Алеш Дебељак (1961 - 2016)

29.01.2016 17:52
Алеш Дебељак (1961 - 2016)

Алеш Дебељак, еден од најдобрите современи словенечки поети, вчера загина во сообраќајна несреќа на 55-годишна возраст. 

Роден е 1961 година во Љубљана. Дипломирал компаративна книжевност на Филозофскиот факултет во родниот град, докторирал социологија на културата на Универзитетот Сиракјуз во Њу Јорк. Бил Фулбрајтов стипендист на калифорнискиот универзитет Беркли, работел на Институтот за напредни студии во Будимпешта, бил советник во центрите Сивитела Раниери и Болјаско Лигурија. На словенечки објавил петнаесетина културолошки есеи и осум книги поезија, ги превел избраните песни на Џон Ешбери и книга за социологија на знаењето, а уредил и повеќе антологии. Добитник е на повеќе меѓународни, југословенски и словенечки награди, меѓу кои и националната Прешернова награда и титулата Амбасадор на наука на Република Словенија. Книгите му се објавени во превод на англиски, јапонски, германски, француски, хрватски, српски, македонски, полски, литвански, романски, албански, фински, унгарски, чешки, словачки, шпански, каталонски и италијански. Бил уредник на меѓународните списанија за култура Сараевски тетратки и Verse, и гостин-уредник на Cultural Sociology и www.fastcapitalism.com. Бил постојан гостувачки професор на колеџот Европа во Варшава, а во 2006/07 бил професор по Меѓународни студии на Универзитетот Нортвестерн во Чикаго. Работел како редовен професор по културологија на Факултетот за општествени науки при Универзитетот во Љубљана. Членувал во Европскиот совет за меѓународни односи (Лондон-Берлин-Париз-Мадрид-Софија). Со својата жена, писателката Ерика Џонсон Дебељак, и нивните три деца, живеел во Љубљана.

Алеш Дебељак беше член и на Меѓународниот уредувачки одбор на Блесок.

Во продолжение, пренесуваме неколку негови песни во препев на Игор Исаковски.

 

МОРСКА ВЕРНОСТ

Улицата на слободата се извива нагоре, ги ширам ноздрите,
Дуинскиот замок и стрмите карпи внимателно ги душкам,
за да се загубам во земјата, која по мене копнее
како и јас по неа, едвај малку поинакво од ритамот
кој книгата на времето од дамнина го одредува, неодминлив
мирис на алги и бреме од сништа, кое од темнината на морето
мириса и од џбунот диви ружи, кој зад себе
го оставам, додека се искачувам, тврдината чека,
тивко збивта како доверливо животно на која многу
ѝ останува скриено, полумракот на украдениот ден,
и во него, гледај, точно онде каде вниманието
на камерата не досега, како таму се шират нозе,
како влажната моќ на мисијата не прави разлика
помеѓу бокал и шолјата, гледај, како далеку
од сигурната форма оставам да ме заведе, божем
од врвот на кулата, која со мака ја освоив,
па патот кој води само надолу, во меката длабочина,
каде прогонството започна, се спуштам,
трескавично, божем нешто ќе пропуштам,
божем мигот, во кој тонам,
трае отсекогаш, како верноста на магнетот.

 

БЕЗГРАНИЧНА СОБА

Да, им припаѓам на оние кои некогаш ги привлекувала дражта
на крвавењето: на дивечот кој од утописките призори
во стварноста влетува и ловецот го обележува: На луѓето
кои ги одредува староста на злосторот на земјата и во немирниот сон.

Не велам дека повеќе не ме интересира бучавата на подземната река,
низ која толку пати отаде сум пловел. Тоа не. Но раната,
која ме осудуваше на самотија на господар, сега го смени
обликот. Порано бев еден, сега сум веќе племе. И

тегобата на чунот, кој се оддалечува од брегот, ме вдахнува само уште
во стаклото на огледалото. Се гледам себе само во трепетот
на дробното тело, кое го обликувала слатката збрка на моите копнежи.

