Господар на Лошото Управување

05.02.2016 16:19
Господар на Лошото Управување

Поминаа речиси десет години под груевизмот. И цело време човек има впечаток дека станува збор за некаква грешка, збунка, дека кај и да е работите ќе се вратат во нормала, дека просто не е можно нешто толку лудо и искривено да трае повеќе од 24 часа.

Но, си трае. И нема намера да прекине, зашто е самодоволен и самообновувачки тој модел на вештачка стварност, на еден монструозно извртен свет.

Тој свет всушност наликува на карневал, на она кратко празнично време кога работите се извртуваат: ниското станува високо, мртвото живо, чистото валкано, застрашувачкото смешно итн. Социјалниот модел на карневал служи за намалување на општествените притисоци, за краткотрајно менување на улогите, излегување од фиксираните односи на моќ, но преку травестија и радикално исмејување. Селски будалетинки кои заседнале на своите престоли од клозетски шољи - и на тоа наликуваат груевистичките велможи. Си вика човек, ова е кошмар, ова може да трае една ноќ, утре ќе се разбудам...

Но, си трае. Безумниците и разбојниците, во еден момент на мрак, на зачмаеност, опиеност, запоседнале сè. И не мислат карневалот да престане, не мислат да нè пуштат од Црната колиба во која сме затечени.

Во Европа од средниот век, за големите домаќинства било вообичаено да изберат некој „Господар на Лошото Управување“. Од избраната личност се очекувало да претседава со теревенките коишто накусо би ги пресвртеле или пародирале конвенционалните општествени и економски хиерархии... Штом кусото владеење на лошиот владетел ќе завршело, се враќал вообичаениот поредок на работите: Господарите на Лошото Управување би се вратиле на своето служење, а нивните претпоставени повторно би го стекнале вообичаениот статус... Понекогаш идејата за Господарите на Лошото Управување би се прелеала од царството на теревенките кон царството на политиката... Чираците од своите еснафски господари тогаш ја преземале немарноста за ден-два... родните улоги за еден ден би се превртеле, па така жените би ги преземале задачите и држењето кои обично се врзувале само за мажите.

Во биографската книга за Мао Це Тунг, Џонатан Спенс вели дека и кинеските филозофи ги сакале парадоксите на обратните статуси, начините на коишто досетката или срамот би можеле да ја намалат претензијата и да водат кон ненадејни пресврти во разбирањето... Ужасниот подвиг на Мао, според Спенс, се состоел во тоа да ги дофати таквите согледби на раните кинески филозофи, комбинирани со елементи извлечени од западната социјалистичка мисла, и да ги употреби заедно со цел ограничениот концепт на лошо управување да го протне во една подолготрајна превратничка авантура. Според Мао, на претходните господари и владетели никогаш не треба да им се дозволи да се вратат. Тој чувствувал дека тие не се подобри од него, и дека со нивното отстранување општеството е ослободено. Исто така сметал дека вообичаениот поредок на работите никогаш не треба одново да се воспостави.

Ми се чини дека груевизмот настана на сличен начин. Транзицијата ја преврте Македонија како палачинка. Се изместија и онака кревките дотогашни вредности, а не се воспоставија нови, барем не на некое видливо, „официјално“ ниво. Ни се случи она за што уште пред двесте години пишуваше стариот Шарл Фурие, карактеризирајќи ја „цивилизацијата“ (буржоаското општество и неговите трговци) како „превртен свет“. Во него адвокатот мора да се надева на „добри процеси“, лекарот на „добра епидемија“, офицерот на „добри војни во кои би загинале барем половината од неговите конкуренти за напредување“, попот на „добри дела, значи на погреби по илјада франци секој“, а трговецот-монополист треба да сонува „добра глад која би многу ја зголемила цената на лебот!“ Заклучокот на Фурие бил дека во тој свет поставен на глава семејството значи прељубa, богатството значи банкрот, работата е присила, сопственоста го упропастува сопственикот, изобилството води кон невработеност, а машината кон глад.

Груевизмот токму е своевиден превртен свет, нешто како негатив, рендген снимка која го збунува лаикот: што е здраво, а што е болест, што е црното а што е белото? Еве историски пример. Од доцните дваесетти па натаму Сталин ги „пишувал нападите“ врз бирократијата, врз бирократскиот систем. Исто како што кај нас Груевски, Тодоров и другите министри и преродбенички активисти се борат против „неефикасните“, „транзиционите“, „западоидите“ итн. Иако „бирократизмот“ во времето на Сталин не бил ништо друго освен производ на функционирањето на сталинистичкиот режим, парадоксот (а, всушност, начинот со кој владеел Сталин) се состоел во тоа што „бирократизмот“ бил сосема погрешно именуван. Она што навистина му недостасувало на сталинистичкиот режим токму е ефикасната „бирократија“ (деполитизиран и компетентен административен апарат). Сосема истата матрица се применува во Македонија. Најкорумпираните божем се борат против корупцијата. Државата најмногу ја разјадува самата држава, ракот на груевизмот кој себе се поистоветува со државата. Сите подсистеми на општеството партијата на пастирот го растури како дете ѕвечка, а притоа постојано трае еден министерски лудачки ентузијазам работите божем да се доведат во ред. Притоа непрекинато трае и произведувањето непријатели коим ставаат „клипови во тркалата на преродбата“ итн.

Славој Жижек вели дека оваа внатрешна напнатост помеѓу стабилноста на владеењето на новата номенклатура и изопачената „одмазда на угнетените“ во форма на повторени чистки на чиновниците на номенклатурата (со помош на лустрација, откривање диверзанти и слично) – е во самата срж на сталинистичкиот феномен. Токму чистките се формата благодарение на која преживува изневереното револуционерно наследство што го прогонува режимот...

Според Жижек, „овде мораме прецизно да ја одредиме улогата на Водачот: тој бил изземан од овие пресврти на тркалото на среќата, бидејќи не бил традиционален Господар, туку ’Господар на анархијата’, што значи самиот бил придвижувач на карневалската субверзија“.

Слики: Свирачиња 

ОкоБоли главаВицФото