Третиот пат

11.02.2016 13:52
Третиот пат

Воодушевена сум од индуската филозофска мисла! Тие имаат една филозофска школа со која стварноста ја објаснуваат како Адваита (а-два, не-два). Би можеле да го преведеме со „Не-два-изам“.

Значи, мудрите риши од златното доба на Ведите се решиле реалноста да ја опишат како Не-два, мислејќи на Мноштвеноста во Единство. Но, многу деликатно, фино го означуваат тоа како Не-два, бидејќи ако сè уште не можеме да сфатиме што е Единство, во позитивна смисла, сепак до некаде можеме да ја сфатиме негацијата не-два. Како и да е, битно е да не биде два. Бидејќи кога реалноста ја сведуваме на Два - два пола, црно-бело, зло-добро, грдо-убаво, патриоти-предавници, со тие рески поделби го губиме ШИРОКИОТ РАСПОН, Мноштвеноста.

Една многу примитивна биполарност владее во Македонија денес. Тоа пред сè го диктира оваа власт. Уште еден голем мотив зошто треба да се сруши! Наместо плурализам, кој сепак постои и со политичките опции изразени низ многубројни и разни партии кои ги имаме, и со новите кои се развиваат сега, сè уште постои тренд стварноста да ја сведуваме на биполарност, позиција-опозиција. Со страшен дуалистички јаз меѓу нив и во заедницата. Тоа, за жал, го добиваме, но тоа не е нашата вистинска стварност!

И идејата за трета опција веднаш како по навика ја пикаме во еден од двата блока, ја врамуваме во стариот шаблон! МНОГУ ПОГРЕШНО!

Значи, нашата борба сега е за плурализам и за широк распон, цел спектар со сите бои, отворен ум, а не какво било идеолошко ограничување и припаѓање на некој стар или нов табор.

Влегување во слободата на тој широк распон, што е друго име за креативност, потоа ослободување од предрасуди, секаков вид на шовинизам и дискриминација итн. треба да бидат придобивките од оваа борба за промени. За да се разбие тој биполарен модел кој како во тесна рамка сите нè држи во стапица. А не дека нема(в)ме богатство од идеи, можеби само ни недостасува смелост и храброст да ги изразиме и реализираме!

Но, истовремено и паралелно со отворање и ширење (кон светот и универзумот) сега имаме и обратен процес: се поларизираат две сили, една прогресивна, друга регресивна. Еден процес кој сè уште не се развил до крај, тоа ширење, треба да се влее и во дуалистички процес: борбата на прогресивните сили против регресивните и конзервативни, борба на вистината против лагата. (Индусите и тука имаат објаснување - Дваита)

Дали имаме јасна визија што ќе нè чека на крајот од овој тунел не знаеме со сигурност, сè додека интелигенцијата не е доволно, будна, витална, агилна. Бидејќи само таа може да има визија и да каже не само што нè чека на крајот од тунелот (секако Светлина) туку и како да се движиме по мракот и какви чекори да преземаме на секој метар и сантиметар.

А оној слоган „Сите се исти“ е најодвратно нешто што може да се слушне кај нас. Кога некои луѓе сè уште се со тој став, тие се најинертните елементи во општеството и треба по секоја цена да се избегнуваат, дури и да се стават во карантин, да не го загадуваат просторот со тие свои болни мисли. Или: „Што нудат другите?“ Ништо не треба да нудат другите. Бидејќи колу повеќе се нуди, толку повеќе не се остварува. Доста ни беа и дела. Сакаме да се одмориме од ДЕЛА. До сега цел Архитектонски факултет и сите институции на културата требаше да стапат во генерален штрајк. Гледаат ли тие какви дела се случуваат во Скопје? Секој ден фрламе милони евра заради ќефот на лудаци, културни работници!

Ништо повеќе не треба да ни се нуди! НИЕ СИТЕ ТРЕБА НА СЕБЕ ДА СИ ПОНУДИМЕ ПРИСТОЕН ЖИВОТ И ЗА НЕГО ДА СЕ ИЗБОРИМЕ. Преку некоја опција, јас ја одбирам таа каде што има најчесни, наскромни и најнапредни и свежи сили. Или: „Третиот пат е магично апче. Да се голтне и наеднаш чудо се случува.“ Третата опција (Белиот простор на Третата страна) не е партија или уште еден центар на моќ кој утре ќе има ист однос кон граѓаните како до сега сите други центри на моќ, туку во неа е идеалот за слободно општество и напредок. Во тоа е разликата.

И точно е тоа, третиот пат е патот на болката, бидејќи ние така најдобро сфаќаме што е битно, а што не е, преку болката и радоста. Кога нешто многу нè боли, настојуваме да го излечиме, а тоа што нè радува го следиме.

На крајот на краиштата, пак доаѓаме до истото решение. Сите треба да се обединиме во густи редови не за да освоиме позиција на власт туку за „достоинствен живот против измами, лаги, илузии, против насилство и тргување со нашите животи, и тоа, не само во државата која им припаѓа на сите вдомени во овој дел на земјата, туку и против сето лицемерие, мамење и понижување од силните и богати моќници...!“ (Елена Колева)

 

Сликa: Татјана Миљовска, Ткиво-Бели пламени, масло на платно 2016

ОкоБоли главаВицФото