Извештаите во надолен тренд

29.01.2016 04:39
Извештаите во надолен тренд

Стигнаа извештаите на познатите меѓународни организации што ги регистрираат медиумските и другите слободи, корупцијата и воопшто условите за цивилизиран живот речиси во сите земји во светот. Од оценките и од местото на ранг-листите, може да се види дека Македонија бележи надолен тренд, што е сосема очекувано. Мерните инструменти на овие организации сепак не ја фатиле многу поважната промена, која е доминантна и бележи нагорен тренд: баш нè заболе за нивните извештаи!

Кому му значи, до кого може да допре извештајот во кој „Фридом хаус“ ја сместува Македонија во земјите што „страдале од парализирачка нефункционалност на нивните влади, што ги уназадиле демократските придобивки и приклучувањето кон ЕУ го направиле далечна перспектива“? Или дека е во групата „неслободни земји, а состојбата со слободите и натаму се влошува поради политичката криза“? А Индексот на корупција за 2015 година, објавен од „Транспаренси интернешнл“, на кој Македонија е на 66 место од 168 држави веќе не го есапиме ни како перцепција.

Во земји кои не може да ги оправи ни притисокот од силната меѓународна машинерија, ваквите механизми се наивно бесмислени. Исто како некого кому штотуку му изгорела куќата поради краток спој да го предупредувате на евентуално можните ризици од релативно лошата инсталација.

Извор: Слободен печат
Слика: Александар Ковачевски