Промашена „албанска“ логика

28.01.2016 13:09
Промашена „албанска“ логика

За потсетување: во 2001-ва, дел од етничките Албанци отпочнаа вооружена борба против својата држава. Не е за потценување што за тоа беше доволно нивното чувство за дискриминација, оти тоа е индикација за односите во државата, и како е управувано со неа. Оваа жална епизода, како првичен епилог, имаше Охридски рамковен договор, кој во политичкиот дел предвидуваше промена на Уставот за да се обезбеди рамноправност на албанската, и на другите етнички заедници.

Времето потоа ќе покаже како се спроведува Охридскиот договор, односно како се остварува рамноправноста на етничките Албанци (другите етнички заедници во јавноста речиси не се есапеа, така е некако и денес). Од словото на Договорот, извесно е, најголем ќар имаа партиските војници на партиите со албански предзнак, кои беа во коалиција со владејачките партии со македонски предзнак. Во таа смисла, „најпродуктивна“ беше оската ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ, водена од тандемот Груевски-Ахмети.

Како е остваруван спомнатиот ќар на албанска страна? Така што – според Рамковниот договор - рамноправноста на Албанците во вработување во јавниот сектор, е остварувана со „трупање“ на партиските војници, дури спротивно од нивната компетентност, но и потребите на државата (оттаму и толку произведени паразити).

Од изложеното неминовно произлегува дискриминација - сега во самиот албански етникум, кој го персонифицира ДУИ. Оти во прв план при вработување предност имаат кандидатите со партиска легитимација. Згора, ова е јасно компромитирање на Рамковниот договор (не е утешно што не е поинаку и во македонскиот етникум, ама тоа веќе не спаѓа во меѓуетничките односи, а произлегува од природата на партиите да им се оддолжуваат на „верните“ членови – со дискриминација на нечленовите, и на сметка на квалитетот на државата; ова некни одлично го забележала амбасадорката на Германија, Кристина Алтхаузер: „Превработеноста во државните институции, кои често се полни со лојални партиски следбеници наместо со компетентни административци“).


Зачудува тоа што при вакви состојби и движења, незанемарлив број политички, културни и јавни личности од албанско потекло, во настапи во медиумите или во своите текстови, постојано ја проблематизират САМО положбата на Албанците во Македонија, бидејки не покажуваат значителен интерес за другите етникуми. Чинам дека ова промашена логика, особено ако се знае табиетот на сегашната ДПМНЕ-ДУИ власт, соголена до коска со „бомбите“ на СДСМ; на која ѝ е иманентно пазарење, од ден до ден, од случај до случај. Општото добро на граѓаните не постои, а ниту искрена посветеност на декларираната определба за евроинтеграции.

За темава е илустративна статијата на г. Махи Несими, објавена во Утрински весник пред седум години („Проблемот на Македонија не се Албанците“). Според него, основниот проблем бил што „Македонците воопшто не ги познаваат Албанците, нивните потреби, квалитети, размислувања, стремежи“. По оваа безмалку бенигна реченица, следат неговите навистина втемелени забелешки, но и многу претерувања – дури навредливи за земјата. Токму затоа тогаш јавно се огласив.

 

Не ми беше тешко по повеќе „точки“ да се согласам со г. Несими. Многу децении носам впечаток дека македонскиот етникум, веднаш по АСНОМ 1944 година, се подразбирал како главен народ и „најрамноправен меѓу рамноправните“. Оттаму фрустрацијата и основаното чувство на дискриминација (не само кај Албанците!), што беше (и е) широко поле за делување на манипулатори - политички профитери, на кои им е гајле за последиците по меѓуетничките односи.

Нема сомнеж дека Несими ептен претерал со тврдењето дека над албанското население бил вршен образовен, културен и цивилизациски геноцид. Ако би било така, од каде толку образовани и умни Албанци во државата, толку врвни интелектуалци, толку успешни луѓе во разни подрачја, посебно во просветата, културата, во медиумската дејност, па ако сакате, од каде толку врвни занаетчии... Потребна е доза на критизерство за да не се види цивилизациската преродба на етничките Албанци, и на другите малцинства, најпосле и на етничките Македонци. За жал, се покажува дека таа преродба не е доволна – да не влегуваме сега во причините.

Испаѓа, имено, дека во Македонија би било сè во ред доколку етничките Албанци би биле изедначени со мнозинските Македонци. Што е тоа ако не заземање Албанците да бидат „порамноправни“ од луѓето од другите етнички заедници? И што тогаш треба да прават другиве, како да одговорат на евидентно новата дискриминација? Треба ли и тие правдата да ја бараат со насилни акции - барем на „својата“ територија, нешто како етничките Срби во Хрватска со прочуената „балван револуција“?

Секако не. За иднината на Македонија, меѓу другото, најважно е најпрвин мнозинските Македонци да разберат дека од припадноста на својот етникум не им припаѓаат никакви привилегии (ова во соодветна мера се однесува и на другите етникуми). Токму етничките Македонци треба да манифестираат подготвеност за градење односи во државата во која ќе биде обезбедена правда за сите, оти само така нејзините граѓани ќе ја чувствуваат како своја. И ќе немаат потреба подобар живот да бараат преку некритичко врзување за најчесто клиентелистичките партии. Колку тоа било залудно во времето од осамостујавањето на земјата, покажуваат денешните драматични состојби во државата.

Да заклучам: фокусот на прогресивните сили (меѓу кои ги вбројувам и овде критички опсервираните албански интелектуалци), треба да биде борба за општество без каква било дискриминација, бидејќи тогаш е бесмислена борбата за права на овој или оној етникум. Во оваа борба најмалку треба да се очекува од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, бидејќи тие ги црпат силите од своите етникуми, кај кои перфидно или суптилно, го разгоруваат анимозитетот наспрема другите – етничките Албанци, односно Македонци. Белки е јасно дека од тоа нема среќа - барем за мнозинството.

Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото