Филантропи на маки

30.01.2016 13:10
Филантропи на маки

Писмото на Марк Цукерберг за штотуку родената ќерка, во кое ветува дека своето богатство ќе го посвети на филантропијата, е наменето за една личност, но го прочитаа и за него разговараа милиони – ама 1825 луѓе тоа го направија особено внимателно. Тоа се останатите членови на елитниот клуб светски милијардери според најновиот годишен попис на списанието Форбс, чиј вкупен имот изнесува седум билиони долари.

Колегите на Цукерберг веќе ѝ се посветија на филантропијата. Ако се меѓу оние 230 кои ја наследиле својата милијарда, можеби веќе целиот живот даваат пари за добротворни цели; ако парите ги заработиле неодамна во индустријализацијата на Кина или создавајќи го еднорогот во Силиконската долина, без сомнеж веќе ја прифатиле можноста да им помагаат на оние со помалку среќа и да направат светот да биде подобро место за живеење. Во секој случај веќе се активни во филантропски потфати во овој интересен период кога се преиспитуваат старите начини на донирање, кога дури и дефиницијата што значи да се биде филантроп, очигледно се проширува.


Традицијата на филантропите


Гестовите на високиот профит, како ветувањата на Цукерберг дека 99 проценти од своето богатство од Фејсбук ќе го даде во добротворни цели, предизвикаа дискусии, особено во Америка каде традицијата на големите филантропски потези се протега наназад сè до експлоататорските капиталисти како Џон Д. Рокфелер и Ендру Карнеги. Во ова второ позлатено доба, општествата повторно мерат каква е вистинската рамнотежа помеѓу поттикнувањето на филантропијата и оданочувањето на имотот за да може да го редистрибуира власта.

Меѓутоа, за младиот филантроп, тоа е најважната одлука, изборот на брзината, ширината, со колку контроверзии и преку кои легални структури треба да дејствува.

Сите прашања ја рефлектираат дебатата за бесната филантропија. Тоа не е лесна задача: како да се поделат милиони долари?

Многу е позабавно да се донира во текот на животот, отколку по смртта, со задоволство вели Чак Фини. Ирско-американскиот деловен човек (84) кој 1960 година го основал малопродажниот ланец Duty Free Shoppers, е модерен пример на движењето „донирање за живот“, кое смета дека богатите треба да почнат со филантропијата што порано – и рано да завршат со неа. Движењето е предизвик за традиционалниот модел на американската филантропија, според која Џон Д. Рокфелер, Хенри Форд и Ендру Мелон ги основале фондациите, кои се меѓу најголемите добротворни друштва во земјата дури и по речиси седум децении од смртта и на последниот основач, и кои трошат приходи само од донации.

 

Atlantic Philantropies на Чак Фини, кои го подариле својот сопственички удел на DFS уште во 1984 година, добија фиксен датум за затворање во 2020 година. Следната година ќе ја дадат својата последна донација, што вкупно се средства во износ од осум милијарди долари, преку различни акции, од грижа за пациенти со деменција во Ирска, превенција на сида во Јужна Африка и борба против смртната казна во Америка.

Името Џулиус Росенвалд, основачот на малопродажниот Sears, едвај и се забележува во споредба со Рокфелер, но е ценет како застапник на „донирање за живот“, бидејќи прв кажал дека самиот би требало да го потроши богатството, а не да донира во долготрајни организации. Богатството траело до 1948 година, 16 години по неговата смрт.

Семејните фондации, наменети за идните генерации, и понатаму остануваат главен американски модел и успешно се извезуваат во странство. Советниците за филантропија велат дека ги копираат новите милијардери во Кина и на Блискиот исток. Саудискиот принц Алвалед бин Талал ал-Сауд рече дека оваа година за своите деца ќе основа фондација која ќе работи и по неговата смрт како „грижа за целото човештво“.

Причината зошто движењето „донирање за живот“ расте во Америка е повеќе од обична „забава“ за кое зборува Фини, и вели дека е задоволство нашите пари да имаат учинок. Постои и математички аргумент.

Чекањето има смисла само ако мислите дека парите растат побрзо од проблемите, вели Хал Харви, главниот директор на Energy Innovation, новиот советодавец за политика за околината. Големите трошоци на акциите за промена на климата се поефективни, вели, отколку повремените донации во текот на годината додека јаглеродот и понатаму се таложи во атмосферата. „Ако негативата се сложува побрзо од позитивата“, вели Харви, „потрошете ги проклетите пари“.


