Дрво на ридот

10.02.2016 02:34
Дрво на ридот

Дрво на ридот

Од дамни дамнини расте ова дрво на сува рида без вода
со гранки раскрилени ко птица далдисана во летот.
Високото сонце го заслепува од својот усвитен светлосен одар,
но во него шуркаат сите живи сокови на светот.

И лете му шумолат гранките
и зиме кога заснежува,
а светот и го забележува и не го забележува.

Ветришта диви го сардисуваат и сеништа темни,
тврдата почва и испукана бистриот поглед му го засенува,
суши змијарници му ги смукаат корењата земни,
но тоа од пркос зазеленува и расте, расте и зазеленува.

Љубов моја, те сретнав на овој рид како патник во мугри
што подранува
ти дадов сè што можам, а сè било јаловина.
Под дрвото се љубевме и израснавме, сушата ни беше ладовина,
сега ние си одиме, а дрвото опстојува и останува.
Дај, господи исполни ми ја последната желаба
при оваа голема делба-
да се најдеме и слееме со срцевината
на ова дрво што расте на сува рида во вишината.

Ацо Шопов

 

Гнездо во брановите

Една птица од топлите јужни краишта,
изморена од долгото летување и замелушена од врела сончевина
споулавено кружи над езерото и во чаталестото дрво
разлистено над воденото огледало
го бара своето скриено старо гнездо
каде единствено може да отпочине и да се смири.

Лета птицата, одвај кружи и дрвото не го препознава.
Дрвото се подмладило, разгранало и чиниш го прекрило сето езеро.
Илјади други птици ноќевале во неговите крошни
и исчезнувале со раните утрински шумови.
А оваа птица секоја година долетувала,
слетувала во своето гнездо и не забележувала
како со времето ја издаваат силите
и како веќе не е онаа истата што може
неуморено да лета и да се опијанува
од чистиот воздух и опојниот мирис на дрвото.
Долго кружи оваа споулавена птица над водата,
над огромните разлистени гранки на дрвото
под кои се набира езерото премрежено
од ветрот што носи од далеку сè посилни бранови.
Грбавите бранови ù заличуваат на птицата
на нејзиното старо добро легло свиено во дрвото
и таа со последни сили се стрмоглавува кон своето гнездо,
со страшен свиреж на воздухот мине низ гранките
и без крик удира и исчезнува во брановите.

Дрвото счудоневидено ги развива гранките
над разбеснетото езеро
како да сака да ја гушне птицата
што сиот свој живот го мина во своето гнездо,
а сега исчезна во гнездото на брановите
каде што единствено може да отпочине и да се смири.

Дај, господи исполни ми ја последната желба
при оваа голема делба –
да се најдеме и слееме со срцевината
на ова дрво што расте на сува рида во вишината.

Ацо Шопов

Слики: Татјана Миљовска, Ткиво, масло на платно, 2015/16

ОкоБоли главаВицФото