, а неодамнешната трагедија во Сан Брнадино само го продлабочува чувството на ранливост и несигурност. Анксиозната класа чувствува дека е препуштена на милост и немилост на силите кои не може да ги контролира. Без каква било причина се случуваат ужасни работи, а тие повеќе не можат да се потпрат на државата и да побараат заштита од неа.

Се кинат сигурносните општествени мрежи. Повеќето од оние кои остануваат без работа не се квалификуваат за помош за невработените. Државата и не се обидува да го спречи преселувањето на нивните работни места во Азија и вработувањето на нелегални имигранти. Не е во состојба да ги заштити од лошите луѓе со пушки и бомби. Затоа анксиозната класа се вооружува и купува повеќе оружје од кога било.

Тие веруваат дека власта е повеќе незаинтересирана отколку неспособна и дека пред сè работи во интерес на моќните и богатите - за капиталистите со добри врски кои ги финансираат политичките кандидати и за возврат бараат услуги. Кога оваа есен патував низ државите со републиканско мнозинство, насекаде одново ги слушав лутите тиради за администрацијата која ја контролира Волстрит, за банкарите кои ја упропастиле економјата и добиле пари да ги покријат загубите, за корпорациите кои добиле евтина работна сила, за милијардерите кои се провлекуваат низ дупките во даночните закони.

Минатата година двајца угледни политиколози, Мартин Гиленс и Бенџамин Пејџ, внимателно испитаа 1.799 одлуки усвоени во Конгресот последниве 20 години и интересите кои стоеле зад тие одлуки. Дојдоа до следниот заклучок: „Изгледа дека мислењата и ставовите на просечниот Американец имаат занемарливо мало, статистички безначајно влијание на формирањето на државните политики.“ Беше само прашање на време кога револтот на анксиозната класа ќе зоврие.

Сега се спремни да поддржат силен лидер кој ќе ги заштити од хаосот, ќе го спречи извозот на работните места, ќе го заузда Волстрит, ќе ѝ покаже заби на Кина, ќе се ослободи од илегалните имигранти и ќе го спречи влегувањето на терористи во САД. Потребен им е силен лидер кој од Америка повторно ќе направи голема земја - во превод: кој ќе направи просечниот работен човек во Америка повторно да се чувствува сигурен.

Секако, тоа е илузија, магионичарски трик. Ниеден човек не може сам да го направи тоа. Светот е премногу сложено место. Не е можно да се подигне ѕид на целата граница со Мексико. Не е можно да се исфрлат од Америка сите муслимани. Не е можно да се спречат корпорациите да ги селат погоните надвор од земјата. Не треба ни да се пробува тоа. Освен тоа, сè уште не живееме во диктатура туку во демократија, колку и да е таа несовршена.

Но, луѓето се спремни да поверуваат дека нивниот кандидат е доволно способен и цврст сето тоа да го изведе сам. Богат е, ги нарекува нештата со вистинското име, секое политичко прашање за него е тест на силата. И самиот зборува за себе како силен, а за противниците како слаби. Нема врска што е недоделкан и невоспитан; можеби токму тоа е потребно за да се заштитат обичните луѓе во денешниот свет полн со неизвесност.

Веќе со години го слушам сè поблиску татнежот на анксиозната класа. Чувствувам како нејзиното незадоволство расте во синдикалните сали и баровите, во рудниците и козметичките салони, во трговските центри и зафрлените краишта на рурална Америка. Ги слушам нивните приговори и цинизам, теориите на заговор и бес. Повеќето од нив се пристојни луѓе, а не расисти или лицемери. Напорно работат и имаат развиено чувство за правда. Но нивниот свет пропаѓа и се руши. Исплашени се и доста им е од сè.

А потоа се појави поголем силеџија од сите кои со години ги злоупотребувале, економски, политички и физички. Привлечноста е разбирлива, иако погрешно насочена. Ако не Доналд Трамп, ќе биде некој друг. Ако не во овој изборен циклус, тогаш во следниот. Времето на револт на анксиозната класа допрва доаѓа.

Извор: Social Europe

Слични содржини

Општество / Свет
Општество / Свет

ОкоБоли главаВицФото