Чистење ТВ-канали

06.02.2016 11:30
Чистење ТВ-канали

Македонската aсоцијација на новинари (МАН) - чие спомнување автоматски асоцира на власта, поточно на владејачката партија - предупреди: „предлогот на Питер Ванхојте, зад кој застана партијата СДСМ, а го прифати и Здружението на новинарите на Македонија, содржи одредби што ќе водат до нови и многу поопасни форми на влијание врз медиумите“.

Прашање од најмалку 13 милиони долари - сума што од Владата по разни канали се слеале во нејзините мегафони од кои е требувано членството на МАН - е дали е воопшто можно некој да замисли, камоли да оствари, поопасна форма на влијание врз медиумите од оваа што е на сила речиси една деценија, на која Гебелс може вода да ѝ носи? Форма што нема никаква врска со официјалните законски одредби, туку со непишаните партиски наредби.

Така, на пример, Љупчо Николовски, дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство објави дека „Трансмет“, фирмата на Сеад Кочан, за една година добила близу 700.000 евра буџетски пари за чистење канали за одводнување и наводнување. Кочан е сопственик на ТВ Нова, која деновиве почна да одработува. Еве ја суштината на оваа форма: Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ пушта вода и неговата голема нужда, низ вака прочистените канали, лесно и во истиот облик (тоа е многу важно) стасува до најголемите студија од кои се шири неподнослива реа во етерот.

Извор: Слободен печат
Слика: Pawel Kuczynski