Послание до моето Племе

09.02.2016 13:05
Послание до моето Племе

Признавам, писмото е речиси патетично, но и состојбата е речиси патолошка! Поради ова, драги благородни луѓе, особено - драги растроени интелектуалци, вие кои разговарате, говорите и пишувате, престанете со денови да го цитирате вулгарно-демагошкиот говор одржан пред група испразно-амбициозни, профитабилно-настроени, или, делумно принудени и присилени жени. Сопрете да го пренесувате во очај и гнев тој непристоен говор, зашто предизвикувате мачнина! Зарем ништо не преостана освен мазохистичко раскинување на сопственото битие на општата смисла на постоење?!

А вие жени, кои одбравте груб говор и насилна тирада, како ќе ја оправдате благородната улога на женскиот род - улога на мајки? Како ќе се вратите во вашите домови за да ги негувате, да ги воспитувате и да ги подучите вашите деца на благородие?! Зашто човек треба да има „божји лик“, така велат светите книги, а тоа значи - да го живее својот земен живот во праведност, достоинство, почит кон својот живот, но и почит кон животот на другите?

Токму човекот го има тоа единствено својство - да живее со облагородена и чиста совест, веројатно единствено својство во целокупниот божји Свет!

И, погрешни се исказите, изречени, можеби, во оправдана малодушност, додека на оваа мала земја живее „смачкано племе“, „робови во душа“, дремливи очајници... И сè друго слично, искажано со горчина во гнев и бес!

Зашто не е така! Зарем сте изумиле дека од искона овде живее Племе, токму Племе - име и поим од кои произлегуваат поимите - племенитост и племство, уважени називи, всушност достојни за луѓе со племенита душа?!

Зарем сте изумиле дека од родот на ова Племе произлегува четвртиот превод во Светот на најпочитуваната во светот книга, Новиот завет?! Четвртиот превод (всушност, третиот: хеленски, латински, и - црквено-славјански, т.е. јазик на македонските племиња), превод сочинет пред повеќе од милениум време, превод - на совршен јазик, онтолошко-философски јазик, јазик што ги оплеменил јазиците на сите славјански народи од Југ до Север?!

Зарем не сведочите дека ова ваше Племе од искона било зафатено со најчовечната дејност - негување на Мајката Земја, чување домашно огниште, ткаење, плетење, везења, резбарење, ковање - бакар, сребро и злато, градење храмови според човечка мера, а исликани, живописани и според врвна божеска дарба?! Зарем не знаете дека ова такво, кротко, мирољубиво Племе, во најновата светска историја се крена против ужасната катаклизма – фашизмот?!

Знаете, всушност, дека ова Племе никогаш не ловело робови, никогаш не поробувало ни убивало црни, црвени, ни жолти луѓе, не освојувало беспомошни земји, не ограбувало, не сквернавело свети места и храмови. Знаете дека ова Племе никогаш не тргнало по злосторнички Крстоносни војни, туку кротко и побожно леело трудбеничка пот по грутките земја, а во празниците ја смирувало душата редејќи посветени бројаници и палејќи свеќи за здравје, спокојство и мир.

Смирете го својот праведен гнев и обединете се во густи редови, не за да освоите позиција на власт, туку да се изборите за правда против позицијата на насилна власт. Обединете се за достоинствен живот против измами, лаги, илузии, против насилство и тргување со вашите животи, и тоа, не само во државата која им припаѓа на сите вдомени во овој дел на земјата, туку и против сето лицемерие, мамење и понижување од силните и богати моќници, зашто и тие се само кусовеки смртници! Иако, мора да се признае - само Злото е бесмртно!

Извор: Слободен печат
Фотографии: Томислав Георгиев