Научници истражуваат дали во Македонија имало историја пред Груевски

04.02.2016 14:10
Научници истражуваат дали во Македонија имало историја пред Груевски

Скопје, 4 февруари 2016

Група научници од Институтот за проучување на настанокот на историјата од Паљурци започнаа истражување чија цел е да се утврди дали Македонија има историја пред доаѓањето на Никола Груевски на местото премиер на Македонија.

Како што наведуваат научниците, тие се решиле на овој чекор по бројните изјави на премиерот Груевски кои даваат основа за сомнеж во постоењето на историја пред него, и материјал за поставување на една таква научна претпоставка.

„Од премиерот често слушаме дека нешто за првпат се случило во македонската историја или дека никогаш претходно во поновата историја на Македонија нешто не е забележано. Ако нешто се случило првпат или никогаш претходно не е забележано, тогаш се наметнува логичен заклучок дека пред тоа ништо не постоело и тоа мора да се истражи“, рече Аристотел Диносаурчев, историчар од престижниот Паљурски Иститут.

Тој додаде дека појдовните точки на истржувањето нема да се ограничат само на примерот на премиерот, зашто тој, многу веројатно, сè уште не стигнал да ги објави сите податоци што сè е првпат забележано во историјата на Македонија.

Научниците додаваат дека доколку утврдат дека во Македонја немало историја пред Никола Груевски, останува да се разреши уште една дилема.

„Ќе мораме да установиме дали историјата на Македонија почнува во периодот кога Груевски беше министер за финансии во владата на Љубчо Георгиевски, или од 2006, кога Груевски беше избран за премиер“, вели историчарот Диносаурчев.

Слика: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото