Употреба на паниката

10.02.2016 11:39
Употреба на паниката

Телевизиски вести, наслови во весниците, политички говори, твитови и останати канали преку кои се формулираат и изразуваат општествените треперења и стравови – преплавени сме со говорот за „бегалската криза“ која ќе предизвика колапс во Европа и начинот на живот кој го познаваме и сакаме. На одреден начин, „бегалската криза“ е само нова политички коректна шифра под која креаторите на јавното мислење ги покоруваат срцата и умовите на јавноста. Ефектите од извештаите за бегалскиот бран достигнаа размери на „морална паника“ (според најшироко прифатената дефиниција од Википедија: „широко распространет страв дека претстојното зло ја загрозува благосостојбата на општеството“).

Додека ги пишувам овие редови, се подготвува нова трагедија – трагедија на сурова рамнодушност и морално слепило. Има сè повеќе знаци дека јавното мислење и медиумите, кои се раководат исклучиво од гледаноста, се приближуваат до точката „презаситеност од бегалската трагедија“. Мртви деца, набрзина подигнати ѕидови, огради од бодликава жица, преполни бегалски кампови („прифатни центри“), влади кои дотураат сол на раните на бегалството и ризичното патување, третирајќи ги бегалците како врели компири – сите тие скандалозни настани веќе не се вест и за нив сè поретко се известува. Со повторување, шокантните вести стануваат досадна рутина на секојдневието – моралната паника се повлекува и покриена со превезот на заборавот исчезнува од видикот и совеста. Кој сè уште се сеќава на авганистанските азиланти кои се фрлаа на бодликавата жица во Вумера во Австралија или луѓето затворени во логорите кои владата на Австралија ги подигна на островот Науру и Велигденскиот остров за да го „спречи нивното влегување во територијалните води“? Или десетиците судански бегалци кои полицијата ги уби во центарот на Каиро „бидејќи УНХЦР ги лишил од правата“? (примерите се од книгата „Ракување со непожелните“)

Масовните миграции не се нова појава; тие го следат модерното доба од самиот почеток (понекогаш се поместувале и ја менувале насоката) – бидејќи „модерниот начин на живот“ подразбира созадвање „вишок луѓе“ (локално „бескорисни“ – бидејќи заради економскиот напредок за нив веќе нема работа, или локално „непожелни“ – отфрлени заради конфликти, немири и несогласувања предизвикани од општествени/политички трансформации и поврзани со борбите за моќ). Така, денес ги трпиме последиците од длабоката и навидум нерешлива дестабилизација на подрачјето на Блискиот исток предизвикани од погрешните, неодговорно кратковидите и недоследните политики воени авантури на западните сили.

Во појдовната точка, факторите кои ги генерираат денешните масовни движења на населението се од двојна природа. Такви се и нивните ефекти на целта и реакциите во земјите кои примаат бегалци. Во „развиените“ делови од светот, таму каде економските мигранти и бегалците бараат засолниште, бизнис интересите со раширени раце го дочекуваат приливот работна сила и вештините кои ќе донесат профит (како што забележува Доминик Касиани: „Британските работодавачи денес се многу вешти во пронаоѓањето евтина странска работна сила – агенциите за вработување вредно бараат и ангажираат странски работници на континентот“); од друга страна, за најголем дел од населението оптоварено со егзистенцијални стравови и неизвесност од општествениот статус и перспектива, приливот бегалци е најава за заострување на конкуренцијата на пазарот на трудот, уште поголеми неизвесности и сè помали шанси дека ситуацијата ќе се подобри: резултатот е политички експлозивна состојба на умот во доба кога политичарите невешто застрануваат обидувајќи се истовремено да ги задоволат господарите кои го контролираат капиталот и го смируваат исплашеното гласачко тело.

Накратко, судејќи според тоа како се поставени нештата и како ќе бидат поставени уште долго, мали се шансите дека масовните миграции ќе престанат – без разлика дали исчезнале причините за миграција или затоа што некој пронашол ефикасен начин да ги запре. Како што сликовито забележа Роберт Виндер во предговорот на второто издание од книгата Проклети странци – „Можеме да поставиме лежалка на плажа и да им викаме на брановите, но плимата нема да нè повлече“. Подигнувањето ѕидови за да се спречат мигрантите да се „вселат во нашите дворови“ личи на анегдотата за античкиот филозоф Диоген. Диоген цел ден туркал буре по улиците на родната Синопа, а кога го прашале зошто го прави тоа, одговорил дека ги видел соседите како забрзано ја заградуваат вратата од својата куќа и ги острат мечовите, па одлучил и тој да придонесе за подготовките за одбрана на градот од војската на Александар.