Заземањето ниши


За Кристофер Оксли, главниот директор на Atlantic Philanthropies, тоа, исто така е прашање на скромност. „Ние не сме единствени со богатство наменето за јавното добро. Не бидете толку егоцентрични да верувате дека светот не може без она што вие го мислите и правите, и дека никој друг не го може тоа. Има уште богатство!“

Коосновачот на Фејсбук, Дастин Московиц и неговата сопруга Кари Туна ја основаа GiveWell, организација која ја води поранешен аналитичар од хеџ фондовите, така што можат да ги квалификуваат најефикасните видови филантропија, додека инвеститорот на Фејсбук, Шон Паркер, застапува заземање сопствени ниши – негова е карциномската имунотерапија.

Кога свежите милијардери од технолошката индустрија ќе се појават на вратите на Community Foundation во Силиконската долина, организација за советување донатори, им покажуваат конзерва полна со карти за игра. На секоја е запишана вредност – понизност, правда, традиција, на пример – или цел – граѓански права, безбедност на храната, домување и засолништа. Целта е на идниот филантроп да му се помогне да одлучи на што ќе се фокусира. Навистина постојат милијарда начини да се поделат милијарда долари.

 

Клучното прашање, вели Мелиса Берман, од една друга организација за советување донатори, Rockfeller Philanthropy Advisors, е дали треба да се избере широк распон на целите во една тема или потесен збир предизвици.

Можеби тоа е заради ширината на влијанието на Фејсбук врз нашите животи, но основачите си зададоа исклучително широки амбиции. Цукерберг ја избра целта „да го унапреди човечкиот потенцијал и да промовира еднаквост за сите деца“, а во јавното писмо до својата новородена ќерка Макс, зборува за широките потенцијални подрачја на фокусот, од персонализираната едукација, излекување од болести до изградба на заедници.


Избор од таблица


Во меѓувреме, коосновачот на Фејсбук, Дастин Московиц и неговата сопруга Кари Туна прифатија методичен пристап на избирање интервенции од голема таблица која вклучува проценка на секакви вредности, од спречување астероид да удри во Земјата до готовина за селаните во Кенија. (Астероидите не добија пари, кениските селани добија.)

Важна е пораката на Кари Туна за избирањето цели, дека не смее да се заљубува во нив. Вели дека излегувањето на терен заради проценка на добротворната работа има и негативни страни. „Многу е лесно да се заљубите во проблемот“, вели. „Посетите се важна алатка кога веќе еднаш сте ја избрале областа на фокусот; помалку се вредни како алатка за споредување“.

Оние кои го застапуваат потесниот пристап – можеби проблеми со болести кои ги нападнале членовите на семејството, или проблем во соседството – велат дека е поедноставно страста да се подели на помалку цели.

Шон Паркер, инвеститор во Фејсбук, претходно оваа година пишуваше дека филантропите мораат да се концентрираат на областите во кои имаат единствен увид или нов пристап. Тесното не значи дека е без амбиции, но значи дека амбициозниот филантроп мора да размисли за својата толеранција на ризиците.

Постои проблемот „сите јајца во една кошница“, вели Берман. Филантропот што вложува многу во, на пример, геномскиот пристап на карциномот, можеби ќе заврши без големи резултати, вели Берман, „освен што може да се каже дека на медицинската заедница сте ѝ заштедиле милијарда долари кои би можеле да ги потрошат во таа слепа улица“.

Колку добро се снаоѓате со политичките прашања? Тоа ве прашува Лора Арилага-Андресен, авторка на Giving 2.0 и сопруга на капиталистот Марк Андресен, бидејќи со амбицијата на милијардерот да поттикне големи промени во светот доаѓа и потребата да се галванизираат и јавноста и политичарите. Секој што сака да го реши проблемот на бездомниците во Сан Франциско, на пример, набрзо сфаќа дека промената на политиката на власта во градот ќе има подолготраен учинок отколку финансирањето засолништа. Никој нема да ја реши промената на климата, што е причина зошто донаторите како Џеф Скол, поранешен директор во eBay, се фокусираат на галванизирање на јавното мислење преку групи за локални кампањи, јавни односи и, пред една деценија, финансирање на документарецот на Ал Гор, „An Inconvenient Truth“.

 

Промената во целиот систем е експлицитна цел за многу, денес најбогати филантропи – сигурно е помодерна отколку градењето болници или основањето музеи – но е тешка и контроверзна.

Лора Арилага-Андресен напиша книга која има поглавје со наслов „Почетокот на битката“. Како поборник на филантропијата мора да бидете сигурни во што верувате и да бидете подготвени да ги браните своите принципи“, напиша.

Контроверзите се дел од тој избор. Никогаш не постоела јасна линија помеѓу филантропијата и политиката. Луѓето кои се попознати како политички донатори, како Чарлс и Дејвид Кох, финансираат и филантропски операции кои соодветствуваат со нивните убедувања. Фондацијата Чарлс Кох финансира стипендии и академици за да промовира истражувања за слободните пазари, и го финансира Светскиот индекс за економски слободи во Институтот Фрејзер.

Промената на американскиот образовен систем преку создавање „чартер“ школи – нови институции во рамки на јавниот сектор кои се делумно одвоени од контролата на локалните власти – ги поддржуваат сите од малопродажното семејство Волтон, преку управителите на хеџ фондовите, до Бил Гејтс. Но, исто така наидоа и на силен отпор од синдикатите.

Харви тврди дека филантропите мораат јасно да изберат: „Ако сакате да ве фалат во весниците, дајте им ги парите на локалниот клуб или локалните музичари. Колку што е помал проблемот врз кој влијаете, толку се посилни сигналите на вашето задоволство. Со системската промена, дури и ако успеете, причинско-последичниот ланец е матен. Има помалку признанија, помалку општествени заслуги.“

Но, размислете: дури и една донација за добро организирана, неполитичка институција не е гаранција и заштита од јавната критика, што оваа година му се случи на Џон Полсон. Управителот на хеџ фондот донираше 400 милиони долари за Универзитетот Харвард, но го критикуваа заради поттикнување нееднаквост бидејќи награди веќе одамна елитна институција.

Не размислував многу, рече основачот на eBay, Пјер Омидјар во 2003 година кога одлучил да го отфрли традиционалниот модел на американската филантропија и да престане да дава пари на добротворни организации. Платил поголем данок, еден или два милиони годишно, но во контекст на потрошените 100 милиони долари годишно во добротворни цели, му изгледало како мала цена за она што, години подоцна, го нарекол „флексибилност да се искористи сè што е можно за да се подобри светот“.

Добротворните фондации повеќе од еден век биле основна структура за големи филантропски активности во Америка. Нешто од тие подароци на личните фондации може да се искористи за даночни олеснувања, а за возврат владата бара тие организации да распоредат барем пет проценти од своите приходи секоја година, а постојат и други правила, вклучувајќи и забрана за политички активности.

 

Одлуката на основачот на eBay својата филантропија да ја насочи преку мрежата Omidyar Network, компанија со ограничена одговорност без даночни олеснувања, но и без ограничувања, ја следеа Лорена Пауел Џобс, вдовицата на Стив Џобс, а сега и Марк Цукерберг.

Стипендиите се само половина од 890 милиони трошок на таа компанија од самиот почеток, вели Мет Беник, партнер во Omidyar Network. Нивните „моќни инвестиции“ ги исполнуваат целите за промоција на Омидјар за финансиско вклучување и пристап до интернет; вклучувајќи ја услугата Пага во Нигерија, пренос на пари заснован на мобилни телефони, како и eCurrency Mint, компанија од Даблин која им дозволува на централните банки да создаваат дигитална валута слична на биткоинот.

„На колку непрофитни организации приходот им пораснал од нула до 50 милиони долари во текот на изминатите 40 години?“ прашува Беник. „Одговорот, според истражувањето на Бриџспан, непрофитните советници, е 142. Колку профитни организации го направиле истото? Десетици илјади. Ако нивниот производ или услуга придонесува за благосостојба во светот, имаат најзначаен позитивен учинок.“

Појавата на повеќестраните пристапи на богатството од една милијарда го промени она што значи да се сметате за филантроп. Донацијата или вашето име во библиотеката бледнее во споредба со амбициите на новите генерации донатори.

Успехот на оваа еволуција ќе се мери не само со бројот излечени болести, спасени или поправени животи, како и решени општествени предизвици, туку делумно и со прифаќање на тие пристапи во пошироката јавност.

Засега постојат скептици. По ветувањата на Цукерберг овој месец, на Твитер, Џеси Ајзингер од истражувачкото новинарство ProPublica, кое го основаа хипотекарните милијардери Мерион и Херберт Сендлер, пишува: „Ѝ благодарам на Силиконската долина што ми ја уништи дефиницијата за филантропија“.

Извор: Globus, 01.01.2016
Слики: Џо Веб