Барокни разгледници (6)

17.02.2016 12:04
Барокни разгледници (6)

Долго спинување во ноќта


Низ зелената радиоактивна магла на Скопјанг, магла увезена како странска инвестиција од мафијашкиот белосветски отпад, се пробиваше кола на брза помош, кола во служба на Принцот на Смртта – Тодороф. Не, не, не... Знам што си помисливте... Не! Во колата не беше искршеното тело на Шмизлата, здробено по налетот на патријархалното воспитување и подуено во крвава болка создадена од високиот христијански морал на Вмровскиот Кандидат за пратеник. Не! Во оваа кола беше една сосема друга жртва на еден сосема друг крвник. Тој ден коли на брза помош, како да се ладилници на Газда Тинекс, од утро до вечер развезуваа посмртни остатоци од кралската војска на царот Николај, а меѓу овие војничиња немаше ниту ланфари ниту топови, не... тоа беа сè пешаци, жртвувани пешаци во фингираната шаховска игра на џелатот Змијалков. Братучедот, за да го спаси братскиот сесветовен газ на Николај, имаше обичај дел од војската да ја испрати во однапред испланирани, платени и договорени транжирања на младо македонско месо, сè со цел со народна крв да го згасне секој пламен на бес, бунт или протест против Царот и царштината, народни оган гасеше со народна крв. Но секако, знам дека вас не ве интересира тоа, оти и вие сте дел од тој народ, а на овој народ баш му е гајле што Змијалков, нивите синови и ќерки ги третира како јунци и јуници, како квалитетно месо од кое се прави добар крвав бивтек. Па, бидејќи не ве интересираат кланиците на џелатот Змијалков, да се вратиме ние на Шмизлата и Вљубениот Кандидат. Тие, и двајцата, сè уште беа живи и здрави, и си муабетеа... не прекинуваа со разговор, оти ако запреа, постоеше голема веројатност дека можат да се изгубат еден со друг среде маглата на Скопјанг.

-А ти мислиш, оние другите, оние од СДС, поарни беа? Сите се исти, скулптуро моја античка, сите се исти! Освести се, не им верувај на тие богохулници! Не ги слушај ти нив што зборат! Ни пола од тоа што го зборат за нас не е вистина! Па што мислиш, тие подобро ќе се грижат за Македонија? Нема шанси! Тоа не може да биде! Па се знае дека ние сме патриоти а тие се предавници, и не можат тие повеќе да ѝ мислат добро на Македонија од нас! Тоа доказите нивни, тоа „бомбите“, сè е тоа – „сечено, лепено, креирано и монтирано“! Американците им ги имаат дадено за да лажат наивен народ, а тоа на снимките, не зборат Никола, Ставре, бате Саше, Гоца, Миле... не! Само личи дека се они! Тоа се школувани глумци од Холивуд кои имаат техника, знаат како да го преправат гласот. - Наместо со бокс во заби, Вљубениот Кандидат реши на овој начин да ѝ возврати на Шмизлата, и така и овој пат не ѝ дозволи, на неа како на мрачен психоделичен лимб, како на извор на неговиот сексуален порив, да го разбуди селото во него... Впрочем, од овој наш вмровски кандидат за пратеник, не се ни очекуваше да реагира во стилот на Ќосето, не, тој беше нов модел на „патриот“ истркалан од производните ендеци на комесарот Мартин Мистерија, дил орјентид, кадар дошколуван за пропагандно-маркетишки цели кај Тато Путин и Мама Русија, кандидат кој не губел време по студентски клупи туку школото го изучил во пастирските штабови на царот Николај, каде преку расипани лифтови, цигански уши, изборни ортоми, преку шамари и клоци, научил како во пракса се доаѓа до „фер“ победа, па од него не се ни очекуваше да се предаде на ниски страсти и валкани дејанија, туку напротив, од него, како од вистинска гордост на Талас Војводата од Краљево, се очекуваше да спинува. Па така Кандидатот влегуваше од спин во спин, следејќи го добриот стар џадаја совет добиен од српски шпион прероден во македонски патриот, а советот подучуваше: „Сите свои мани пронајди ги кај својот соперник, кај својот непријател, кај својот конкурент.“
- Ајде бе?! А зошто би го правеле тоа Американците!? Што нив ги заболе кој е на власт у една државичка која има помалку жители од Њујорк!? А? Објасни ми го ти тоа?!- Но со ова Шмизлата не го збуни, не, напротив, му даде само причина која за последица имаше само уште пожестоки налети на спин.


- Поради гасоводот! Поради Јужен тек! А и поради гробот на Александар Македонски! Тие знаат дека гробот на Александар е у Македонија, знаат и каде е, и се имаат договорено со Зајко, тие да го донесат на власт, а тој да им го даде богатството од гробницата на Александар, на нив! Ете тоа е дилот, затоа им помагаат... Такви се тие комуњарите, такви! Тие го продадоа името, го продадоа знамето, сега, ако дојдат на власт, ќе го продадат и Александар Македонски... Многу е лошо за Македонија кога тие се на власт! Многу! Ти си малечка да се сеќаваш, ама јас знам како беше... Пекол! И пекол ќе биде, ако повторно се вратат на власт!
- А бе, дека ќе биде пекол, ќе биде... Ама за кого? За вас кои крадевте и пустевте. За вас и треба да биде пекол! А бе, да можете и црното од под ноктите на народот ќе му го украдете, само ако вреди нешто и може да се заработи на него! Еј, цркви градите, за да крадете!?
- А Црпнатиот од нива, што бара едно евро за црква?! А!? Што ќе кажеш за него!?
- За него не знам, можда бара, можда не бара... Еве и да бара! Ама за оној семкарот, за комшијата мој, за него знам! Гледам со свои очи, у мое маало се случува! Тој не зема по едно евро, тој зема по цела „Евро-банка“! И после, вие сте биле верници, а тие ѓаволи... а бе ајде!
- За тој семкарот, за тој, градоначалникот на Аеродром, не знам... ама за себе знам! Јас сум голем верник! Многу работи имам направено за црквата, и тоа без пари. Сум бил на протести пред Општина Центар, кога сакаа да забранат да се гради црква. И да знаеш колку жестоко сум штрајкувал, само да си можела од некоја страна да ме видиш... Еве, со оваа рака, со ракава со која се крстам, ја ставив у гаќи, се фатив за... за патлакот, и им викам – „Наааа! Нааа, што ќе забраните да се гради црква!!!“ ...Еве, жими еден господ, дека така им имам кажано и ја имам одбрането црквата и нашата вера, православна. А со истата оваа рака имам мавано студенти и некакви хористи, песнопојци, кои демек ќе се бунеле да не се градело црква на плоштад. Па што да се гради на плоштад што се вика „Македонија“? Џамија!? Е нема да може! И кога сум земал, па удри, удри, удри!!! Мамичето мамино им го расплакав... За сите тие заслуги за црквата, истата оваа рака ми ја има стегнато и господинот премиер Никола... еве вака. И после кажи дека премиерот и партијата не се грижат за христијанството! И немој да мислиш дека тоа го имам правено за пари... Еве, у еден господ можам да ти се заколнам дека за тоа не сум земал ни денар, само сендвичи, сендвичи и сладолед, ама од оние поубавите, скапите, што ги има само на море...

- Море ништо не ви верувам на вас вмровците, кој краде, тој и лаже, а и вошки има... и на Водно спие! Ајде испружи ги нешто рацете, испружи ги... Испружи!!! Ајде! За да видам колку е долга раката на ВМРО... Ајде сега прави како орагутан... ајде! Како мајмунче... Ајде што чекаш!?
- А бе ти да не си комуњарка?! – Се згрози Вљубениот Кандидат.


- Не сум... Зошто?
- Не знам... онака... Мислам дека те имам видено у Бихаќка!?
- У Бихаќка... Што е тоа Бихаќка? Што има таму?
- Како што има... Па таму е штабот на СДСМ! Таму е змиското гнездо на комуњарите!
- Чекај бе, у СДСМ? Па што си правел ти таму у нивниот штаб?
- Бев нивен член...
- Како бе нивен член? Нели од лулка си ВМРО, а овде си бил член на СДСМ!?
- Лошо се изразив... Бев на тајна задача, пратен од Бате Саше... Бив нивен член, ама онака, божемски... Уствари, цело време работев за ВМРО, кодошев, правев „селфи“... А бе, тајна задача...
- Чекај, чекај... Што кажа? Што си правел? Селфи?
- Да бе, селфи! Што има тука чудно!? Тоа ми беше најуспешна акција... Генијален план на Началникот и на комесарот Мартин... Идев у Бихаќка и се фотографирав со сите по ред... Со Зајко, со Рада, Оливер, Ременска, со Макрадули... со сите! А финтата е, да кога сакаме, да можеме да им го усереме угледот на кој сакаме, да го оцрниме, кој треба и кога треба. А за тоа, многу е битно, да имаме фотографии на кои сме јас и тој некој. Тој што треба да го испљукаме по телевизии, по интернет...
- Како? Не разбирам? На кој начин ќе го оцрните? Што ако имаш заедничка фотографија со нив? Па луѓе се, можат да се фотографираат со кого сакаат и колку сакаат, нивна работа...
- Е, не е нивна работа... Ако сум јас криминалец, наркоман, педофил, некакво големо гомно, тогаш не е нивна работа...
- Не разбирам?
- А бе кога чорбата ќе ти ја запржат Мартин и Бате Саше, тоа ќе вриеш, ќе се пржиш, коски ќе ти отпаѓаат... Еве во што е финтата. Овие личните карти, ми ги даде Началникот... еее, а знаеш ли зошто? За да ме фатат со лажни лични карти и да одам у затвор!
-Тој ти ги дава лажни личните карти, за да после, истиот тој те апси за тие лични карти, и на крај, ти одиш у затвор... А бе забегана работа!
- Не е забегана... Тоа е памет, паметно смислено... Кога ќе ме фатат со личните карти, тогаш секаде ќе ги објават оние фотографии кои ги имам направено у Бихаќка... И ете ти афера? Ете ти го виновникот! Ете ја поврзаноста на СДСМ со криминалците, со фалсификаторите!!! А? Што викаш!? Памет!?
- А бе каков памет... кога ти ќе одиш у затвор...
-Па што ако идам у затвор... Многу големи луѓе оделе у затвор за идеите на ВМРО... Тоа е чест, а не казна! А за мене, затворот нема да биде затвор, туку хотел... Ќе ги имам сите привилегии. Сакаш јагнешко, сакаш прасечко, сè! Сакаш виска, ќе добиеш виска, сакаш дрогичка-могичка, сакаш ова, сакаш она, што сакам тоа ќе добијам...Само женска како тебе, е само тоа не можам да добијам... Друго све...
- А би сакал ти женска како мене, а?!
- Их!
- А случајно да не тие е план да ме опијаниш, па после пијана да ме пеглаш!?
- Не случајно, туку намерно... И не само тоа. Не ми е тоа главно... Не дека не сакам да те испеглам, и тоа знаеш како, уффф... Ама не ми е само до тоа... Сакам и да те женам, сакам и да ти направам три деца, сакам и Бате Саше да ни биде кум... Сакам да ти купам диплома од Фалкутет за туризам, сакам да те вработам у „Централен регистар“. Сакам...


- Ама како прво сакаш да ме испеглаш! А!?
- Ќе пиеме! Па, ако ме опијаниш ти прва, тогаш, прави ми што сакаш!!! ... А знаеш ли што сакам јас да ти направам!? А!? Знаеш ли што ми е во план? Прво ќе ти ставам лисици, а потоа ќе те легнам на под како говедо. Како говедо! И тоа ќе те легнам на стомак, а рацете да ти бидат на грб, а главата, главата да ти гледа во некое смрдливо ве-це! Па ќе земам и ќе те снимам, ќе те снимам како лежиш... Снименото ќе го ставам на Фејсбук... А на крај, знаеш ли што ќе ти направам... На крај ќе викнам некој наркоман, онака понадарен, и ќе ти го пуштам да те ебе, да те ебе како што ти планираш да ме ебеш мене...
- Их, колку си лоша... А јас тебе сакам да те накитам од глава до пети со Сваровски... Па сакам, да влеземе у комбе и да одиме на Водно заедно да избереме плац, и на тој плац да си изградиме куќа, да земеме кредит за куќата како млад брачен пар, да искористам и јас од тоа - „купи куќа – купи стан“, па сакам... а бе сакам работа да ти најдам, и тоа не каква било работа, туку да заработуваш две илјади евра, ма пет... пет илјади евра...
- Кај би ме вработил ти?
- У Музеј на ВМРО... Или уште подобро у Централен регистар...
-И како јас ќе работам у Централен регистар... Ти нормален ли си... јас уште немам ни средно, а ти – у Централен регистар!
- А бе ти кажи дека сакаш, за друго лесна работа... Уште утре ќе ти купам диплома од фалкутет... Ќе ти купам диплома од Туризам и менаџмент, ќе бидеш менаџерка.
- Што си запнал со тој Туризам и менаџмент... Зошто не од некој друг фалкутет, и што врска има туризмот со Централен регистар?
- Еее, ти не знаеш зошто? Ама, јас, знам! На сите најјаки вмровки, на сите им купуваат дипломи од Туризам... И плаво, ќе треба да се офарбаш плаво... Па полека, полека, ќе те направам и претседателка во Унија на жени на ВМРО... За прво време, ќе ти најдеме некоја фукција во УМС...
„Ммм“ – Си помисли Шмизлата, „а зошто јас довека да останам девојка од бронза, зошто и јас да не лапнам некој милионски тендер, зошто да не се окитам со Сваровски како новогодишна елка, зошто да не се вработам и јас, за јака плата, во тој некаков регистар, или судијка... зошто да не станам и јас судијка...Зошто!?“
Што се изроди од оваа недоумица, во збунетото главче со античка убавина, ќе видите во следното продолжение на „Барокни разгледници“.

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
Кон петтиот дел

Слики: Алексеј Кондаков

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото