Власт - монтирана, сечена, лепена

17.02.2016 13:40
Власт - монтирана, сечена, лепена

Веќе неколку дена имам температура, ме боли ‘рбетот од кашлање, полни ми се синусите, матни ми се очите, затнати ми се ушите. Можеби затоа, не можев да си поверувам на истите тие очи и уши додека ја следев прес-конференцијата на Специјалното јавно обвинителство. Што тоа видов и чув?!? Дека конечно се најде некој нормален, разумен, од мајка роден, да го изрече јасно, гласно и прецизно она за кое се шепотеше во најголема тајност и со најголем страв: Дека за фиљан луѓе (без име и презиме, но со претходна функција) има основано сомнение (врз база на материјални и вербални докази) дека направиле злосторничко здружување за да се лажираат изборите со цел задржување на власта, при што е направена криминализација на институциите. Алелуја! Три пати ја преслушав прес-конференцијата, од збор до збор, сосе добронамерните прашања од реномираните и непристрасни медиуми.

Ако постои сомневање дека изминатите, предизминатите и тие избори пред нив, биле нерегуларни, а таквото сомневање веќе е и официјализирано со отворањето истражна постапка за повреда на избирачкото право, поткуп при избори, уништување на изборни материјали и злоупотреба на средства за изборна кампања, тогаш каков е легитимитет на актуелната власт, која постојано има полна уста регуларност? Во вакви ситуации, нашиот, а и некои други балкански јазици, подразбираат еден извик на изненадување, чудење, а богами и запрепастување настанати од некаков неочекуван пресврт, кој обично се пишува вака: ОПААА!!! Е па и јас така грипосана, снеможена и клапната, следејќи ја прес-конференцијата на СЈО, потстанав, подзинав, ги ококорив очите и некако спонатно ми излета – опааа Миле, опааа Горде, опааа Кире!

Инаку, она што следеше по прес-конференцијата на Триото фантастикус од СЈО – Катица, Фатиме и Ленче, веќе преминува во познатиот контра-фолклор. Прво, владејачката партија по автоматизам се огласи со соопштение дека нивните луѓе се невини. Нејасно е како може да се тврди нешто такво при незапочнат судски процес, односно само врз основа на подигнати обвиненија. Потоа, судиите од Кривичниот суд по инерција ги одбија барањата за притвор за погоре споменатите „опааа – лица“ (додуша имаше и некои други), што е преседан во досегашната судска пракса. Како што дознавме од Хелсиншкиот комитет за човекови права во Македонија, досега Судот ги прифаќал сите барања за притвор на Обвинителството. Ама она другоно обвинителство - на Зврлевски. Како и што започна со становите на Катица Јанева, пропагандната машина се обиде да ги сомеле, на лична основа двата свежи лика на СЈО. Со истите кредибилни факти со кои се тврди дека Земјата е плоча, се тргна по „криминалното“ минато на таткото на Ленче Ристеска, до нејзината сосема неинтересна сексуална ориентација - сакала мажи!!! Имаме најави дека деновиве ќе прочитаме сторија за братот на Фатиме Фетаи, кој како мал крадел цреши и зелени кајсии од комшиски двор.

Знам дека срамот одамна ја напуштил мојата малечка земја, во која еден грст очајници и нивни поддржувачи очајнички се борат да о(п)станат на власт. Ама кога ги видов „Миле ми текна“ седнат со наведната глава во чекалната на судот и „Горде шупрајш“ со пеплосан сурат по осумчасовен судски распит, ми светна еден зрак надеж дека можеби ќе нè биде како држава. Дека, меѓу другото, сите ќе бидеме еднакви пред законот. Воопшто не сум сеирџиски тип и презирам изживување врз туѓи проблеми, ама еден ден до ова мораше да дојде. Како што целиот круг, еден убав ден, ќе мора да се затвори околу главата на октоподот.

Всушност, обвиненијата кои ги покрена СЈО, без оглед на нивниот судски епилог, кај мене, а верувам и кај безброј граѓани, предизвикаа отворено сомневање дека Македонија има нерегуларна власт, дојдена на нерегуларни избори. Што е страшно сознание, бидејќи под знак прашање се сите нејзини одлуки и потези. Не верувам дека некој од партиската владејачка врхушка размислува за тоа, не верувам дека го гледаат уривањето на сопствената лажна слика, не верувам дека се свесни дека токму власта која тие ја претставуваат е монтирана, сечена и лепена.

И дека се веќе здодевни, како и грипов.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Странски служби