Во туѓата убавина

04.02.2016 13:45
Во туѓата убавина

Бесмртност

Тие кутри поети на деветнаесеттиот век
визионери со заруменети образи
нашите големи браќа што согоруваа во
вдахновението и дозволуваа да ги портретираат во Париз
денес се ѕвезди на училишните антологии
и автори на цитати кои ја оправдуваат
секоја неправда


Филозофи

Престанете да нè мамите филозофи
работата не е радост на човекот не е највисока цел
работата е пот смртна Боже кога се враќам дома
би сакал да легнам но сонот е само преносна лента
која ме предава на следниот ден а сонцето е лажна
пара наутро ги раздвојува моите капаци сраснати како пред
раѓањето моите раце се двајца гастарбајтери и дури и
солзите не ми припаѓаат мене учествуваат во јавниот живот
како говорници со испукани усни и срце кое
сраснало со мозокот
Работата не е радост туку неизлечива болест
како болеста на отворената совест како новите населби
низ кои во високи кожени чизми
минува другарот ветер


Времето повторно почна да тече

Времето почна повторно да тече
повторно пишуваме песни и стихови
Правиме фотографии
на кои веќе за десет години
ќе изгледаме како студенти од деветнаесеттиот век
од универзитетот во Дорпат или Грац
неверојатно дури до претераност
(Исончани матуранти ете што сме биле
Блескави црвени вратоврски
како ветување за подобар свет)
И што ќе речеме оправдувајќи се пред нив
откако сигурно со неодобрување
ќе нè прашаат но како сте можеле
да живеете на тој начин


Во име на жените

Во име на кралот
кој лови риби
Во име на народот
кој се шета
Во име на јунаците
кои сто години молчат
Во име на децата
кои се на море
Во име на жените
кои ноќе шијат
Во наше име
иако сме безимени
Никогаш на своја рака
Пред лицето на опасноста
Заради спасување на загрозената солидарност
Просто се чудиш
што постојат толку убави зборови


Планови, извештаи

Најпрво се плановите,
потоа извештаите
Ете со каков јазик
умееме да се разбираме
Сè мора да биде предвидено
За сè треба подоцна
да се извести
Она што вистински се случува
не привлекува ничие внимание


Оган

Јас сум, белки, обичен граѓански
бранител на правата на единката, слободата
ја разбирам без вонредни класни
ограничувања, политички наивен, просечно
образован (кратките мигови јасност
ми се главна храна) се сеќавам
на пламениот апел на огнот кој ги суши
жедните усни на толпата, а потоа ги пали
книгите и ја јагленосува кожата на градовите, сум ги пеел
и јас тие песни, знам колку е прекрасно
да се трча заедно со другите, подоцна останувам сам,
во устата имам вкус на пепел и го слушам
ироничниот глас на лагата, хорот вреска,
а јас се фаќам за глава, таму под прстите
е округлиот череп, цврстиот брег на мојата татковина.


Писмо

Пишува дека сè е добро
деновите се сè подолги
во куќите созрева мирот
само сништата како бесни лисици
нè гризат за листовите


Во туѓата убавина

Само во туѓата убавина
постои утеха, во туѓата
музика и во туѓите песни.
Само во другите е спасот,
макар самотијата годела како
опиум. Не се пеколот другите
ако ги здогледаме наутро, кога
имаат чисто чело измиено од сништата.
Затоа долго мислам каков
збор да употребам, тој или ти. Секое тој
е предавство на некое ти, но
затоа во туѓата песна верно чека
студениот разговор.


Песните за Полска

Ги читам песните за Полска
пишувани од странски поети, Германци и Руси
немаат само пушки, туку и
мастило, перо, малку срце и многу
фантазија. Полска во нивните песни
потсетува на дрзок еднорог
кој се храни со волната од гобленот,
убава е, слаба и несериозна. Не знам
на што се заснова механизмот на илузијата,
но и мене, трезвениот читател,
ме восхитува таа бајковна, беспомошна земја
со која се хранат црните орли, гладните
цареви, Третиот Рајх и Третиот Рим.


Адам Загајевски (1945), поет, писател, преведувач и есеист. Се смета за еден од најважните полски современи поети, како и еден од најголемите живи поети воопшто. Автор е на дванаесет поетски збирки, три прозни книги и седум книги со есеи. Предава литература на Универзитетот во Чикаго.

Препев: Иван Шопов
На сликите: Геометриски скулптури, Мартин Хил

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото