Татко ми

01.02.2016 03:10
Татко ми

Се родивме, растевме, се образувавме во социјализам, а ни се падна да живееме во почетокот на едно грдо феудално општество. Растевме со песни старомакедонски, комитски, партизански, шлагери, шансони, рокенрол, реге, диско, хард рок, хеви метал, панк и не ни пречеше кој што слуша. Навивавме за Вардар, Работнички, Пролет, Победа, Пелистер, ама и за Црвена Звезда, Партизан, Хајдук, Динамо и Вележ, затоа што вредеа.

Татко ми беше дипломиран економист и долгогодишен директор на големо скопско претпријатие. Комунист, кој во својата библиотека ги имаше сеќавањата на Ѓорче, Даме, Сандански, историјата на Македонија на Ташковски ,сите дела на Достоевски, Балзак, Крлежа, Андриќ, сите дела на античките трагичари, Библијата со посвета на тогашниот архиепископ Г.Г. Гаврил, а беше и на гробот на Исус и имаше потврда дека е аџија.

Е тој човек, тој мој татко Ѓорѓи, ме воспита да ја сакам, да ја чувам и бранам оваа Македонија. Со него заедно го гледавме документарниот филм за Катиљ Ѓорѓи, во продукција на ТВ Скопје некаде на крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години. Тој, татко ми, ме натера да ја научам македонската химна и да ги засакам Охридските трубадури, Васка Илиева, Никола Бадев, Танец, МНТ, Драмски, ме воспита да си го сакам родот македонски. Ама, не ме воспита да ги мразам другите.

Татко ми имаше побратим, по име Ќанија, другари му беа Џемаил Чоку, Сами Мизрахи, Садо Хаме, Ратомир Шеќариќ, Душко Томиќ... другарите, пријателите, не ги бираше по името и презимето, туку по она што го носеа во себе.

Говореше два-три јазика и во средината на седумдесеттите доби понуда од кралот на Кралството Шведска да раководи со некој проект таму. Убаво помнам што ѝ рече на мајка ми: „ моите деца ќе учат само на македонски!“ Потоа исти или пак слични такви понуди доби од Република Кина (Тајван) и Ирак, и нив ги одби.

Крајот на социјализмот се ближеше. По смртта на Тито не беше веќе исто, иако ние младите и не го сфаќавме тоа.

Недела беше кога умре Тито. Со другарите бев во паркот, во тогашен Кермес. Гледав како војниците со капите в рака трчаат кон касарната Илинден.

Кога си дојдов дома татко ми и мајка ми гледаа телевизија, ја гледаа таа првата програма од двете кои постоеја. Татко ми беше смирен и ми рече дека секој живот има крај и дека и Тито бил жив човек, ама уште долго ќе го памтиме, ми нагласи.

И дојде распадот на Југославија.

Му се допадна настапот на Петар Гошев. Јас влегов во Лигата за демократија на професорот Марјановиќ преку објавата во Млад Борец, тогаш уредуван од легендарниот Никола Младенов. Во ред е тоа, ми рече татко ми, Марјановиќ е голем човек, најважно е што е чесен, нема да манипулира.

На првите избори гласаше за Андов, а јас, брат ми и мајка ми за ВМРО-ДПМНЕ. Мајка ми му рече, ќе гласам за оние за кои децата ми гласаат. Не се налути.

Кога пропадна Југославија, сфати дека и покрај 35-годишното директорување, неговото семејство живее под кирија и со заштедата од мајка ми и неколку позајмици успеа да го откупи станот.

На 11 септември 2001 доби мозочен удар. Седми му бил, ми рекоа докторите по компјутерското снимање, поживеа уште десет години потоа. Секогаш спремен за разговор или пак со весник или книга в раце.

Мислев дека не ги следи случувањата во Македонија.

Во 2008, тивко ми рече: ова, синко, нема да успее...

 

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Фотографии: Томислав Георгиев