1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 14:59
Според мојата скромност, груевизмот како манир на владеење, покрај многуте аспекти, претпоставува педантна пресметаност во постапките. Сè е однапред математички испланирано, секоја активност е во функција на некоја друга активност, секој потег има свои резервни опции, како што секоја стратегија се разработува во неколку можни сценарија. Груевизмот ништо не остава на случајот – ако го нападнете со протести, тој влегува во контранапад со контрапротести, ако го атакувате со пленуми, тој одговара со контрапленуми, ако го притиснете со аргументи за злоупотреба на функцијата, тој веднаш ќе ви исфабрикува контрааргументи за контразлоупотреба и, сето тоа проследено со интензивната провладина медиумска офанзива, создава инверзна реалност во која веќе не знаете кој е на власт, а кој не е.
На пример, според провладините медиуми, специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, која патем речено, е поставена на тоа место за да ги расчисти криминалите на груевизмот, е една забегана, алчна, нестабилна и сомнителна личност. Од неа мора да се одбрани во ликот и делото на „познатите и докажани борци за правда“, од калибарот на еден Зврлевски, на пример, или претседателот на обвинителскиот совет, извесниот Аневски. Всушност, целта е да се произведе перцепција дека еден вреден, посветен, умерен, усмерен, одмерен и проверен премиер е нападнат од злобна булумента политички и граѓански авантуристи, десперадоси, продадени души, странски платеници, предавници и слично. Кои немаат попаметна работа, освен нему и на неговата Фамилија да им го загорчуваат животот со цел да дојдат на власт.
Во таквата математичка пресметаност, груевизмот предвидува строга поделба на улогите на сите сопствени марионети. Познати и помалку познати. На пример, редица непознати „жртви на бруталноста“ на Специјалното обвинителство, покренаа лавина кривични пријави против Катица Јанева, иако сите знаеме (а знаеме затоа што одамна сме излегле од шинелот на семкарскиот резон на Груевизмот) дека всушност се работи за истите лица кои во СЈО сведочеле против Груевски и Фамилијата, а потоа биле подложени на закани и уцени за да тужат наводно поради тоа што изјавите им биле изнудени под притисок на истото тоа СЈО. Што покажува ова? Дека СЈО е под будна присмотра на груевистите, дека се знае кој влегува таму, кој излегува, кој што прави, кој е опасен за режимот и кој и како треба да биде „третиран“. Оттаму, воопшто не е случајно што меѓународната заедница, воочувајќи каде во моментов се кршат копјата и светкаат искрите, ѝ даде безрезервна поддршка на Јанева.
Патем, јас си имам сопствено мислење за идниот развој на настаните и некои работи ги гледам малку поинаку. Поаѓам од претпоставката дека груевизмот како еден примитивен антиполитички систем на владеење, е заснован на прости и механички методи на манипулација. Како таков, тој е лесно предвидлив, бидејќи, како и секоја класична мафијашка организација, во услови на криза тој реагира по инерција - одбранбено, продлабочувајќи ја кризата кој сам ја создал до екстремни граници.
Едноставно, груевизмот се јаде самиот себеси, оддалечувајќи се од ден на ден од својата фабрикувана перцепција. На пример, веќе целосно е урнисана матрицата за Груевски како човек од збор, бидејќи само во последната година безброј пати се порекна самиот себе. Тој веќе не е ни премиер, а уште помалку е трезвен и самоуверен политичар, сè повеќе влегувајќи во неартикулирана и хистерична фаза манифестирана на неговите партиски собиранки.
Да повторам – груевизмот се самоуништува, затоа што сето она кое до вчера било негова моќна алатка за владеење, сега се претвора во сопствен камен кој паѓа врз сопствената глава. Катица Јанева нема да го урне, тој се самоурива на поимот „Катица Јанева“.
Токму затоа, длабоко сум убедена дека на следните избори, кога и да се одржат, груевизмот ќе биде поразен. Ќе биде поразен, затоа што веќе е празен, затоа што веќе нема што да понуди, затоа што веќе е изживеан. Останува уште да се надживее, а богами и да се преживее. Мислам дека за тоа е свесен и Груевски и оттаму, неговата сегашна победничка еуфорија ја доживувам како алиби за непризнавање на сопствениот пораз. Претпоставувам дека тоа ќе биде неговиот последен обид, неговата лебедова песна.
И тука завршуваат сите математики во политичката равенка.
Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Александар Ковачевски