Она што е ново во последните неколку години е наглиот пораст на бројот бегалци и азиланти кои им се придружуваат на мигрантите што веќе долго тропаат на вратите на Европа; порастот е причиниет од умножувањето „неуспешни“ или сосема нефункционални земји, територии на кои не постојат закони и држава, со што е поставена сцената за бескрајни племенски и секташки војни, масовни ликвидации и секојдневен грабеж. Таа колатерална штета во голема мера е последица на фатално непромислените и осудените на пропаст воени кампањи во Авганистан и Ирак, каде со рушењето на диктаторските режими е отворена сезоната на хаос и насилство. Насилството придонесува за глобалната трговија со оружје која избега од контрола благодарение на поддршката на воената индустрија во потрагата по профит, со премолчена поддршка на владите кои со продажба на оружје се обидуваат да го зголемат БДП (поддршката често се демонстрира и јавно на меѓународните саеми за оружје). Брановите бегалци заради безумното насилство ги напуштаат домовите и се приклучуваат на релативно стабилниот прилив таканаречени „економски мигранти“ кои се поттикнати од обичната човечка желба од неплодната земја да заминат некаде каде државата е позелена: од сиромашните земји без перспектива во земјите од соништата кои изобилуваат со можности. За таа река луѓе кои бараат само пристојни услови за живот (која рамномерно тече од почетокот на човештвото, а е забрзана со модерната индустрија која создава вишок луѓе и пропуштени животи, Пол Колиер го вели следното (во Егзодус):

„Првиот важен факт е гротескно големата разлика во приходите помеѓу сиромашните и богатите земји, која со сегашните стапки на глобалниот раст ќе се одржи барем уште неколку децении. Второ, миграцијата не може значајно да ја намали постоечката разлика бидејќи механизмите на повратната сила се премногу слаби. Трето, додека траат миграциите ќе продолжи и акумулацијата на дијаспората. Затоа, разликите во приходите ќе потраат, а причините за миграција ќе зајакнат. Оттука, следува дека миграцијата од сиромашните во богатите земји ќе продолжи да се забрзува. Меѓународната миграција не може да достигне состојба на рамнотежа во блиска иднина: сведоци сме на почетокот на периодот на дисбаланс од епски размери.“

Колиер пресметал (користејќи податоци собрани до 2000 година) дека „меѓународната миграција од сиромашните во богатите земји одеднаш пораснала во периодот од 1960 до 2000 година, со помалку од 20 на над 60 милиони. Исто така, растот постојано се забрзувал во секоја наредна деценија... Разумно е да се претпостави дека тој тренд ќе продолжи“. Ако миграцијата се препушти на сопствената логика и замав, популациите во сиромашните и богатите земји ќе се однесуваат како течност во поврзани садови. Бројот мигранти ќе продолжи да расте до точка на рамнотежа, додека на нашата глобализирана планета условите за живот во „развиените региони“ и „регионите во развој(?)“ не се изедначат. Но, изгледа дека ќе мора да поминат уште неколку децении за да се случи тоа – дури и ако ги занемариме можните непредвидливи историски обрти.

Бескрајната приказна

Луѓето кои бегаат од воените ѕверства, деспотизмите, ужасите на гладувањето и отсуството перспектива тропаа на вратите од почетокот на модерното доба. За луѓето од другата страна на вратите дојденците пред сè биле странци. Така е и денес. Странците предизвикуваат паника токму затоа што се „туѓи“ – застрашувачки непредвидливи, различни од луѓето со кои комуницираме секојдневно и за кои веруваме дека знаеме што може да очекуваме од нив; приливот странци би можел да го уништи сето она за кое се залагаме и да го прекине познатиот и удобен начин на живот. Луѓето со кои сме навикнати да живееме во нашите соседства, на улиците и на работните места, ги делиме на пријатели и непријатели, на оние на кои им нудиме добредојде и оние кои само ги толерираме; без оглед на категоријата во која ги сместуваме, одлично знаеме како треба да се однесуваме со нив. За странците не знаеме доволно за да можеме правилно да ги толкуваме нивните потези и соодветно да реагираме. Ситуациите во кои не знаеме што да правиме, ситуациите кои не сме ги создале и кои се надвор од нашата контрола се главни извори за анксиозност и страв.

