Грчев пред 30 години: Шах со бели фигури

30.01.2016 13:30
Грчев пред 30 години: Шах со бели фигури

Сите знаеме како се игра шах со црни и бели фигури. Но, дали некој знае како се игра шах само со бели фигури? Тоа сигурно веќе нема да биде шах, ако воопшто заличува на игра. Пораката е јасна: играта е овозможена од противречностите кои се вградени во нејзините правила.

Оваа елементарна дијалектика фрла светло на еден од суштествените аспекти на парализата на нашиот политички систем. За што се работи? Сите идејни струења и интереси, меѓу кои има и сосем противречни, им се колнат на верност на истите идеали и дејствуваат во име на истиот пат кон светлата иднина. Оваа, во суштина, лажна истомисленост го блокира системот, зашто не го овозможува продуктивното разменување и борба на идеи, како и артикулацијата на реалниот живот во идејната сфера. Со еден збор - шах.., но само со бели фигури! И додека политичкиот систем на едно имагинарно ниво попусто се обидува да воспостави игра само со бели фигури, во стварноста црните фигури слободно се движат по таблата, играјќи гамбит во кој наместо пешак се жртвува нашата иднина.

Како да се распознаат вистинските бои на фигурите, кога сите се облечени во бело?!

Само едно нешто непогрешно ги разликува белите од црните: не идеалите кон кои целат, туку методата што ја избрале за нивното остварување. Лесно е да се имаат високи идеали - секој може да се наметне со нив! Тешко е во остварувањето и на највозвишените идеали да не се прават ниту сосема мали неправди.

Така, на пример, принципот според кој целта ги оправдува средствата непогрешно ги открива догматските духови. Затоа на сите видови сталинисти им погодува атмосфера на загрозеност и паника: таа ја прави логична и оправдана нивната недемократска метода. Затоа ним им е секогаш потребен „дежурен“ непријател и тие го прибавуваат макар требале да го измислат. Нивната метода се препознава по императивната неодложност и брзина која нивните постапки ги прави единствено можни, додека нивните страотни грешки секогаш паѓаат на „совеста“ на историските детерминации од повисок ред.

Исто така, на пример, нарцисоидноста непогрешно ги открива националистите. Префрлањето на вината од својата нација или средина на сите други, блиски и далечни соседи (или на еден посебно избран - „дежурен“), е нивно дистинктивно својство. Во барањето оправдувања за сите свои неуспеси тие се способни да копаат илјадници години длабоко во историјата. Затоа будењето на националниот романтизам е секогаш нивниот прв политички потег. Итн.

Па, ако толку лесно се препознаваат црните и белите фигури, ќе се запраша некој, откаде тогаш толку присутниот синдром на шахот со бели фигури кај нас? Зошто фигурите не се поделени на црни и бели, зошто играта не зела замав за да може да се процени исходот на партијата?

Синдромот е присутен веројатно затоа што им обезбедува привидна и привремена сигурност на фигурите, зашто во подмолната гамбитна игра материјалот што се жртвува за иницијатива е секогаш од редовите на оние што биле први препознаени или што први препознале.

Комунист, 13 ноември 1987

ОкоБоли главаВицФото