Намалено поведение поради ФБ статус?!

28.01.2016 04:49
Намалено поведение поради ФБ статус?!

Пак јас со долгите текстови. И овој пат сакам секој да прочита, бидејќи на крајот на денот, блоговите и социјалните мрежи се најмоќни алатки за споделување на ставови и искуства.

Во последново тромесечје на училиште, поконкретно СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ – Велес, минав низ едно патешествие кое не би му го посакала ни на најголемиот непријател. Накратко, објавив статус во кој си го искажав ставот околу бркање на учениците кои беа без униформи на патронатот на Гимназијата.

За статусот бев повикувана на разговори со директор и служба кои се почувствувале многу навредени и изненадени, и ги болеше тоа дека ја кажувам вистината за тоа што се случува во Гимназијата. Разговорите беа психичко малтретирање за мене поради начинот на кој ми се обраќаа, и фактот дека три возрасни лица ѝ се нафрлија на ученичка од 16 години. Добив закана, или подобро да речам соопштение дека ќе бидам санкционирана поради ФБ статус.

Само еден факт: педагошки мерки се изрекуваат на ученик само доколку тој дејствувал со нешто во училиштето или за време на настава, еве конкретно, ако станува збор за навреда, ако навредам професор на училиште ќе ми биде изречена педагошка мерка, но не и ако навредам професор на улица после часови. Патем, немам навредено никој во образовна институција.

Враќајќи се на приказната, со самиот овој факт погоре, заклучокот е дека училиштето како институција нема никакво право да ми изрече педагошка мерка, знаејќи дека социјалните мрежи се место каде секој може да кажува што сака, секојдневно сме сведоци на тоа.

Бев во невладина, имав пријатна ноќ, оценките ми се сосема океј. Насмеана си доаѓам дома и мајка ми ме пречекува со зборовите: „Имаш незадоволително поведение“. Патем, во цело полугодие, сè на сè имам 2 неоправдани изостаноци. Поради доцнење.

И тука веќе пука филмот. Не можам да издржам, па затоа и го пишувам ова. Не можам да го занемарам ова што се случува.

За да се изрече педагошка мерка, потребно е да се завери записник, да се свика совет, да се донесе одлука, одлуката да се достави до родител и да има потпис од родител.

Ништо од тоа не се случи. Ниту јас ниту мој родител се потпиша на записник, ниту беше доставена одлука до моите родители, ниту некој се потпиша на одлуката.

Можеби малку се тресам додека го пишувам ова. Не од страв, туку од гнев. Гнев спрема системот, гнев спрема образовната институција во која се школувам, гнев спрема кукавиците и оние кои учествуваат во оваа неправда. Да, неправда е. Само не знам како ќе ме гледаат во очи тие луѓе во мојата преостаната година и пол од школувањето во Гимназијата. Навистина, како ли ќе ме гледате во очи? Еднаш нанесена неправда е засекогаш нанесена неправда.

Мислеа дека ќе можат да ме заплашат, ама очигледно не им успеа. Без разлика на фактот дека со тоа поведение можеби нема да можам да се запишам на факултет (и ќе бидам приморана да останам тука). Без оглед на сите малтретирања и притисоци кои ги доживеав во изминативе два месеци.

Откако ги разгледав законите и разговарав со стручни лица, си реков себеси: „Доколку пробаат да ми наштетат, излегувам во јавност со приказната, без влакна на јазик“. Немојте да се лутите за ова, само си стојам на својот збор.

Диктатура е мал збор за ова. Подобро би рекла, кажувај си сè што сакаш, меѓутоа подоцна ќе сносиш последици ако нам не ни се допаѓа она што го кажуваш.

Сакам да му се обратам на секој што го чита ова. Ако си кукавица, ќе просперираш. Ако преќутуваш, ќе просперираш. За жал, кај нас е така. А не треба да е така. Ако сакаш да направиш промена, почни од себе и искажи си го својот став. Ова го споделувам не за да заплашам некого, туку напротив, да охрабрам. Секој да си стои цврсто на она што го мисли и да не потпаѓа под влијанија, притисоци или закани. Или некои неправедни и нерегуларни педагошки мерки. Средното образование ќе го паметам по ова. Ќе го паметам по неправдите, притисоците, кукавиците, луѓето со лоши намери, несоодветните образовни реформи. Тоа е ерата во која живеам и јас, и моите врсници. Да застанеме еден зад друг и да се бориме против овие неправди.

Да сумирам: на одличен дисциплиниран ученик му ставија незадоволително поведение поради Фејсбук статус!

Извор: mladive.mk
Фотографии: Ванчо Џамбаски

Слични содржини

Жарко Трајаноски

ОкоБоли главаВицФото