Еднократност на информацијата: Зголемување на контрола врз полицијата

02.02.2016 05:08
Еднократност на информацијата: Зголемување на контрола врз полицијата

Медиумите објавија: „Ќе се зајакнува контролата над работата на полицијата“. Во сите медиуми што ја дистрибуираа оваа информација, беше пласиран помалку или повеќе идентичен текст според кој,

„Проект за поддршка за воспоставување на надворешен механизам за контрола на работата на полицијата ќе биде промовиран денеска во Скопје, тој ќе се реализира во период од пет месеци и се очекува да заврши до крајот на април годинава.
Целта на проектот е да обезбеди поддршка на националните власти во процесот на воспоставување на независен и ефикасен надворешен механизам за контрола на работата на полицијата.
Проектот е финансиран од Советот на Европа и од Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија.“

Ова е еден од малкуте текстови што се појавуваат во последно време, а кои не само што се објавени и во медиумите блиски до власта и во медиумите блиски до опозицијата, туку и не се разликуваат содржински кај двете групи медиуми.

Меѓутоа, независно од бројот на медиуми што ја пренесоа информацијата, вака пласирана таа има многу мала или можеби дури и никаква важност за јавноста. За да добие значење, за да може понатаму да биде искористена за влијание врз процесите на одлучување и за контрола над власта, информацијата треба да води кон анализа, која не само што ќе понуди многу повеќе и соодветни податоци, туку и ќе отвори и/или одново ќе постави веќе поставени прашања, кои партиите што се на власт вообичаено не сакаат да ги одговорат.

Ниту еден од медиумите не ја искористи можноста што ја дава промоцијата на новиот проект за потсетување на долгиот историјат кој оваа идеја го има, како идеја актуелизирана повеќепати и од различни субјекти.

Во 2006 година, за поддржување на идејата за формирање надворешен контролен механизам за полицијата, во дводневна посета престојуваше Нуала О’Лоан, полициски омбудсман на Северна Ирска.

Во 2008 година, во соработка со мисијата на ОБСЕ, е изработен предлог за механизам за надворешна контрола над полицијата.

Во 2010 година, во посета на Република Македонија, а за размена на позитивни практики, гостуваше делегација што ја сочинува Ал Хачинсон, полицискиот омбудсман на Северна Ирска, претставници на полицијата на Северна Ирска и на Република Ирска, како и претставници од граѓанското општество и од академијата (Универзитетот во Даблин), со интерес во полициските и во судските реформи.

Во 2012 година, опозицијата поднесе предлог-закон за надворешна контрола над полицијата. Предлогот беше одбиен без расправа во Собранието, а според МВР,

„Моделот според кој функционира Секторот за внатрешна контрола е преземен од австриската полиција и истиот се применува и во други држави во Европа.“

Во 2013 година, прашањето за надворешна контрола над полицијата се актуелизира по смртта на Мартин Нешковски.

Во 2014 година, медиумите ја пренесоа информацијата дека е почната процедурата за формирање тело за надворешна контрола над полицијата:

„Се проценува дека се создадени сите услови за понатамошно осамостојување на контролата врз работата на полицијата. Досега најголема пречка беше тоа што не постоеја соодветни процедури за соработка на полицијата со одредени институции, недоволно дефинирани законски надлежности, немање точно дефинирани обврски и методи за работа. Според нашите процени, сега односите меѓу полицијата и јавните и други институции се доволно регулирани за да се овозможи надворешно тело да ја врши оваа контрола.
Идниот модел за контрола врз полицијата, според Kотевски, треба да се утврди во соработка со Собранието и со експертите од областа, но ќе произведе независно тело, кое треба да се вклопи во системот за контрола над полицијата.“

Врз основа на овој историјат на идејата, медиумите можат да го проблематизираат и овој нов проект и да постават неколку релевантни прашања:

Прво, зошто повторно се изведува проект во кој треба да се идентификува најсоодветен модел за надворешна контрола, кога тоа е претходно веќе неколкупати направено?

Второ, зошто при формулирањето на проектот не се земени предвид претходните искуства, иницијативи, анализи и предлози (меѓу кои има и подготвен предлог-закон) и не се почне со активности кои би се надоврзале на веќе направеното, туку одново и одново се почнува од почетна позиција?

Трето, зошто е напуштена намерата идниот модел да се утврди во соработка со Собранието и со експертите од областа и е заменета со прифаќање модел кој ќе биде изработен од МВР, па потоа

„ќе биде презентиран пред пошироката стручна јавност и прифатен од релевантните национални чинители и лицата што ги донесуваат одлуките.“

Четврто, која е гаранцијата дека и овојпат не станува збор само за уште еден проект кој ќе заврши со завршување на проектните активности, а без никакви фактички промени, односно ќе биде само еден во низата веќе направени проекти?

Петто, на кој начин во проектот се вклучени домашните експерти и граѓанските организации кои упорно го поставуваат на дневен ред прашањето за надворешна контрола над полицијата, односно, дали во формулирањето на предлогот ќе бидат вклопени нивните барања и идеи?

Прашањето за воспоставувањето контрола над полицијата е сериозно прашање. Отсуството на ваква контрола е проблем што е присутен независно од моменталната владејачка структура и не бил соодветно адресиран од ниту една владејачка структура. Наједноставен начин да се избегне решавањето на проблемот е преку создавање привид дека нешто се прави (во рамките на проекти, иницијативи, предлози), без фактички резултат. Едностраното и еднократно информирање ја поддржува илузијата и не го нарушува комодитетот на статус кво на владејачките структури.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Gunduz Agayev