Може да се каже дека тоа се универзални и вонвременски проблеми со „странците меѓу нас“ – проблеми кои се појавувале во секоја епоха и повеќе или помалку, рамномерно ги преоптоварувале сите сегменти од населението. Густо населените градски подрачја неизбежно генерираат контрадикторни импулси „миксофилија“ (чувства на привлечност кон различното, хетерономното окружување кое изобилува со непознати и неистражени искуства и оттука нуди ветување за авантура и откритие), и „миксофобија“ (страв од преголема количина непознато, нескротливо, заканувачко, неконтролирано). Првиот импулс е главната атракција на животот во градот – вториот е неговото најголемо проклетство, особено во очите на помалку успешните и помалку имотните, оние луѓе кои – за разлика од богатите и привилегираните елити во „оградените заедници“, изолирани од непријатната, збунувачка и застрашувачка врева на градските улици – немаат можност да се заштитат од безбројните замки и заседи рафрлани ширум хетерогеното, често ненаклонето, недоверливо и непријателско урбано окружување на чии опасности ќе бидат изложени доживотно. Алберто Нардели нè известува:

„Речиси 40 проценти од Европејците ја наведуваат имиграцијата како најголем проблем во Европската унија. Пред само една година така се изјаснуваа помалку од 25 проценти од испитаниците. Еден од двајца Британци смета дека имиграцијата е најважното прашање кое мора да се реши.“

Но, во нашиот сè понагласено дерегулиран, полицентричен, разглобен свет амбиваленциите на урбаниот живот не се единствената причина за чувство на неудобност, страв, непријателство, па дури и импулс на насилство пред глетката новодојдени бездомници. Истото важи и за различните начини на употреба и злоупотреба на нивниот евидентен очај и немоќ. Зад таквите чувства стојат уште два импулси кои можат да се доведат во врска со особеностите на нашиот постдерегулациски начин на живот и кохабитацијата. Станува збор за фактори кои навидум се сосема различни и дејствуваат на различни категории луѓе. Двата импулси ги продлабочуваат чувствата и ресантиманот кон имигрантите – но тоа го прават во различни сегменти кај домашната популација.

Животинската фарма

Првиот импулс донекаде го следи осовременетиот образец скициран уште во басната на Езоп за зајаците и жабите. Другите животни толку ги прогонувале зајаците што тие веќе не знаеле што прават. Штом ќе забележеле дека се приближува некое животно, почнувале да бегаат. Еден ден, покрај нив претрчале стадо коњи и зајаците во паника побегнале кон блиското езеро, со намера да се удават, бидејќи им било доста од животот во страв. Кога се приближиле до брегот на езерото, исплашените жаби скокнале во водата. „Сепак, не е сè толку црно како што изгледа“, рекол еден од зајаците. Нема потреба да се избира смртта наместо животот. Наравоучението од приказната на Езоп е едноставно: задоволството кое го почувствувал зајакот било ослеснување, добредојдена починка од секојдневното прогонување и животот во страв, создадено од сознанието дека секогаш има некој чиј живот е уште потежок.

Во нашето општество има многу зајаци кои „се прогонувани од другите животни“, токму како оние од басната на Езоп; веќе неколку децении нивниот број расте, може да се каже, незапирливо. Живеат во беда, понижување и срам во општество што ги отфрла, додека се фали со слики на невиден раскош и изобилство; животните што ги прогонуваат нашите зајаци се другите луѓе, ги навредуваат со негирање на нивните вредности и со непочитување – а судот на сопствената совест ги цензурира, понижува и исмева заради очигледната неспособност да ги достигнат другите. Во светот во кој од секого се очекува да се „создаде себеси“, таквите човечки зајаци на кои им е одземена почитта, вниманието и признанието завршуваат како зајаците од басната на Езоп, фрлени на „дното“ од пеколот – оставени таму без надеж и ветување за можно искупување или спас.

За отфрлените кои насетуваат дека го допреле дното, откритието дека постои уште еден спрат под оној на кој завршиле е вистински мелем за душата, сознание кое им го враќа човечкото достоинство и го чува она малку самопочитување што им останало. Пристигнувањето на непрегледните маси мигранти бездомници на кои им се одземени човечките права не само во практиката туку и со словото на законот, донесува (ретка) можност за таков настан. На тој начин можат да се објаснат совпаѓањата на периодите со масовни миграции и подемите на ксенофобијата, расизмот и шовинистичкиот национализам, како и вчудоневидувачките историски успеси на ксенофобните, расистичките, шовинистичките партии и движења и нивните милитантни лидери.

