Еден допир во пет октави (еротска поезија)

08.02.2016 01:08
Еден допир во пет октави (еротска поезија)

(Вкусот на вкусот е вкусот на твојата усна)

Вкусот на вкусот е вкусот на твојата усна.
Вкусот на видот ‒ кога солзите ти ги лижам ‒
така, некоја мешавина од море и дождовница,
а устата... Во потрага по зборот стигам
до јазикот. Секоја жиличка внатре
ми се потпира, прилепува до твоите,
како да се појми шарата на тој чекор,
како да се избегне она, од што сите се плашат.


(Потпри се на десната рака...)

Потпри се на десната рака, свиј ја во колено
ногата, легни во тревата со јасна намера
од тебе до реката да има половина поглед,
а до шумата ‒ неговата втора половина,
да не се видиш во тревата,
освен, можеби, голото лево колено.
И тогаш главното. Главното е ‒ избор на тревката.
Никако првата ‒ тоа не е твој избор.
Никако втората ‒ само што не свенала.
Никако третата ‒ остави нешто и за утре.
Дури четвртата е права. Фати ја јадрата круглина,
и потегни, сè сукајќи, како Маргарита преѓата,
и сукај, сукај, сукај, сукај нежност ‒
пробај ја со забот, ко лихвар златник,
цицај ја, како од послужавник, со испакнати усни,
како на сламка ‒ туѓата душа,
како колострум во првите часови на животот.


(Она што не може да се проголта)

Она што не може да се проголта,
што не стига накај стомакот,
што наполно ѝ останува на устата,
на цицалките од јазикот и непцето,
што не може да се нарече храна,
може да се нарече шумска јагода,
прв и последен бакнеж,
грозд, семе, причест


(Уште и)

Уште и
од пркос
земав во устата
жаба. Мала, едвај фатена во врутокот,
фина‒префина, како изворска вода вкусна,
како истопен горски кристал...
Тука почна да се дурми Тања:
жабата се топеше в уста,
тромо мрдајќи, како втор
јазик.


Еден допир во седум октави
(Октава трета)

Прво со прстите прелетувам нежно,
површно, лесно, колоратурно,
па пицикатото неизбежно
прснува, каде што треба енергично и бурно,
потоа ‒ со гудалото ја допирам темата
пред која штотуку сме застанати,
а потоа ‒ по струната што не постои,
поточно ‒ за која не знаевме.

 

 

Борис Парамонов
Гласот на Вера Павлова

(...) Се смета дека Вера Павлова е еротска поетеса. Нејзините стихови кај некои дури предизвикуваат негодување. Сега како да сме дојдени до некаков компромис: еден критичар рече дека стиховите на Павлова се ‒ вербализиран Ерос. Односно, Ерос преведен во зборови, а со самото тоа нагрнат во културно, социјално прифатлива форма. За јазичното мајсторство на Вера Павлова одвишно е да се зборува, толку е тоа несомнено, па и општопризнато. Сепак се поставува едно, на прв поглед еретичко прашање: дали во стиховите главни се ‒ зборовите?

Ерудитот тука ќе се сети на изреката на Маларме: „Стиховите не се прават од мисли и емоции, туку од зборови.“ Зборовите, пак, имаат различна тежина во практичниот говор и во поезијата. Во поезијата тие ја менуваат својата информативна, знаковна природа и стануваат предметно‒стварни. Поетот не ја осознава тајната на зборовите туку тајната на нештата, тој продира до наличјето на условните знаци на говорот. Во вистинските стихови, секогаш и само, зборува телото.

(...) Ако зборуваме за телото, телесноста, материјалноста на поезијата, можеме да речеме дека поезијата можеби е повеќе телесна и од актерството. Но, се чини дека кај Вера Павлова најважно е ‒ умеењето да се продре низ соматските опни, од површината да се стигне во длабочината. Кај нејзе работата не се завршува со „кожата“. Таа продира подлабоко ‒ и самата се пресвртува, врти кон наличјето.

Избор и превод: П. В.
Графики: Erica Chappuis

ОкоБоли главаВицФото