Таинствениот живот на Хиперион - највисокото дрво во светот

18.02.2016 01:14
Таинствениот живот на Хиперион - највисокото дрво во светот

Најголемите и најдобро чувани тајни на природата се скриени во просторите недопрени од човечка рака. Затоа, сè до 2006 година, никој не знаел за постоењето на највисокото дрво во светот, наречено „Хиперион“. Ова гигантско дрво се наоѓа некаде во Националниот парк во Калифорнија, Редвуд. Хиперион е дрво со висина од 379 стапки (околу 116 метри), десет метри повисоко од поранешниот рекордер, дрвото наречено Стратосферен Џин. Но, досега многу малку луѓе ја имале таа среќа да добијат прилика одблиску да го видат Хиперион.

Пешачејќи низ шумата, двајцата биолози, Крис Аткинс и Мајкл Тејлор, здогледале три дрвја кои им го одземале здивот. Користејќи професионална ласерска опрема, ги измериле сите три дрва повисоки од она кое го достигнало рекордот за највисоко дрво во светот. Во септември 2006 година пристигнал Стив Силет за да го измери највисокото дрво, таканаречениот Хиперион, по што го фотографирал и ја снимил неверојатната глетка за National Geographic.

По неколку часа, Силет и неговиот тим биле во можност да ги потврдат гигантските 379 стапки. Хиперион се проценува како дрво старо шестотини години, што е релативно младо доколку се мери според годините на родот Секвоја. Годините на дрвото се еднакви на околу дваесет човечки години и сè уште има доста за растење. Локацијата на гигантското дрво намерно не е објавена, за да се спречат обидите на некои луѓе да се качуваат на него или да ги гравираат своите иницијали.

Најинтересниот податок во врска со ова откритие е тоа што можеби немало ни да се случи, поради операцијата на сечење дрвја која требало да се одвива во тој реон. Во 1970-тите години, операцијата clearcutting, позната шумарска практика со која се елиминираат дрвјата на одредена површина, била запрена кога се наоѓала на само стотина чекори од гигантските дрвја, па потоа областа била прогласена за национален парк. Сега Хиперион и неговите бујни, зелени роднини можат мирно да ги живеат остатоците од своите животи.

Извор: inhabitat.com