Дно под дното

Националниот фронт што го предводи Марин Ле Пен, главно привлекува гласови од дното на скалата – гласови на обесправените, дискриминираните, осиромашените и исклучените слоеви од француското општество, луѓе групирани околу експлицитно формулираниот или подразбирливиот слоган „Франција им припаѓа на Французите“. За луѓето загрозени од премолчените, (сега) можеби и формализирани механизми за исклучување од општеството, тоа е драгоцен слоган: национализмот е чамецот за спасување (машина за воскреснување?) од соништата на нивното избледено или веќе сосема срушено самопочитување. Да се биде Французин (или Французинка) – тоа е единственото (единствено достапно?) обележје кое ги сместува во истата категорија со добрите, благородни, возвишени и моќни луѓе на врвот и ги поставува над слично несреќните странци, новодојденците без држава. Имигрантите се она скриеното дно под дното кое го барале – подземје под подземјето на кое се осудени и домашните „несреќници“, глетка која им помага веќе да не ја доживуваат сопствената судбина како апсолутно понижувачка, горчелива, неприфатлива и неподнослива.

Покрај вообичаената вонвременска недоверба кон странците постои и една дополнителна причина да чувствуваме незадоволство заради масовниот прилив бегалци и азиланти; таа причина е особено блиска до еден друг сегмент од општеството – „прекаријатот“ кој се создава: луѓето кои стравуваат од губење на стекнатите поседи и општествениот статус. Тие многу се разликуваат од зајаците на Езоп, потонати во очај, кои веќе изгубиле сè или никогаш не добиле можост да стекнат што било.

Странци на бреговите – и на улиците

Ненадејната масовна појава странци на нашите улици не ја предизвикавме ние и таа не е под наша контрола. Никој не нè праша, никој не бараше дозвола од нас. Не е невообичаено што новите бранови бегалци многумина ги гледаат (да ги употребам зборовите на Бертолд Брехт) како „гласник кој носи лоша вест“. Тие се отелотворение на колапсот на еден поредок кој умира (што и да се подразбира под „поредок“: состојба на нештата во која врските помеѓу причините и последиците се стабилни и оттука разбирливи и предвидливи, така што луѓето во рамки на поредокот знаат што треба да прават): бегалецот е како човек со табла околу вратот на која пишува дека се ближи крајот на светот. Како што забележува Џонатан Рутфорд, „тие носат лоши вести од далечните краишта и ги ставаат пред нашите врати“. Тие ни соопштуваат и нè потсетуваат на нешто што со задоволство би го заборавиле: дека некаде во светот постојат глобални, далечни, недопирливи, скриени, мистериозни сили кои понекогаш ги слушаме, но никогаш не ги гледаме, доволно моќни да се вмешаат во нашите животи, без оглед на нашите желби и планови.

Според некоја чудна логика, „колатералните жртви“ на тие сили често ги доживуваме како претходник упатен да подигне логори во рамки на нашите ѕидови. Тие номади – не според избор туку според пресудата на суровата судбина – нè иритираат и нè лутат со потсетувањето за (неизлечивата?) несигурност на нашата положба и тешко стекнатата благосостојба – а, човечки е, премногу човечки, да се обвинуваат и казнуваат гласниците кои само ги пренесуваат пораките на збунувачките, неразбирливите, застрашувачките и оправдано омразените глобални сили за кои насетуваме дека стојат зад агонијата и понижувачкото чувство на егзистенцијална несигурност кое ни ја уништува верата во себеси и ги руши животните проекти. Не можеме да направиме ништо за да ги зауздаме недофатливите и оддалечени сили на глобализацијата – но можеме да го пренасочиме бесот на продуктите од нивното дејствување кои ни се на дофат. Се разбира, коренот на проблемот останува надвор од опсегот на нашите изливи на бес, но така барем добиваме кратка починка од понижувањето, беспомошноста и неспособноста да се спротивставиме на парализирачката неизвесност на нашата положба во светот.

Таа извртена логика и менталниот став кој произлегува од неа создаваат плодно тло кое ги привлекува собирачите на гласови: тоа е можност која политичарите не ја пропуштаат. Претворањето на стравот во пари, предизвикан од приливот бегалци и стравот дека заради тоа ќе се намалат надниците и платите кои веќе долго стагнираат и ќе се продолжат веќе долгите редови луѓе кои залудно чекаат ретки работни места – е искушение на кое ретко кој политичар на власт или во опозиција може да му одолее. Стратегиите кои ги користат политичарите за да зграбат добра можност се бројни и разновидни, но едно нешто е сосема извесно: политиката на раздвојување и одржување дистанца, градењето ѕидови наместо мостови и „глуви соби“ наместо отворени линии за комуникација (накратко, перењето раце и криењето на рамнодушноста зад маската на толеранцијата) води право во пустината на заемната недоверба, отуѓувањето и понатамошното влошување на состојбата.

Иако, лажливо утешителна на краток рок (бидејќи предизвикот е турнат под килимот), таа самоубиствена политика само ги зголемува залихите динамит за некоја идна експлозија. Затоа и нашиот заклучок треба да биде сосема јасен: единствениот начин успешно да ги решиме сегашните и очекуваните идни проблеми е отфрлање на искушението на поделбите; впрочем, поделбата треба да се оневозможи така што веднаш ќе ги срушиме оградите на „прифатните центри“ и ќе дозволиме незгодните разлики, разидувањата и самонаметнатите отуѓувања да стапат во непосреден, секојдневен и сè поблизок контакт – со надеж дека тоа ќе доведе до фузија на хоризонтите наместо прво наметнатата, а потоа сесрдно прифатената опасна фисија.

Долго и тешко патување

Да, свесен сум дека нè чека долг период тешкотии и несогласувања; малку е веројатно дека таквиот избор веднаш ќе донесе олеснување и можно е сомнежите и анимозитетите на почетокот дури и да се продлабочат; сепак, не верувам дека постои алтернатива, поудобен, помалку ризичен пат, кратенка која води право кон решението на проблемите. Човештвото и човечноста се во криза – единствениот излез од таа криза е солидарноста меѓу луѓето. Првата голема пречка на патот за излегување од процесот на заемното отуѓување е отсуството на дијалог: тишина, самоотуѓување, дистанца, незаинтересираност, негрижа, рамнодушност. Наместо двојството љубов и омраза, дијалектиката за повлекување на границите треба да се инспирира од перспектива на тријадата љубов, омраза и рамнодушност или негрижа.

Еве што рече папата Фрањо за пророкот или гревот на рамнодушноста, за време на просетата на Лампедуза, на 8 јули 2013 година – каде почнаа „моралната паника“ и моралниот дебакл на кој присуствуваме:

„Колкумина, како мене, се залутани меѓу нас; не му посветуваме внимание на светот во кој живееме; не се грижиме за него, не го штитиме она што го создал бог за сите луѓе, не се грижиме едни за други! Кога целиот свет ќе залута на тој начин, се случуваат вакви трагедии... Мораме да се запрашаме: кој е одговорен за крвта на нашите браќа и сестри? Никој! Тоа е нашиот одговор: не сум јас; јас немам ништо со тоа; мора да е некој друг, сигурно не сум јас... Во нашиот свет никој не се чувствува одговорен; изгубивме чувство за одговорност за браќата и сестрите... Културата на благосостојбата која нè наведува да мислиме само за себе, нè направи нечувствителни за плачот на другите, нè затвара во балони од сапуница кои се убави, но немаат содржина; ни пружаат само минлива и празна илузија која наведува кон рамнодушност кон другите, и покрај тоа, води кон глобализација на рамнодушноста. Страдаме од глобална рамнодушност во глобализиран свет. Навикнати сме на туѓото страдање: не се однесува на мене, не ме интересира, тоа не е мој проблем!“

Папата Фрањо повикува „да го избришеме она што останало од Ирод во нашите срца; да го молиме господ за милост и да ја оплакуваме сопствената рамнодушност, да ја оплакуваме суровоста на светот, суровоста во нашите срца и срцата на сите оние кои анонимно донесуваат општествено и економски важни одлуки со кои им се отвораат вратите на трагедиите како оваа“. Кажувајќи го тоа, се запраша: „Дали некој заплака? Дали во нашиот свет денес некој заплака?“

Слики: Џејкоб Лоренс

Извор: https://www.socialeurope.eu/

ОкоБоли главаВицФото