Понизно ја воспевам таа радост: ми даде да го запознам крајот
кај што ќе запрам ако ја заслужам благодатта. Му служам на здивот кој
мириса на млеко. Ноќе бдеам, за денот да може повистинито да болсне.

НА РЕТКИТЕ ПРИЈАТЕЛИ

Над стадото бели градови и над пожарите за миг
змеј се појавува, потполно пурпурен, воден од детска
рака. Дојдете малку со мене. Не е далеку до
местото од кое ќе имате навистина добар увид
во зрелоста на плодот. Неиздржливо нужно, како хоризонтот, кој е тука
за да ја омеѓи светлината и поразите на човечките сенки да ги омекне.
И вие ќе лежите. Тоа го знаете. Тука ќе ги обмислите своите
помирувања меѓу соседите, грешките во јазикот, ужасот на војските
во бег, биографијата на градските ѕидини, улиците и плоштадите,
плунката, срцебиењето и затегнатите мускули, неколку портрети
на фреските и можеби списи од повисокиот суд.
Дојдете. Малку со мене. Тука ќе треперите, како што
јас треперам од љубов и напор: без спомени
лесно преживувам, но не без оставината на сокот.
Сега клечам сам, но не би сакал засекогаш:
Дојдете. Малку со мене, клекнете пред гнездото на раѓањето
и во мудроста понадевајте се, која од распрснатиот плод
густо се цеди. Дојдете. Малку со мене, зашто таму никој
не се осмелува да оди сам, без слатко да испари а во
пелтечење и во дожд од семе да исчезне од видливиот свет.

 

ОЧЕВИДЕЦ ВО ГРАДИНАТА

Ако е вистина дека луѓето залудно се довикуваат од самотија
во самотија, сакам овде, пред илјадници погледи
од млади души, кои молчат тапо како кипови,
да се загледам за последен пат во цветот, можеби
чувствителна булка, шафран или гордо лале,
или некој таков кој само три часа цути:
сеедно. Само би сакал да потврдам дека светот не ќе е потполн,
ако ти недостасува мојата близина. Затоа би сакал
едноставно да те земам в раце, да ти го притиснам стеблото,
да те одмерам на рака и да те згмечам во дланките и веднаш
и самиот да паднам и сок да станам, кој тече во она
што порано не постоело, би сакал од воздухот
исполнет со влажна миризба, до мила волја
да се надишам и јас, би сакал да ти искапам меѓу косата
и низ корењата и низ здрвените цевчиња
сè до латиците да патувам, би сакал да се заколнам
на врвот како проѕирна капка утро,
би ја исповедал вербата во вертикалата,
вртоглаво би нараснал, без споредби,
и лавината крв, која ќе ја почувствувам во прстите,
сета сила ќе ми ја земе и прошка ќе ми даде,
кога ќе се исцедам во споменот, кој на твоето
име секогаш му приоѓа со бранови радост.

ПОСЛЕДЕН ИЗЛЕЗ

Сакам да одам гологлав и јазикот да го пружам, ведрината
на волната глина ме интересира, го почитувам и
законот, колку што воопшто можам да го разберам,
го примам како пеење, како танц поретко, но секогаш
како празник. Откако ми ја покажа тесната патека
до прибежиштето, мојата надеж е сè поголема.
Дај ми верност, која не е природна,
дај ми облици на материјата, да се огласам
со пекав детски глас и како блесок
од блиц да ја пробијам секоја кома, секој чад
и магла од трева. Направи исклучок, милост
дај ми, да не бидам како другите, спружен
попусто кон небото, попрво надолу би растел,
во растреперната почва: нека длаби бесконечно
и истрајно, таа чудесна сила, која се разлева
незабележително низ сите капилари и ме тера
навистина лесно примерно да ти служам, да те лижам,
нежно, нужно и алчно, како мека
смола од аџилаците на опиумските полиња,
те лижам како доказ, ако сè уште ти треба,
дека не си сама кога те поплавува и те удира
право во средиштето: само еден свет постои
и јас го чувам без никакво каење.

Песните се преземени од Блесок бр. 71-31

ОкоБоли главаВицФото