Чуварите на традиционални вредности загрижени: ќе исчезне ли секнењето нос на улица?

03.02.2016 15:11
Чуварите на традиционални вредности загрижени: ќе исчезне ли секнењето нос на улица?

Скопје, 3 февруари 2016

Група граѓани кои ги негуваат традиционалните македонски вредности изразија загриженост поради тоа што во последно време појавата на луѓе што го секнат носот на улица станува сè поретка.

Иако експертите сметаат дека за сега нема потреба да се крева паника, традиционалистите се загрижени дека на долг рок овој македонски обичај може да исчезне, а со тоа македонската култура да биде посиромашна за еден впечатлив ритуал.

„Нашите истражувања навистина покажуваат дека трендот на секнење на носот на улица е во опаѓање, но сè уште постои. Ако наредниве години надлежните културни институции преземат мерки, верувам дека овој убав обичај ќе се одржи“, вели Горан Мрсулчев од Институтот за фолклор.

Тој предлага благовремено да се контактира и УНЕСКО, а работите да не се препуштат на случајноста.

„Не гледам зошто едно гласоечко пеење или орото Копачка би биле поважни од секнењето нос на улица, кое исто така е непроценливо нематеријално културно наследство“, рече Горан Мрсулчев и го исекна носот на заминување од просториите на Пара вести.