Доживеал клиничка смрт и видел шише со омекнувач

12.02.2016 12:48
Доживеал клиничка смрт и видел шише со омекнувач

Скопје, 12 февруари 2016

Горјан Јанков, 44-годишен жител на Кавадарци, доживеал клиничка смрт и едвај го спасил својот живот. Иако среќен што избегал од прегратките на смртта, Горјан е незадоволен од видението што го имал за време на кличинчката смрт.

„Знам дека повеќето луѓе што доживеале клиничка смрт го виделе господ, ја дознале локацијата на гробот на Александар Македонски, дознале каде се крие некое богатство, го виделе целиот свој живот како на филм... Но, јас видов само шише со омекнувач за алишта“, огорчено вели господин Јанков.

„Прво се обидов да го откријам тајното значење на овој мистериозен симбол, но иако се напрегав со сите сили, не можев да сфатам што би значело шишето со омекнувач за алишта“, се жали Горјан.

Тој побарал помош и од неколку јасновидци и гатачи, но никој не успеал да ја открие мистеријата со омекнувачот.

Горјан Јанков се откажал од консултациите со гатачите, откако петтиот јасновидец по ред што го посетил го прашал каков омекнувач користи во вистинскиот живот и дали е сигурен дека навистина доживеал клиничка смрт.

„Што да се прави, повеќе среќа во некоја следна смрт, каква и да е“, резигнирано вели нашиот соговорник.