Фаталност

12.02.2016 11:14
Фаталност

Во ходникот од метрото двајца луѓе се разминуваат. Едниот нагло застанува (тој има едно стаклено око), се враќа и го зграпчува другиот за јаката од неговото палто со една особена жестокост:

‒ А, ве најдов одново, никаквецу. Вие сте тој што пред дваесет илјади години ми го истеравте окото со зашилен камен!
‒ Почекајте, полека полека, почекајте, сетете се дека тоа беше за ваше добро, имаше една птица внатре.
‒ Но, потоа отрчавте до мојата пештера и ја искористивте мојата жена!
‒Па таа толку се плашеше од мамути!
‒ Рукукурикукукуру, се сетив на вашето име.
‒ Не викајте толку силно, Каракараракарара.
‒ Немам зошто да се стеснувам. Дваесет илјади години ве барам. Како да сте станале помал?
‒ И вие, исто така, миличок. Како би било да испиеме по една кока‒кола?
‒ Сте останале мошне итар. Но овојпат нема да ми избегате, ќе ве фрлам врз шините на мамутот, на метрото сакам да речам.
‒ Почекајте, а што имате тоа во другото око?
‒ Во другото око?
‒Стојте мирно... Чесен збор, имате внатре електрична светилка! Една убава електрична светилка. Почекајте...

И тогаш, вадејќи нож од џебот, тој му го истера и другото око, му ги зеде документите и отрча право во неговиот стан чувствувајќи неверојатна сигурност дека таму го чека жената на неговата жртва, облечена веќе во една кратка ношница.

Во ходниците на метрото еден слепец, со глас од кој не може да се прочита возраста, бара милостина. Ве молам, не му ја одбивајте.

 

Рене де Обалдија (René de Obaldia, 1918-) Поет, романсиер, драмски автор. Романи: „Тамерлан на срцата“, „Бегство во Ватерло“, „Стогодишник“. Драми: „Недоразбирања, колку што сакате“, „Непознатиот генерал“, „Ветар во гранките на сасафрас“. Неговите кратки прози се објавени во книгата „Природни богатства“.

Превод: Влада Урошевиќ
Слика: Georges de la Tour

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото