За сликата „Сузана и старците“ од Џентилески

15.02.2016 02:06
За сликата „Сузана и старците“ од Џентилески

Артемизија Џентилески, една од најголемите сликарки на барокот, создавала слики во големи формати, најчесто прикажувајќи историски ликови на жени, понекогаш како хероини (Јудита ја отсекува главата на Холоферн, на пример).

На сликата Сузана и старците (1610) Џентилески ја слика апокрифната приказна за Сузана од книгата на пророкот Даниел. Убавата Сузана била мажена за угледниот вавилонски трговец Јоаким. Еден ден таа отишла да се искапе во својата градина. Забележала двајца старци кои често биле во куќата, но сега почнале да коваат заговор за да ја зграпчат. Откако Сузана ги испратила своите слугинки, старците ја затвориле портата и инсистирале од нејзе да им се подаде, заканувајќи ѝ се дека на сите ќе им речат дека тука ја виделе со еден помлад маж. Сузана ја одбила понудата, била јавно обвинета, а потоа осудена. Но, се вмешал Данел. Барал старците да бидат испитани. Тие дале противречни искази, а Сузана била ослободена од вината. Старците биле осудени на смрт.

На драматичната слика на Џентилески старците се наоѓаат среде спогодувањето со Сузана. Уметницата избрала да ги истакне не само похотноста, лицемерието или праведната постапка на Даниел, како многумина други сликари, туку и скриената љубомора во приказната. Џентилески го насочува вниманието врз триаголникот, повишената чувствителност на моментот на одбивањето, упорниот поглед на старците и увото на Сузана (и нејзините раце и рацете на старците покажуваат во таа насока, зад нејзината коса), кон коешто двајцата љубоморни старци ја упатуваат својата конечна понуда.

Неполни две години откако ја завршила сликава, Џентилески и самата станала жртва на злосторот што Сузана успеала да го избегне: ја силувал татков сликарски пријател и таа поминала низ понижувачко судење во текот на кое јавно била прегледана за да се утврди нејзината девственост. Седумнаесетгодишната Артемизија Џентилески ја предвидела ситуацијата во која самата ќе биде изложена прикажувајќи го општеството во кое мажите љубоморно го одржуваат поредокот над женските тела.

ОкоБоли главаВицФото