Црна кутија

15.02.2016 17:28

Читајќи ја книгата раскази
„Гроб за душата“ од Живко Чинго,
среќавам епизода на исконски страв
кај еден печалбар новајлија
качен на брод за Австралија:
го фаќа него ужас не од можната погибел
во лудите води на неимоверниот океан,
туку, не дај боже, спи ѓаволу!,
да не се случи најслучаен случај
та преку устата на рибите
да се најде на трпезата на блиските.

На такво нешто сигурно не би помислил
некој запален авантурист во лов на далечини
или пак некој што тргнал по државен план
да го освојува туѓиот свет
за скапи пари и светска слава.
Тоа го раѓа само душата на откорнатик
фрлен на произвол на судбината,
што решил да се жртвува себеси
заради животот на своите најблиски.
Зарем е тоа малку,
зарем е требна грозна казна и за нив?

Болна вообразба, би можело да се каже.
Но не е така. Нема мотив без опак врв.

Паметам една таква подробност
од романот „Неплодна вода“ од Методија Фотев:
семејство на печалбар од Добридол
добива пратка од својот хранител од Америка -
црна кутија со црн пипер,
па си ги зачинува манџите дома.

А тоа, по исплетканите патишта, прво стигнала урната со пепелта,
а подоцна писмото за смртта на човекот.

Црна кутијо на нашата вистина!
Отровна трпезо на нашите души!
Случајов и да е еден нè збира сите нас.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото