1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 15:59
Народ, чија благосостојба зависи само од власта, треба сериозно да се загрижи не само за живеjачката денес, туку и за својот опстанок во иднина. Ова сознание, базирано и на теоријата и на практичните искуства од односите помеѓу овие две спротивставени страни, важи за несомнено точно. Исто колку што е точно и тоа дека ние не му посветуваме никакво внимание - како и на многу други слични поуки - ниту должна почит. Еве само дел од вчерашните наслови што ги објавија куририте, односно провладините мегафони: „Костадиновски: Голема помош за подобрување на животот во руралните средини“, „Цветков: 80 агроинженери им помагаат на земјоделците на терен“, „Утре објава на огласот за владината мерка со која им се помага на младите“, „Граѓаните кои добија социјални станови пресреќни и благодарни на владата и на премиерот“...
Од приложеното може да се заклучи дека народот е толку беспомошен, зависен, несамостоен, субвенциониран, што веќе не му останува ништо друго, освен да чека милостиња од владата, неговата последна надеж. Властодршците веруваат - со право - дека таков народ не е способен да види дека нивната помош е со една единствена цел: да си помогнат, да се спасат, себеси. Дека не сфаќа оти нивното инсистирање „народот ќе реши на избори“ не е од почит, туку од страв дека може - и ваков каков што е - да ги „реши“ нив.
Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња