Латас, Јусуф, турбофолк

12.02.2016 03:14
Латас, Јусуф, турбофолк

Го сонив Латас ноќеска. Паднал во турски затвор во Подрум Кале. Лежеше помешечки на смрдлива сламарица, исплашен ко маче, а стражарот Јусуф го милуваше по газето и нежно го праша: Бу кач марка?! Е сега, не знам дали Латас се договори со него околу цената, зашто се разбудив.

Ако за некого само небото е граница, за Латас, дното нема граница. Си велам, што му требаше на хер Павловиќ она нешто на Сител, коешто го почна со амбиција да биде интервју со Заев, а испадна паланечки генг-бенг од негова страна. Страотна манифестација на бескрупулозен примитивизам, кој ни е добро познат и со кој и до сега не штедеше никого, ама во случајов, ничим изазван, го насочи кон Турците, кога на претседателот на СДСМ му рече: Лажеш ко Турчин!

И Турците, нормално, се навредија. И македонските и турските Турци. Сите Турци. Ех, хер Павловиќ, хер Павловиќ… Џабе милиот ти Груевски, пред некој месец, се појави во салата Борис Трајковски во обид од петни жили да ја врати довербата кај турското малцинство пред изборите, која заради нешто, не знам што, ја имаше загубено. Тогаш беше исвиркан од мнозинството во салата. Сега галиба ќе биде дабетер. Латас со својот настап, како од шала му ги збриша турските гласачи на Груевски во Македонија. Тоа е она кога рекле, каменот наменет за тебе не доаѓа од далеку туку од ближниот свој. А на Груевски изминативе две недели врне метеорски дожд. Примитивизмот на неговите апологети олицетворен во Латас, Миленко, Тони, Тодоров, пред очите на светот го прави помал од афионово зрнце. Во желбата да го одбранат и да ги оправдаат привилегиите добиено од него, го дозапретаа во кал.

Така е секогаш кога на примитивци ќе им дозволиш да завладеат со една технологија каква што е телевизијата. Без критички став кон неа, без филозофска дистанца, тие почнуваат да ја злоупотребуваат не само на своја, туку и на штета на целата заедница. Тоа е ТУРБОФОЛК. Истото се случува кога ќе му подариш Ферари на разгалениот, едвај полнолетен син. Тој кон подарокот нема критички став дека тоа е автомобил кој има големи перформанси, но кој треба да го користи со памет и да ужива во возењето. Наместо тоа, ќе го нагази триста на саат во населено место и ќе се забие во дрво откако ќе собере од тротоарот четири-пет минувачи. Тоа е турбофолкот, кога заради примитивизмот на еден човек кој некритички злоупотребил една технологија, страдаат многу луѓе. Или пак се чувствуваат повредени и навредени. Како Турците по телевизискиот настап на Латас.

И не само Турците. Иако вети на почетокот на интервјуто дека ќе има респект кон Заев, хер Павловиќ не додржа, па распали и по него без грам почитување како кон свој гостин и лидер на опозицијата. Изрече такви гадости од кои се згрози целата пристојна јавност, вклучувајќи ги и странските дипломати кај нас. Добивме една апсурдна монтипајтоновска ситуација во која таканаречениот новинар не бираше зборови да го навреди својот гостин и притоа да не дозволи да дојде до збор. Тоа беше, очигледно, однапред смислена, но провидна паланечка стратегија да се минира интервјуто и да се спречи гостинот да го изнесе своето мислење пред онаа јавност, на која и до сега, преку куртон-медиумите ѝ беше скратена можноста да чујат некој кој не размислува како бандата на Груевски. Истата таа стратегија ја употреби и Богатинова во двете интервјуа, она со Заев и она со министерот на МВР, што е голем индикатор дека таквиот пристап е смислен во кабинетот на Протуѓер, само што Латас ја натфрли својата колешка за десет копја со својот веќе прочуен турбофолкерски простотилак.

Во таа смисла, медиумските мегафони на режимот се однесуваат како повредени француски собарки во стил: Кога веќе мора да ги слушам наредбите одозгора и да поканам комуњари у емисија, нема да им дозволам да бекнат! Тоа изгледа е максимумот кој го разбираат во врска со навременото, точно и балансирано информирање на јавноста. Му рекло магарето на зајакот имаш големи уши! А бе, хер Павловиќ, ти си тој кој десет години смислено ја дезинформираш и лажеш македонската јавност, а не Турците. Како си тргнал, изгледа за десет години кога ќе сакаме за некој фиљан човек да кажеме дека многу лаже, ќе речеме: Еј, оној лаже ко Латас! Никогаш не се знае.

Затоа кротко, оти и утре е ден. Ништо не почнало со Груевски и со тебе, па нема ни да заврши. Вашето помина. Сега сте во слободен пад, како плуканица исплукана од тераса. Џавкате ѓоа бесни кучиња зашто го знаете тоа и исплашени сте до смрт кога пред вас падна и последната брана што ве штитеше – куртонските медиуми. Сакале-нејќеле сега мора да седите рамо до рамо пред тв-екраните со оние кои до вчера ги компромитиравте со лаги за да се заштитите себеси од судски прогон, а кои немаа можност да се бранат зашто им го забранивте пристапот на вашите медиуми. Сега се тука, до вас, и ќе ве разоткријат до гола кожа. Затоа вашиот примитивизам ги совлада сите ваши внатрешни механизми за контрола и го откри вашето вистинското лице. Лице на сурови предатори и психопати кои го ограбија и понижија сопственот народ пред очите на целата светска јавност, како никој пред нив до сега.

Хер Павловиќ, режимот на Груевски од таквите ко тебе направи куртони и ќе ве фрли како куртони. Куртон прави куртон телевизија, не обратно. Турбофолк до балчак. Видов дека им се извини на Турците за навредата, ама џабе. Дури и на сите нас останати да почнеш да ни се извинуваш за тортурата што ја трпевме од вас и вашите медиуми, цела мината деценија, ќе биде џабе. Јусуф со баклави не можеш да го прелажеш. Ни со турбофолк. Јусуф друго сака и Јусуф знае да чека. Во Идризово или Подрум Кале. Сеедно. Кој еднаш ја продал душата за пари, уште полесно ќе го продаде газот, кога за животот се работи.

Извор: Либертас
Слики: Свирачиња