Ријалитизација на политичкиот процес

17.02.2016 00:57
Ријалитизација на политичкиот процес

Самоиспразнети од авторитет и моќ, западните амбасадори во Скопјанг сè повеќе ми личат на старците од Мапет шоу! Додуша, далеку под нивото на мапетовската духовитост, но со една таква неутрална, комотна, би рекол, дистанца од животот. Пред дваесет години, со оваа ментална кондиција, тие би пишувале за геноцидот во Сребреница: ах, Младиќу, Младиќу, можеше ти тоа и поизбалансирано да го направиш!

Што ќе правиш, дипломатски протоколи и ракавици обесмислени од виорот на времето! Бесчувствителен режим кон пациентот кој и вака и така ќе умре! Цинизам!

Латас загуби од себе. Не од Заев. Го сјеба началничката инерција. Шлеперот што требаше да ја згази жабата на нормалноста, заврши во бездната на еден релативно благ лев свиок. Неприлагодена брзина, возач под дејството на многу пари, моќ и страв, скинато црево на менталниот глицерин.

Заев победи со својата невиност и неспремност, со својата наивност и добра намера. Некое провидение го озрачи. Како Господ да му ги отвори водите на Црвеното Море. Едвард Менделсон вака ја дефинира политичката филозофија на Барак Обама: Партиската политика не треба да има за цел успех на една или на друга партија, туку треба да биде средство што ќе овозможи приватната моралност да делува во јавната сфера!

Таа максима на таканаречениот либерален конзервативизам во Македонија не би можела да се аплицира додека не се елиминира вмро, додека политичката елита не се култивира, а општеството не се реморализира, но во обидот за масакр врз Заев и врз остатоците од слободата во Македонија, зашто тоа, по мое мислење, беше идејата на Идиотот, ми излегоа пред очи овие редови од феноменалниот есеј во „Њујорк ривју оф букс“, не случајно, се разбира, затоа што пред вербалните кртешници на лудакот, Заев остана само со штитот на својот морал како приватна работа која може да делува во јавната сфера. Дури, имам впечаток, дека на некој начин беше демонстрирана и идејата за натпартијноста во политичката битка односно за приоритетноста што моралноста мора да ја добие пред политичноста.

Слатка иднино!

Се разбира, јас не мислам дека Заев е доктринарно опремен вака како што тука се обидувам да покажам. Обратно, мислам дека му недостасуваат и тоа многу му недостасуваат, основни елементи на политичката филозофија, на политичките доктрини и слично, но тој е фина основа на која тие работи можат да се аплицираат затоа што ја исполнува идејата за моралот, а енергија и страст не му недостасуваат.

Не знам како може и тој и целата екипа околу него да ја пополнат дупката на модерниот рефлекс, на репликата која доаѓа од сеќавањето на некој филм или роман, на некоја песна на Брус Спрингстин, на некој стрип, сè се тоа луѓе кај кои раното влегување во политиката оставило огромна дупка и тие се во сите прилики, по сите прашања, крајно ограничени, досадни, банални, без трунка шарм, иницијатива, слобода од бранковистичкиот калап од под кој се излезени?

Барем некој напор да се види. Избирачкиот список, па избирачкиот список, медиумите па медиумите, океј, но вака како што се презентира целата тема се банализира, односно комплетно е мелиорирана од својата културна димензија.

Немам никакви контакти со Ванхојте, но ако реши да дојде на консултации во „Корзо“ во рамките на правото да прави што сака во оваа земја, отворено ќе му кажам дека е крајно време да почне да ги симнува опозициските лидери од малите екрани ако сака да воспостави минимум медиумски баланс и услови за одржување на фер и демократски избори! Хахаха!

Човек има впечаток дека и типовите што ја соопштуваат временската прогноза ќе почнат да говорат дека студениот бран што нè очекува наредната недела ќе го прочисти избирачкиот список и дека е евидентно разведрување на атмосферата во медиумската сфера како резултат на струењата што доаѓаат од запад!

Каде е момчето со проектите!? Груевски не може да дојде до збор, богати! Никола е бивш човек, добро, тој е истовремено и бивш премиер, бивш, бивш, но сеедно, типот има толку многу идеи.

Зошто не му формирате некоја фондација!

Што не го поканат Мартин Протуѓер!? Млад, згоден, со сафари шешир и мрежичка за фаќање комуњари и соросоиди!?

Што ако има промени во вмровскиот оперативен систем и сега наместо во тројки низ шупакот на лидерот се движат во седморки.

Како ќе дознаеме дали се исчистени ендеците за нови жртви!?

Ги собира ли некоја служба старите жртви или скапуваат покрај брзите автопатишта и пруги и ја шират неподносливата смрдеа за Македонија!

Луѓето почнаа да го бараат Ристота Никовски меѓу некролозите во „Дневник“ затоа што на друг начин не можат да си го објаснат фактот дека два дена го нема да ни објасни некоја стратегиска заебанција.

Не, ништо од тоа, само Зоки, па Рада, па Оливер, па Зоки! Сè во прајмтајм, по цел саат!

Којзнае дали оваа ненадејна офанзива на опозициските сили, со евидентни успеси на фронтовите кај местата Шител и Канал број пет, очигледно изведена со помош на воздушни удари на западните сојузници, е преземена за да може во немоќта нешто реално да се направи со медиумската сфера, да се подметне ова вештачко, а не стварно, реално и политичко присуство на опозицијата. Додека власта се повлекува на резервните позиции во Нова и не знам уште каде не. Некој што седи и мери минути утре да може да каже, еве, вашите дробеа толку време овие другите толку. Демек, демократизирани медиуми и без реформи, просто така. Океј, може и така, со чисти квантификации, но и тука треба да се каже дека медиумите не се партиска работа, медиумите се општествен и културен проблем од највисока категорија, медиумите мора да се сменат од корен ако некој има намера воопшто да води некакви процеси во оваа земја и тоа не може да се замени дури и со стопроцентно присуство на опозицијата, обратно, само може да ги усложни проблемите.

А можеби е оваа пенетрација преземена со идеја напнатоста во општеството да се замени со малку навивачка страст, политиката да се естрадизира и да се ријалитизира, да се префрли вниманието на теренот кој кого смачкал, кој на кого како му го плеснал и така натаму, наместо да се занимаваме со реалните злосторства на монструмите од власта. А, можеби е тоа така за да може Катица Јанева да си ја врши работата по на раат!?

Никој со сигурност не може да одговори на овие прашања! Едно е сигурно: зголеменото медиумско присуство на опозицијата со сите слабости за кои во сериозношеговит стил се обидовме да проговориме погоре, донесе некои позитивни знаци за целото општество, ефектите од тоа се сепак намалување на релативната разлика во моќта меѓу режимот и опозицијата, тие се нов поттик за ослободување на општеството, тие се нов знак дека демонтажата на режимот е во полн ек!

Меѓународната заедница не мора да го чека 20 февруари за да каже дека на 24 април не можат да се одржат фер и демократски избори. Латас, во средбата со Заев, им ја подготви студијата што категорично води кон овој заклучок. Во таа студија има и уште нешто, уште позначајно: со октоподот на власта фер и демократски избори не се можни никогаш. Тоа што Латас се обиде да му го направи на Заев, тоа Груевски десет години ѝ го прави на Македонија.

Според тоа, само засилување на меѓународниот притисок, на опозицијата, на јавноста, само продлабочување на процесите на демонтажата на Злото, е единственото решение. Во моментот немаме друг избор. А избори ќе има, кај и да е!

Извор: Слободен печат
Слики: Александар Ковачевски

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото