Како се изрекуваше притвор порано, а како сега

13.02.2016 16:55
Како се изрекуваше притвор порано, а како сега

Можеби за прв пат во поблиската историја, судот во Скопје ги одби сите осум барања на специјалното обвинителство за притворање на главните организатори на „Титаник“, обвинети за лажирање на избори, лични карти и матични броеви, како и злоупотреба на службената положба. Во судот беа донесени без лисици на рацете, на заден влез, без пристап на камерите и без понижувања.

Со оглед на тоа што животните услови во притвор се многу полоши од оние во затвор, честопати притворањето беше користено како притисок за признание на криминал пред судот.

Да погледнеме како порано се изрекуваше оваа мерка во Македонија.


1.

До пред некој месец, МВР и обвинителството имаа пракса да парадираат со уапсените пред камери нарушувајќи им го правото на приватност и пресумпцијата на невиност. Судот по правило ги одобруваше барањата за притвор. Истовремено, медиумите ги користеа снимките за заплашување на политичките непријатели на власта и независните умови.

На сликата е Слободан Богоевски, долгогодишен разузнавач и поранешен висок функционер во МВР. Тој беше притворен во аферата „Шпион“ 60 дена, а потоа осуден на 2 години затвор со малку или никакви докази.

Богоевски подоцна пред американските судови сведочеше за неговата улога во случајот „Телеком“ и митото што Мијалков го барал од Кондоминас за да го забошоти процесот. Притворањето било неговата казна за нелојалноста на Богоевски.

2.

Вака беа спроведувани уапсените вработени на патарините низ Македонија во случајот „Змиско Око“. Доделениот притвор за сите 72-ца беше осуден и од европскиот суд за човекови права.

Некои од овие луѓе беа држени со месеци во притвор за наводно украдени 50 денари.

3.

Можеби најдобар пример за злоупотреба на мерката притвор е случајот Кежаровски. Новинарот беше осуден заради вршење на својата работа и разоткривањето на шема на ДБК за местење убиства и сведоци.

Поради притисокот од јавноста и меѓународната заедница, на Кежаровски неколку пати му беше менувана мерката. Те во Шутка, те во домашен притвор, те беше пуштан на слобода и сè тоа во зависност од дневните потреби на власта. Во еден момент, Кежаровски беше инстантно пратен од Шутка дома затоа што во посета доаѓаше европски министер за надворешни работи, а притворот на новинарот беше една од темите за разговор.

4.

Дејан Ставриќ беше синдикален лидер на штрајкот на лекарите во 2012. Година-две по успешното водење на штрајкот, беше уапсен со агент-провокатор додека наводно прима мито, спроведен со полициска придружба пред камери до судот и му беше доделен притвор.

Иако немаше можност да влијае врз сведоци, прикрива докази, да избега или повтори делото, сепак беше притворен, но никогаш неосуден.

5.

Велија Рамковски исто така беше притворен и парадиран пред камери. Притворот беше заменет со затвор.

6.

Зоран Заев во 2008 година беше притворен и парадиран пред камери поради случајот „Глобал“. Пред да се продолжи со судскиот процес, беше аболициран од тогашниот претседател Црвенковски.

7.

Случајот со Љубе Бошкоски е еден од најконтроверзните во македонското судство. Тој беше приведен сред бел ден во еден скопски ресторан додека еден агент-провокатор му исплаќал пари за изборната кампања. Врзан и легнат на земја додека не дојдат да снимаат ТВ камерите, Бошкоски беше одведен пред судот и му беше доделен притвор без проблеми, а по пресудата стигнаа и други монтирани случаи.

Извор: Фејсбук профилот на авторот