ЕДНА ГОДИНА „СЕКОЈ ДЕН ПЕСНА“

11.02.2016 16:56
ЕДНА ГОДИНА „СЕКОЈ ДЕН ПЕСНА“

На 11 февруари 2015 во рубриката Секој ден песна ја објавивме првата песна: Што шефот му рече на Том.

За една година во рубриката објавивме над 300 песни. Како што напишавме некни, намерата на рубриката е да објавува врвна поезија од автори ширум светот, од што повеќе различни земји. Та така во првата година објавивме песни од поети од најмалку триесетина земји: Австралија, Индија, Сомалија, Бразил, Чиле, Израел, Ирска Шкотска, Италија, од некогашните југословенски републики&покраини, од Бугарија, Грција, Романија, Унгарија, Чешка...

Но, сепак, квантитативно доминираа поетите од „големите книжевности“, англиската, американската, француската, германската, руската...

Меѓу позастапените национални книжевности изминатава година беа и канадската и српската... Се разбира, имавме и доволно застапени македонски поети...

Годишнината на рубриката ја одбележуваме со шест кратки песни, кои главно се занимаваат со смислата на зборовите и се, на некој начин, „автореферентни“, иронично самосвесни и интроспективни во однос на самиот поетски медиум... Изборот и преводот ги направи уредникот на рубриката, Никола Гелевски.

Ен Карсон
КРАТОК ИСКАЗ ЗА КРУПНОТО И СИТНОТО

Крупни работи се ветрот, злото, добриот и срчан коњ, предлозите како видови зборови, неисцрпната љубов, начинот на кој луѓето го избират својот крал. Во ситни работи спаѓаат валканоста, имињата на филозофските школи, расположението и нерасположението, точното време. Сè на сè има повеќе крупни работи одошто ситни, па сепак, има повеќе ситни работи од што овде ги попишав, но станувате потиштен кога правите нивен список. Кога ќе помислам на вас што ова го читате, не би сакала со тоа да бидете ограничувани, отсечени со бодликавата жица и издробеното стакло на сопствениот живот, како некаква Електра.

***

Пол Малдун
КВУФ

Колку само често го внесував нашиот семеен збор
за шише топла вода
во непознат кревет,
како што и татко ми жонглираше со жешка цигла
завиена во стара чорапа
до клупата од своето детство.
Сум го ставил во толку убави глави,
или го положував меѓу нас како меч.

Хотелска соба во Њујорк Сити,
во неа девојка што едвај нафрла англиски,
мојата рака врз нејзините гради
како топла, единствена трага на јети,
или некое друго плашливо животно
кое допрва ќе влезе во тој јазик.

***

Џемс Тејт
ЧОВЕКОТ СО ДРВЕНА НОГА БЕГА ОД ЗАТВОР

Човекот со дрвена нога бега од затвор. Го фаќаат.
Му ја одземаат дрвената нога. Секој ден
тој мора да премине големо брдо и да преплива дива река
за да дојде на поле каде што цел ден да окапува треба
на една нога. Така било цела година. На божиќната
забава му ја враќаат ногата. Сега тој
не ја сака. Неговото бегство е смислено. Смета на
само една нога.

***

Никита Станеску
ТРОЈАНСКИ КОЊ

Самиот себе сум си Тројански коњ.
Сопственото рамо ми го освојува сопственото рамо,
сопственото око го опустошува сопственото око.
Отчукувањата на моето срце
не можат да се слушнат
поради отчукувањата на моето срце,
мојот глас што го привикува небото
здробен е
од мојот глас што го привикува небото.
Мојот живот веќе не се живее
од мојот живот.
Мојата љубов ја влече мојата љубов
по коњот на мојата љубов
околу тврдината.
Го забивам сечилото на мојот нож во сечилото на мојот нож
во мигот кога секундата што го најавува моето раѓање
оглувува поради секундата што го најавува моето раѓање.
Лут сум на сопствената моја налутеност,
ме радува сопствената моја радост.
Ѝ се надевам на сопствената надеж,
сопствената солза си ја оплакувам
и сум сè додека постојам
и веќе ме нема кога ме нема.

***

Вера Павлова
(ЌЕ ТИ ПИШУВАМ ПИСМА)

Ќе ти пишувам писма
во кои нема да има
разубавувања, поигрувања, пренемагања,
ласкања, невистини, извештачености,
жалби, дрскости, бес,
продавање памет и лакрдијашење...
Ќе ти пишувам писма
во кои нема да има зборови.

***

Лидија Дејвис
СЕДАМ СО СВОЈАТА МАЛА ПРИЈАТЕЛКА

Седам на сонце со својата мала пријателка на скалите пред влезот:
Јас читам една книга од Бланшо,
а таа ја лиже својата нога.

Сличен прилог:
300 песни во рубриката „Секој ден песна“