Власта само купува време, од медиумите не се откажува

06.02.2016 12:54
Власта само купува време, од медиумите не се откажува

Власта во ниту една земја не се откажува лесно од влијанието врз медиумите па затоа и тешко одат преговорите на регулирање на оваа сфера, велат комуниколозите.

Вчера во Клубот на пратеници претставниците на политичките партии требаше да ги продолжат преговорите за предлог-законското решение што го подготви СДСМ, според решенијата на олеснувачот Питер Ванхауте. Многу е неизвесно дали партиите ќе успеат да ги усогласат своите предлози до 20 февруари, кога меѓународната заедница треба да ја даде својата оценка дали е можно до 24 април да се создадат услови за фер и демократски избори.

Власта во ниту една земја не се откажува лесно од влијанието на медиумите, но сепак во светот постои битка да се амортизира тој притисок, кај нас се чини таа битка е изгубена, вели комуникологот Весна Шопар.

- ВМРО-ДПМНЕ предлага да се донесе законско решение што функционира во некоја европска земја, предлог што сам по себе е проблематичен бидејќи не може едноставно да се копира какво било законско решение, па и тоа за медиумите. Таквото решение нема да може да функционира во практика бидејќи во секоја земја различни се околностите – вели Шопар.

Таа потсетува дека процентите за застапеност на изворна музика и на документарна програма во програмата на националните телевизии се пресликани од еден европски закон и токму за нив телевизиите најмногу се бунтуваат.

- Со опстојувањето на својот предлог власта покажува дека не сака да се откаже од влијанието на медиумите, а отворена е и можноста да го одолговлекува процесот за да може да заврши преместувањето на луѓето од МРТ во други постојни и нови медиуми, со што влијанието ќе го префрли на друга страна – вели Шопар.

Во преговорите СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ влегуваат со спротивставени ставови. Опозицијата го прифаќа решението на олеснувачот, додека владејачката партија понуди свое решение што опозицијата веднаш го отфрли.

Во предлог на олеснувачот Питер Ванхауте се предлага членовите на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги да се избираат со двотретинско мнозинство во Собрание откако ќе се пријават на јавен конкурс. Тие треба да бидат професионалци и експерти, а треба да обезбедат поддршка од фелата и од други организации посветени на медиумите. Избраните членови би имале мандат од пет години со можност за реизбор. Се предлага директорот на Агенцијата да го именува Советот.

Во случај на прекршување од страна на некој медиум, Советот ќе почне дијалог со медиумот, при што првата мерка ќе биде предупредување, а лиценца ќе се одзема само во случај на ригорозни прекршувања. На сличен начин треба да се избираат и членовите на Советот на МРТ, а меѓународната заедница предлага буџетот на јавниот сервис да биде еден процент од државниот буџет.

Во однос на владиното рекламирање, предлогот на Ванхауте предвидува за владините пораки што се од јавен интерес, јавниот сервис и комерцијалните медиуми да не добиваат паричен надоместок туку тие да бидат бесплатни.

Се предлага и намалување на данокот на додадена вредност за комерцијалните телевизии од 18 на 5 отсто.

Сите овие години власта ги злоупотребува медиумите за политичка инструментализација односно како средство за артикулација и промоција на партиските цели, вели комуникологот Сефер Тахири. Тој вели дека уште од почетокот бил скептик дека за ова прашање ќе се постигне договор.

- Медиумскиот систем функционира така што власта се обидува медиумите да ги искористи како свои слуги. Особено во делот на Агенцијата за медиуми и создавањето услови за избалансирано известување. Медиумите се голем удар за Договорот од Пржино, бидејќи се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ по секоја цена се обидува да ги задржи стекнатите позиции за да го реализира тоталитарното правило дека медиумите ќе бидат нејзини портпароли – вели Тахири.

Кај нас, додава тој, постои еден реликт од минатото, па политиката многу тешко да ги тргнува рацете од медиумите.

- За политичките партии медиумите се изборен плен, што секако не е одлика за демократско општество – порачува Тахири.

Извор: Слободен печат
Слики: Michal Dziekan


Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото