Сатар над мене

16.02.2016 11:58
Сатар над мене

[Измислени приказни]

 

Ајде да си играме театар -
јас ќе плачам,
а ти ќе гледаш.

Ќе направам куќа
и ќе ја затворам влезната порта.

Ќе изградам пат
каде тропотот од твоите чизми
ќе биде безначаен.

Ќе ископам дупка
и најстрого ќе ти забранам
да ми брцаш во утробата.

Ќе создадам ровови
и оттаму ќе гледам
како пукаш врз светот.

Ќе се соблечам гола
и ќе се намачкам со пепел.

Ќе искршам прозорец,
ќе го разорам воздухот,
ќе исечам парче од бутините
и ќе го пуштам да помине оттаму.

Ќе капне пот врз моето чело
и на работ од твојот нос ќе застане
за да го вдишеш сонот во очите мои.

Ајде да си играме театар.
Јас ќе плачам,
а ти ќе гледаш.

И потоа да нема аплауз.

 


Мојата парада никогаш не завршува

 

Моето голо тело се движи по врелите улици.
Сите фаци наоколу гласно го следат патот на
сопствениот циркус.

Имам очи и имам нозе.
Во овој град на смрдлива пареа
од луѓе со ископани очи,
друго видливо и не ми останува.

Јас се шетам со чекор тежок три метри под земја,
а во главата ме малтретираат симфонии.
Уште малку, некаде насреде ќе ме расечат.
Но мојата парада мора да продолжи.

Имам очи на главата
и нозе под кичмата
и само уште еден ден
да стасам до зајдисонцето.

Стапалата ми се распукаа од врелиот асфалт
и во сите засеци своеволно влегува сатирата.
А мојата парада продолжува.

Јас ја барам смислата.

Сфатив дека и десното уво ми останало,
но сум го изумила
оти еднаш некој ми го исфрли од употреба.

Заборавив да земам здив.

Телото се тресе и гордо чекори напред.
Искасапена и со три грама цинизам во ташната
влегувам во градскиот тунел.
Оваа парада не смее да заврши туку така.

Ми се роди мисла.

И нозете
и очите
и увото
веќе не се тоа што беа.
А што беа?!

Ми ставија шминка, ме зачешлаа,
ме зашлапаа насекаде - бликам од црвенило!

Влегувам.
Циркуска светлина.
Сега ќе ми бараат и лична карта.
Мојата парада никогаш не завршува.

 


Сатар над мене

 

Некој замавна со сатарот над мене
и јас се укочив.

Ама чекајте малку,
јас не го разбирам овој јазик!

И еден глас од толпата извика:
- Пресечете ѝ го јазикот!

И благ наклон се случи,
вратот се наведна,
а наоколу болни пеперутки
го преполнија воздухот.

Почна да мириса на нафта,
на секс,
на дотепани животни.
Спарнина од блуд го преполни
воздухот околу мене,
а џелатот ко статуа за земја закована стоеше,
со очи ненаситно крвави
во една точка се ѕвереше.

И да имав време да погледнам,
ќе си речев – кои се овие луѓе?!

Вратот се крена кон џелатот
и тој ко насоне се распрсна.
Капки крв летаа наоколу
и пеперутки повторно го исполнија воздухот.

Се слушна тап тресок.
Тоа сатарот падна.
Едно дете се затрча
во лет да го фати.

Бегај – се затрчав јас да кажам
и една крвава пеперутка на нос ми слета.

Бегај – ми шепна.
Бегај – си реков!

 

Ивана Атанасова (1990, Виница) е дипломирана актерка која својата моментална афирмација како артист ја гради преку соло изведби, чијшто комплетен носител е таа. Работи со деца, се занимава со експресивни работилници, културен и социјален активизам, а се занимава и со пишување поезија и проза.

Слики: Моника Баренго

ОкоБоли главаВицФото