Во Црната колиба на груевизмот

29.01.2016 12:59
Во Црната колиба на груевизмот

Одамна сфатив дека груевизмот не е политика туку разбојништво. Груевистите во најголема мера се разбојници, а дури потоа се популисти, политиканти, манипулатори, спин доктори итн. Клучен аргумент за оваа темелна теза е: груевизмот не прифаќа, во каква било форма, ниеден друг аргумент освен чистата сила. Ако на груевистот твојата идеја или самиот ти, како човек, не му се допаѓате, груевистот те множи со нула; или те отстранува или те игнорира. Дури и повремените компромиси што груевистите мораат да ги прават, кон надвор и кон внатре, не се темелат на никакви други проценки и вредности (долгорочни цели, идеали, морал, културни норми итн.) освен на екстремно соголениот однос на сили. Разумот или аргументацијата врз груевистот делуваат онака како што водата влијае врз најголемата брана на светот: нималку.

Затоа постојано тврдам: груевизмот е во суштина варварство, антицивилизациски феномен, нешто што доаѓа пред политиката и пред културата - атавизам, прост рефлекс за владеење; или си господар или роб, нема финеси, нема ништо друго помеѓу тие две позиции.

За да ја озабавам старава (и веројатно веќе банална) теза, ќе ја илустрирам со пар слики од гангстерски филмови, еден од моите омилени жанрови. Често обележје на ликовите на криминалците е непоседувањето образование и јазични финеси. Сјаен пример за тоа е ултимативниот класик на жанрот, филмот Лицето со лузна (Scarface, Хауард Хокс, 1932). Главниот криминалец во филмот, Тони (Пол Муни) не го разбира значењето на зборовите „гиздав“ или „феминизиран“; фразата хабеас корпус нему му звучи како хокус покус итн. Во еден друг класик од тоа време, филмот Обележана (Marked Woman,1937, Лојд Бекон), ликот базиран врз Лаки Лучиано не знае што значи зборот „интимно“. Стремежот на гангстерите да ги усвојат јазичните обрасци на повисоките општествени слоеви многу сликовито се гледа и во почетната сцена на филмот Багзи (Bugsy, 1991, Бари Левинсон) во која Бени Сигел (Ворен Бити) повторува бесмислени реченици за да ја поправи дикцијата: „За правилен говор нужно е да се изговори секој слог. На пример: дваесет џуџиња наизменично прават стоеви на тепихот. Дваесет џуџиња наизменично прават стоеви на тепихот. На пример: дваесет џуџиња наизменично прават стоеви на тепихот.“

Овдешниот културно декласиран пастир (дополнително обременет со комплекс на пониска вредност одбранбено преобразен во гротескно месијанство) на сличен начин не ги разликува зборовите алтруист и аутист или хипокрит и Хипократ. Дашиел Хемет, најголемиот писател на криминалистичкиот жанр, опишува еден лик: „Обидот да се насмее не му беше успешен, но на зацрвенетото лице тој ја задржа гримасата што беше настанала од тој обид“. Тоа е пастирот - вечно неуспешна шега, хронично згрчена маска. Неговиот говор, некни, пред Унијата на жени на ДПМНЕ, по кој знае кој пат ја потврди многу ограничената способност за изразување опасно вкрстена со агресивност, закани, страв, проститилук (склон кон спектаклук). А неартикулираниот говор речиси по правило е поврзан со неконтролираното насилство. „Најголемата опасност прикажана во гангстерскиот филм не е толку телесното насилство, туку говорниот чин“, вели Сара Козлоф.

Таа во својата интересна студија за филмот, „Зборовите како оружје; Дијалогот во гангстерскиот филм“ (2000), обрнува внимание на уште еден и за нас интересен феномен: ако гангстерите толку многу дрдорат, дали на некој начин се поврзани со женственоста? На прв поглед не, смета Козлоф. Гангстерските протагонисти од типот на Џејмс Кегни, Едвард Робинсон, Пол Муни, Роберт Де Ниро и Ал Пачино соодветствуваат на општествените особености на маскулинитетот: агресивни се, амбициозни, моќни, жестоки, храбри. Нивниот говор е полн со фалбаџиство, опсценост, заплашување или самооправдување. Но Козлоф смета дека на едно друго ниво гангстерите всушност имаат карактеристики кои стереотипно се етикетираат како женски: опседнати се со накитени костуми, ирационални се и водени од емоции. Нивната раздрдореност можеби треба да се сфати двократно, и како оружје и како знак на слабост. „Смртта на гангстерот на крајот на филмот е казна не само за кршење на законот на капитализмот, туку и на законот на маскулинитетот.“

Како и да е, важно ми е да нагласам: во суштина не мислам дека бандитскиот начин на организирање општество е ништожен или морално понеприфатлив од традиционалната капиталистичка ѓоамити повеќепартиска држава. Дури, не гледам некоја подлабока разлика меѓу ганговите (бандите) и партиите. И едните и другите првенствено се насочени кон пљачка и кон бескрупулозно владеење. Затоа, најмалку што сакам е да морализирам и да се згрозувам над бандитската природа на актуелната македонска држава. Просто, ги констатирам фактите и ја констатирам структурата на поредокот во кој живееме и кој е ноторно бандитски. Самиот факт дека ги почитувам (па дури и сакам!) бандитската иконографија и митологија, низ книжевноста и филмот, белки зборува дека моите позиции не се морализаторски или малограѓански. Сфаќам дека и мафијашкото устројство има своја подлабока социјална и културна позадина - која не треба туку-така да се отфрла, туку треба да се разбере.

Но, надвор од теориските конструкции или романтичните слики, за конкретниот бандитизам на груевизмот мислам сè најлошо. Мислам дека груевизмот е патократски хибрид на најлошите аспекти на бандитизмот и тоталитаризмот. Груевизмот ни во својата најмаскулинистичка, ни во својата најфеминистичка (или, ако сакате, геј) варијанта не може да биде прифатлив. Меѓу другото, груевизмот ми е неприфатлив и затоа што сите луѓе од Фамилијата (дури и оние кои некогаш можеби биле личности!) денес само ја потврдуваат прастарата теза дека купишта пари не можат од некого да создадат личност.

Груевизмот, значи, како систем на владеење, е своевиден патократски хибрид. Еве како Роберт Торе го опишува тој патолошки општествен систем: „Патокрација е облик на владеење кога психопатизирано малцинство темелно управува со релативно нормалното мнозинство. Нормалните се покоруваат, се вградуваат и му служат на психопатски изопачениот вредносен систем на животот. Длабински го осудуваат и во него суштински не веруваат. Но, сепак, во негово име прават работи кои инаку не би ги направиле. Иако психопатите на власт зависат од експертите кои во техничка смисла ја одржуваат пирамидата на моќта, тие сепак попрво на најважните позиции ставаат послушни и себе слични луѓе отколку способни. Затоа продуктивноста на системот паѓа и настанува социјална апатија проследена со општо осиромашување. Што, пак, ја зголемува зависноста од предаторските структури на моќта.“

Значи, според мене, постои одредена граница до која бандитското устројство на општеството е можеби прифатливо или барем споредливо со повеќепартискиот систем. Груевизмот таа граница одамна ја премина и стана психопатски феномен, поредок во кој мнозинството граѓани живеат под културна и морална анестезија. Малкуте луѓе кои ја гледаат зомбиевската природа на режимот принудени се да се чувствуваат како Скуби-Ду и Шеги: гледаат некој дух, а речиси никој не им верува.

Дури би можеле да речеме дека груевизмот, просто, е зло, Црната колиба од Твин Пикс. Пастирот е еманација на БОБ, принципот на злото, енергетскиот паразит. Во тој свет на Црната колиба најголема вредност е собирањето на гармонбозија, загадочната супстанца или енергија која настанува како резултат на човечкото страдање, болка, страв, но и врз основа на егоистичниот стремеж кон моќ. БОБ е дугпас, енергетски паразит кој преживува хранејќи се со таа супстанца, понекогаш и со помош на запоседнување на оние коишто свесно или несвесно ќе го повикаат во себе, луѓето со помош на кои тој (БОБ, принципот на злото) ќе создава услови за генерирање уште повеќе гармонбозија. (Сликарот Ацо Станковски, на пример, еден од идеолозите на груевизмот, е типичен пример на запоседнато суштество, некој кој се храни со гармонбозија и многу веројатно има рептилски опаш кој ритуално го вади само пред своите гдомски - или хашишарски, асасински - содружници.)

Овие будистички (или ламаистички, мистички) аспекти што ги спомнувам на крајот можеби немаат директна врска со македонскиот бандитизам, исто како што и серијата Твин Пикс го надминува криминалистичкиот жанр. Но, груевизмот во целиот свој апсурд и безизлез трае толку долго што ми се чини дека е логично човек да се сврти кон мистичното -ако сака да ја разбере масовната психопатологија - или, ако повеќе сакате, кон просветлувачката иронија и хуморот.

Фотографиите се од филмот Scarface (1932)

ОкоБоли главаВицФото