ЦИВИЛ: правда за уапсените во мајските протести!

06.02.2016 14:54
ЦИВИЛ: правда за уапсените во мајските протести!

Голем дел од демонстрантите на полициското тепање одговорија со кренати раце и со седење.

 

Голготата на осуммина уапсени по протестите на 5 мај 2015 година продолжува. Тие ќе бидат изведени пред Основен суд 1, в понеделник, 8 февруари, во 9.45 часот.

ЦИВИЛ објави неколку соопштенија и изјави во кои посочи дека невини луѓе се уапсени и малтретирани во полициските станици низ Скопје, дека нивните телефонски приемници беа одземени и задржани неразумно долго време и дека трпат притисоци до денешен ден.

На некои од уапсените, за сето време во полицискиот притвор (дваесет и неколку часа), сѐ што им било дадено е еден сув ѓеврек и половина литар вода. Апсењето на најмалку тројца од осумтемина што ќе бидат изведен пред судот в понеделник, се случило далеку од местото на протестите, среде бруталната полициска хајка против демонстрантите таа ноќ, кога и неколку членови на ЦИВИЛ беа повредени во бруталната пресметка на полицијата со демонстрантите. При апсењето, над најмалку тројца од приведените и сега судените лица, применета е несразмерна сила, поточно, биле тепани, а во ниеден миг не пружиле отпор при апсењето.

Девет месеци подоцна, овие луѓе се пред суд. Имајќи ги предвид сите околности под кои овие луѓе се малтретирани, а единствениот „грев“ кој го сториле е тоа што го искористиле уставното право на мирен протест, ЦИВИЛ бара ослободителни пресуди за сите нив, но и покренување постапки за одговорност на оние што ги пречекориле своите овластувања.

Цвеќе за полицијата од демонстрантите.

Да потсетиме. Во мај 2015 година, илјадници граѓанки и граѓани излегоа на мирни протести против недемократското владеење во Македонија, меѓу кои беше и протестот против полициската бруталност, за загубата на младиот живот на Мартин Нешковски на прославата на изборната прослава на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година, а што власта бесрамно се обиде да ја прикрие.

За време на протестите и по нив, уште еднаш се покажа самоволието и незаконските постапки на власта, на што ЦИВИЛ реагираше со барања за ослободување и престанок на притисоците и малтретирањето. Приведените беа понижувани и малтретирани додека биле во полицискиот притвор, за што посведочи и адвокатот на дел од приведените, Филип Медарски.

Извор: civil.org.mk

ОкоБоли главаВицФото