1022 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:59
Оваа броенка-пеенка ја паметат сите деца кои имале детство на улица, а некогаш играле криенка (по скопски – жмурки), брканица, б’ззз (тоа е онаа игра кога едната рака ја ставате под другата мишка со дланката нанадвор и треба да погодите кој од зад грб ве шлапнал) и слично, а почнуваше со слоговна поделба на текстот за бомбата што паднала од небото и ја удрила Баба Меца. Некако ми текна на неа, гледајќи ја нашата тажна реалност која колку што е детски наивна, толку е и траорно сериозна. Тоа е онаа ситуација кога не знаете дали да се смеете или да плачете, односно кога се смеете од мака.
Токму така ми изгледа нашата македонска политичка бурлеска-гротеска во режија на кој друг, ако не Груевски. Во суштина, неговата игра е премногу детинеста за да може сериозно да биде сфатена, но под дејство на форсираната кампања од неговите измеќарски медиуми, многу лесно се голта. Се прифаќа како вулгаризирана верзија на доброто наспроти лошото, односно во наметнатата наивна релација, добриот чичко е тој, а ние останатите сме плачковци и тужибаби.
Арно ама, бидејќи според сè уште важечкиот избирачки список, во Македонија речиси и да нема деца (на помалку од два милиони жители, имаме 1,8 милиони полнолетни граѓани со право на глас), што значи сите сме возрасни, вреди некои работи да се разголат до нивната базична бизарност.
Прво, врз основа на презентираните снимени телефонски разговори, Груевски и Фамилијата се под сериозни сомневања за сторен криминал преку злоупотреба на функциите во државата.
Второ, како главен осомничен за злосторство против сопствената држава и народ, Груевски едноставно нема никакво (ниту законско, а уште помалку – морално) право да биде рамноправен партнер во изборна трка, посебно поради фактот дека, меѓу другото, за него постојат сознанија дека е креатор на претходно лажирани избори.
Трето, за да биде кредибилен партнер во изборниот процес, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, мора прво да ја докаже својата невиност пред регуларен суд во регуларна постапка.
Четврто, сè додека трае постапката против него, па макар и во предистражна фаза (а таа е покрената уште на четврти декември минатата година од Специјалното јавно обвинителство и тоа токму за изборните нерегуларности), тој не смее да влијае врз сведоците. Уште помалку врз јавноста.
И петто, ниту Договорот од Пржино, а уште помалку изјавата на еврокомесарот Хан (дека квалитетот на изборниот процес бил поважен од учеството на сите партии), не можат да бидат алиби за прекршување на процедурите.
И така, дојдовме до процедурите. Организацијата на секое општество почива на почитување на нормите и правилата на игра за кои сите се согласуваат, односно на процедури, официјализирани во закони. Она што сега го прави Груевски бркајќи си кампања и говорејќи по разноразни партиски конференции (на кои, дури и се заканува), она што го прават анонимците од анонимниот Совет на јавни обвинители опструирајќи ја Катица Јанева, она што го прават партиските анонимуси во Парламентот, блокирајќи ја работата на Анкетната комисија за прислушуваните телефонски разговори или, пак, она што се прави со ескивирање на обврските за прочистување на избирачкиот список и реформите во медиумскиот сектор, претставуваат класично и еклатантно прекршување на процедурите.
Зошто инсистирам на процедурите? Едноставно, затоа што многу луѓе сè уште веруваат дека целава криза во државата ќе се реши со избори на кои Груевски и Фамилијата ќе победат. Притоа, заборавајќи дека истиот тој Груевски и истата таа негова фамилија се причина за кризата, а како такви, никако не можат да бидат нејзино решение. Тоа создава первертирана ситуација, исто како криминалецот да му суди на судијата, пациентот да го оперира лекарот или разбојникот да го гони полицаецот (патем, груевизмот години наназад токму тоа се обидува да го октроира како систем на вредности).
Да заклучам: Опцијата Груевски да победи на избори е еднаква на кулминирање на кризата во мојата држава. Тоа ќе значи конечен крај за Македонија како држава, бидејќи легализацијата на прекршувањето на процедурите, сама по себе води кон самоуништување. Со гној и крв.
Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Свирачиња