Подофицерски чин

03.02.2016 02:45
Подофицерски чин

„Сигурно има некоја работа што нам не ни е докрај јасна, штом толку многу граѓани на Битола реагираат и ние треба да го почитуваме тоа“, рече Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, образложувајќи зошто неговата партија викендов решила да се откаже од одлуката, донесена на 22 декември, да го продаде Офицерскиот дом во Битола за 900.000 евра.

Ним, нему и на таквите како него со кои е „во меѓусебна комуникација“, никогаш, до нивниот крај нема да им биде јасно зошто некој би бил против да се продаде објект токму сега кога на власта - на централната предводена од Груевски и на локалната на чело со градоначалникот Талевски - наместо да го реновира, бидејќи овој споменик на културата од прва категорија, изграден пред повеќе од еден век, е темелно руиниран, ѝ текна да го шитне за џабалак. Нема да им се разјасни ни зошто реагираат толку многу граѓани на Битола, кога ниеден од многуте скопјани не мрдна со прст кога историјата на метрополата беше ставена на барабан. Никогаш нема да им биде јасно како може некому да му биде поважна реалната, вистинската историја што може да се чита од оригиналните градби, во споредба со измислената, таа што ќе може да се гледа од нивните фалсификувани фасади и заштитени споменици на некултурата.

Од овој варварски чин и лицемерен однос кон Офицерскиот дом веројатно една работа веројатно на сите ќе им стане до крај јасна: Груевски и тие со кои е во „меѓусебна комуникација“ не заслужуваат почит од граѓаните.

Извор: Слободен печат
Слика: Странски служби