Турбо Југославија

09.02.2016 05:21
Турбо Југославија

Не дека Југославија беше некоја совршена креација, дури ни како генерација не ја зафтасавме таа Титова Југославија за да може сега од искуство да кажуваме, а и последниве неколу години и мачнина ми се јавуваше кога ќе се присетев на пост-титовата Југославија, која беше полна со национализам, злосторства и грабежи. Но, во последно време еден автомобил-играчка ме прогонува и упорно ме враќа во таа Југославија.

Иако поминаа триесетина и нешто години од последната игра со тој автомобил, бев убеден дека ќе најдам моја фотографија со него во кадар. Фотографирањето со автомобили ми беше вообичено поради мојата љубов кон нив. Барајќи низ фотографиите наидов на оштетена фотографија на која, ете ти ја „утварата“ (wraith) од кола која што ме прогонува во денешно време. БМВ Е25, подобро позната како Турбо.

„БМВ Турбо“ беше концепт возило на БМВ и беа произведени само два такви во 1972 година. Создавањето на ова концепт возило беше и во чест на летните Олимписки игри кои се одржуваа во Минхен, истата таа 1972 година, а кои наместо по добро станаа познати по масакарот на израелските спортисти.

Во тие години и во нашето опкружување не било се така мирно. Во Бугарија, која беше сателит држава на СССР и која беше директно раководена од Москва, Тито бил сликовито прикажуван како коле деца. Бугарските видни личности и функционери имале забрана да купуваат возила од запад, и покрај нивната технолошка суперирорност, па морале да се возат само во Лада или Волга. На Турското малцинство во Бугарија му било забрането да зборува на својот мајчин јазик.

И во Полска вриело. Деновите кога е направена фотографијата со моето „БМВ Турбо“ во Полска на сила бил „Воен закон“ со кој им била одземена власта на граѓанските власти и „привремено“ било поставено воено раководство со цел да се задуши опозиционерското движење.

Во Романија ништо ново, сè уште брутално и репресивно владеел Николае Чаушеску, за кој ние дознавме нешто подоцна, кога падна во рацете на народот. Во тие години кога јас си играв со „Турбо“, тој вовел некакви политики на штедење (кон народот) со цел да се намали големиот надворешен долг на земјата, кој инаку го направиле тој и неговите пајташи. Тоа било економска шок-терапија која била едно од последните мерки што довеле до Романската револуција во 1989 година.

А во таа Титова Југославија – мирно. Во неа децата не беа колени како што велеше бугарската пропаганда - ги уживаа сите слободи, права и здравствена заштита. Не умираа поради негрижа од државата. Функционерите возеа автомобили од марките Застава, Опел, Форд и Мерцедес. Секој можеше да зборува на својот мајчин јазик, некои имаа Република, некои Покраина. Дури произведувавме и свои возила, Застава и Југо, чии делови се правеа по сите краишта на Југославија, што е економски логично.

Во нашиот дел од таа Југославија, во Македонија, било мирно и долги години по смртта на Тито и згаснувањето на славната Титова Југославија.

Во таа разумна и мирна Македонија никната од Титова Југославија, јас го добив тоа „БМВ Турбо“, кое некако сега, ме јаде во душава, затоа што неговото присуство на тепихот во нашиот дом, во таа 1982 година, некаде во Струга, во крајниот дел од таа Југославија, ми изгледа неверојатно и нереално. Уште повеќе, присуството на „Турбо“ во мои раце и во тоа време ме восхитува како да гледам некој репрезент-темелник за високото достигнување, напредок и слобода на едно општество, на таа моја детска Турбо Југославија.

Да, има и денес автомобили играчки, и моите деца имаат коли на далечинско, но направени се во Кина, со лош квалитет и брзо се расипуваат, а и не се примероци од некоја посебна важност за автомобилската индустрија и спорт. За среќа имам неколку од моите кои ги сочував, а кои се направени во Германија, Хонг Конг и Сингапур и се во возна состојба, ама тоа не е поентата.

Споредувајќи ја мојата фотографија со моето „БМВ Турбо“ и фотографијата од моето дете со неговите коли, не забележав нешто посебно различно. Но, не ме јаде она што се гледа.

Ме јаде она што не се гледа, ме јаде што таа фотографија за мене претставува. Ме јаде тоа што јас како дете растев во таква скоро совршена креација на едно општество, во една Турбо Југославија, која нема да можеме да ја достигнеме долги години, сигурно не во мојот животен век. Ме јаде тоа што не мора да има бугарска пропаганда со лаги за тоа дека нашите власти колат деца, зашто навистина нашите власти со финансирање панорамски тркала индиректно убија неколку деца. Ме јаде што моите деца живеат и растат во една перверзна креација, создадена со уринирање на исфрустрирани садисти и мазохисти - тоа ме јаде.

Е поради тоа ме прогонува тоа мое „БМВ Турбо“, поради тоа што позади него се гледа минатото, сегашноста и иднината на општествата во кои живеевме, живееме и ќе живееме.

На фотографијата можам да видам како сме патувале без да се движиме. Наместо нас, општествата се движеле и се менувале околу нас, за некои од темно кон светло , за нас од светло кон темно и сега во перверзија.

Да живее Македонија, онаа од Турбо Југославија.

(За спомен на оние деца кои поради негрижа на државата не доживеаја да имаат какви било спомени.)

Димитри Голабоски

Струга, 08.02.2016 г.

ОкоБоли главаВицФото