Реставрација

06.02.2016 12:20
Реставрација

1.

Македонската култура и уметност немаат друга татковина. Тие можат и треба да бидат регионално и европски интегрирани и глобално позиционирани, ама нивна автохтона почва била и ќе остане оваа држава. Затоа, не би требало да им биде сеедно – како што беше – што и како се случува во/со неа. И vice versa, како што не би требало на државата да ѝ биде сеедно што и како се случува во/со нејзината култура и уметност. Како што е денес, и како што беше вчера и десет години наназад, кога државава, буквално, „ја заболе“ што и како се случува во културата и уметноста, кои ретроградни процеси се одвиваат, какви сè тутурутки и шапшали се множат на културната и творечката сцена, паунесто глумејќи државни уметнички величини! Дури, во најголема мера, токму државата ги поттикнуваше овие медиокритетски процеси инсталирајќи свои малоумни возљубеници на раководни позиции долж и попреку македонската култура и уметност. И не само тоа, туку ги прогласуваше и за локални великани, ги наградуваше, радодајно им ги отвораше трезорите каде што овие ги полнеа бисагите, ги шеташе низ белиот свет не гледајќи дека освен срам назад не носат ништо друго!

Но тоа беше – таа држава! Новата држава, ако ја биде, се разбира, ќе мора сериозно да пристапи кон културна реставрација, буквално од првата буква на азбуката. Зашто, урнисано е сè, безмалу до темел. Иако Македонија никогаш не била особено културна земја (во широката лепеза на тоа значење!), а за што по правило сме наоѓале оправдувања во историските (не)прилики, сепак, низ изминатите седумдесетина години успеа да допре еден висок степен на културна свест, посакуван развој дури мерлив и споредлив во регионални рамки. За жал, од тоа ништо не остана, или остана само малку. Малку дух и малку волја, можеби. И малкумина подготвени да се зафатат со работа!

2.

Прашање е дали тоа е доволно за целосна обнова. За почеток – да, зашто и нема друг избор. Што е, тука е. За понатаму – не знам. Ќе се види колку и (по)младите се подготвени за уште еден почеток. Зашто ние нон-стоп како да почнуваме од нула. И потоа се враќаме кон нулата. Овој пат би требало да биде поинаку. Ако воопшто го биде!

Како и да е, не е едноставно да се крева буквално од пепел цела една култура. Објективно, можеби не знаеме што и како се случува(ло) низ сите македонски институции зашто, практично, глас не им се слуш(н)а, како и да не постојат, но ако се цени според оние „поголемите“, „поважните“, состојбите се катастрофални. Не само во материјална туку и во секоја друга смисла. Зашто данокот на непрофесионалноста и неморалот, на расипништвото и криминалот (и) во културата го плаќаат токму институциите. Понатаму, фаворизирањето на неколкуте миленичиња на власта – шизофрени (не)дела на „големиот архитект“ – јаде(ше) најголем дел од културниот буџет. За другите остануваа трошки, ако воопшто нешто остануваше. Идната обнова ќе мора по список да ги бара сите ќилими и апарати, други движни и помалку движни предмети, сета непотребна стока купувана или увезувана според нечиј простачки ќеф, ќе мора да ги отвора сите архиви и депоа и да се соочува со злосторствата, по азбучен ред. Голем дел од објектите, дури и „национални“, заличуваат на сенишни, напуштени места. Ако некој не верува, нека прошета до „Мала станица“! Некои други се во уште полоша состојба! Кадровската структура, пак, е на рамништето на „Македонски шуми“. И метафорички и фактички! Ништо подобра не е состојбата ни во Министерството за (не)култура. И од таму, впрочем, треба да тргне и возот на реставрацијата. Прво персоналната, па секоја друга, со ред. И таа реставрација мора да биде темелна, без пардон, без киксови.

3.

Македонската култура мора прво да се рашрафи, демонтира целосно, да се исчисти од наталоженото „патриотско“ и „националистичко“ ѓубре и нивната празна фразеологија, па потоа одново да се монтира.

Едно чудо институции, особено новиве миленичиња на власта, просто плачат да бидат замандалени. И како концепт, и како реализација, и како програма, и како кадровски решенија! Тоа се само огромни машини за голтање пари и ништо друго. Не произведуваат ништо, освен срам, глупост и празни зборови! Споменици на една мегаломанска (не)културна свест. Добро би било паралелно да се подзатвори и некој од нивните (не само) идејни креатори, но тоа би била работа на г-ѓа Јанева, која би морала (час побргу) да вработи и еден спец-обвинител верзиран во културни злосторства.

Новата културна реставрација би подразбирала и ослободување од сите напластени административни небулози, омилени на „патриотиве“ а изразени низ формата на стратегии и тактики, закони и насоки, практики „политики“ … Сето тоа може ѓутуре да оди во ѓубре, дури и без второ гледање зашто, гарантирано, просто вреска од идиотштина. Таква судбина мора да доживеат и едно чудо профитерски фирми и фирмичиња, некои маскирани и како самонаречени невладини организации, што беа закачени на цицката на Министерството за (не)култура толку години со ред. Но со нив, прво, би требало да се позанимава некој од тимот на г-ѓа Јанева. Има зошто!

Веќе тие први чекори би создале поповолна културна клима, нова благопријатна атмосфера за толку неопходен нов културен подем. И понатаму, политиката – новата македонска демократска политика – може многу да ѝ помогне на идната реставрација на македонската култура. Но може многу и да одмогне. Зависи од многу фактори, а пред сè од подготвеноста на политиката да ѝ отстапи место на стручноста и професионалноста во оваа област.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Aleksandra Waliszewska

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото