Триста песни во рубриката „Секој ден песна“!

07.02.2016 14:43
Триста песни во рубриката „Секој ден песна“!

За неполна година во рубриката Секој ден песна објавивме 300 песни. Намерата на рубриката е да објавува врвна поезија од автори ширум светот. Главна цел е да се популаризира самиот медиум на поезијата („прва меѓу уметностите“, според Арти Голд), но и плуралноста, разновидноста на поетските практики. На пример, само во категоријата Поезија во проза во рубриката имаме застапени триесетина песни/раскази; најзастапени автори во таа категорија се Давид Албахари (5), Лидија Дејвис (4) и Франсис Понж (3). Под категоријата Љубовна поезија, пак, се водат над педесет песни! Со знакот Поетски хумор исто така се обележани педесетина песни...

Голем дел од застапените автор(к)и се жени. И голем дел од темите на песните се женски и малцински, на ваков или онаков начин. 

Најзастапени автори во првата година на рубриката беа: Бертолт Брехт (9)Ханс Магнус Енценсбергер (10)Сара Кирш (7)Радмила Лазиќ (6)Мајкл Андачи (6)Игор Иртењев (6)Вера Павлова (8)Дејвид Боуви (7)Маргарет Етвуд (4)Михаел Кругер (5) итн. Но, бројот на песните со кои се застапени авторите сепак е релативен, бидејќи некои автори се мошне застапени во другите рубрики на Окно (Брехт, Иртењев, Исаковски, Јаневски итн.) 

Од македонските автори во 2015 година во рубриката најзастапени беа Славко Јаневски (5),  Игор Исаковски (4)Михо Атанасовски (6) Гане Тодоровски (4), Петар Т. Бошковски (8), Блаже Конески (4)Петре М. Андреевски (2)... 

За неколку дена, по повод годишнината од покренувањето на рубриката (првата песна: Што шефот му рече на Том), ќе објавиме нешто повеќе за националната застапеност на авторите, зашто и на тој план мошне ни се важни плуралноста и преплетот меѓу луѓето, земјите, културите...

За да го одбележиме и овој повод, тристотата песна во рубриката Секој ден песна, издвоивме пет кратки песни. Изборот и преводот ги направи уредникот на рубриката, Никола Гелевски.

 

Тони Харисон
НАСЛЕДСТВО

Како си станал поет, тоа е мистерија!
Откаде талентот го влечеш покрај сè?
Велам: имав двајца чичковци, Џо и Хари,
едниот беше д’ткало, другиот ‒ нем.

***

Луис Симпсон
АМЕРИКАНСКА ПОЕЗИЈА

Што и да е, мора да има
Желудник кој може да свари
Гума, јаглен, ураниум, месечини, песни.

Како и ајкулата, содржи чевла.
Мора да плива со милји низ пустина
Испуштајќи крици речиси човечки.

***

Марк Стренд
ЈАДЕЊЕ НА ПОЕЗИЈАТА

Мастило истекува низ краевите на моите усни.
Никој немал толку луда среќа:
Јадев поезија.

Библиотекарката не верува во тоа што го гледа.
Очите ѝ се тажни,
со рацете во џебовите на фустанот шета.

Песните исчезнаа.
Светлината е нејасна.
Кучињата се на скалите од приземјето и се качуваат.

Очите им ѕверат навака-натака,
и светловлакнестите нозе горат како стапчиња.
Кутрата библиотекарка почнува да удира со нозете и да плаче.

Таа не разбира ништо.
Кога паѓам на колена и ѝ ја лизнувам раката,
таа вриснува.

Јас сум нов човек.
Ржам на неа и лајам.
Потскокнувам од радост во книшката темница.

***

Збигњев Херберт
ЗА ПРЕВЕДУВАЊЕТО ПОЕЗИЈА

Како несмасен бумбар
седна врз цветот
целото тенко стебленце се стресе
и тој се пробива низ слоевите на цветната обвивка
налик на страници од речник
стреми кон средиштето
кајшто се аромата и сладот
иако е настинат
и со затапен вкус
сепак стреми
и удира со главата
во жолтиот прашник.

и тука е крајот
тешко е да се продре
низ цветната чашка
до корењата
та бумбарот излегува
мошне горд
и гласно бруи:
бев внатре

а на оние
што сосем не му веруваат
носот го покажува
жолт од прав

***

Давид Албахари
МОЌТА НА ПЕСНАТА

Кога ќе осетеле дека им се ближи мигот на умирањето, индијанските воини би ја запеале песната на смртта, простувајќи се од Мајката Земја и најавувајќи го доаѓањето кај Таткото Небо. Некаде постои запис за тоа како 1643 година холандските доселеници во Нов Амстердам ‒ денешен Њујорк ‒ фатиле еден Индијанец и го фрлиле на маки. Сето време тој ја пеел песната на смртта: и додека му го симнувале скалпот, и додека му ја дереле кожата, и додека го кастрирале. Замолчел дури кога војниците му го скршиле черепот и му го истуриле мозокот.

ОкоБоли главаВицФото