Телевизиско освојување на слободата?

18.02.2016 02:22
Телевизиско освојување на слободата?

Во македонската опозициска и демократска јавност во тек е доктринарен спор: дали треба(ло) или не треба(ло) претставниците на македонската опозиција да гостуваат на програмите на режимските „Сител“ и „Канал 5“, сега, кога тие телевизии се пробудија од длабокиот пропаганден зимски сон и решија, само за потребите на предизборните содржински статистики, да поканат и по некој неистомисленик за разговор во „ударен“ термин? Ставовите се поделени, а и оние што се за, и оние што се против имаат предвид некои принципиелни позиции.

Оние што се залагаат за одење кај професионално и морално изопачените медиуми, прво, го имаат аргументот дека секоја душа спасена од пропагандниот пекол на режимот е можеби мала, но важна победа на Доброто наспроти Злото. Затоа, опозиционерите мораат да се појават и во студијата на Протуѓер и Димовски ако сакаат да допрат и до свеста на луѓето на кои власта секоја вечер им тура растопен восок во ушите преку инките на „Сител“, „Канал 5“, „Алфа“ и МРТ. На тоа, контра-аргументот веќе е кажан: па, кој во ова општество уште не знае што се случува?! Ако навистина, после сè низ што поминавме во државава, има уште такви кои се неинформирани, тогаш нив ни Господ и Алах заедно, а не Заев на гости во „Сител“, не можат да им помогнат.

Потоа, го имате принципот на политичарите во демократијата чијашто работа, во самата суштина на тој позив, е да одат на јавни, медиумски дебати за да ги презентираат и да ги аргументираат своите ставови. Ако дозволиме однесувањето на уплашените функционери од врхушката на ДПМНЕ да се единицата мерка во оваа работа – на пример „еден Груевски“ е рамен на три пара ѕиври за телевизиски дуел, итн. – тогаш наместо во нормалните води на јавната дебата за јавните пари и јавните работи, запловуваме во мочуриштето на пропагандата во кое смрдеата на застоените режимски клевети и закани остануваат начинот на кој се води политиката.

 

„ДЕБАТА“ СО „ЖИВИОТ ШТИТ“ НА ГРУЕВСКИ

Сепак, тоа нè води до следната дилема: бидејќи пропагандните перјаници на ДПМНЕ (Латас, Богатинова и тн.) се користат како „жив штит“ пред Груевски, дали „дебатата“ со нив може да ја замени неопходноста од дебата со уплашениот Груевски? Бидејќи одговорот на ова прашање е НЕ, тогаш логично следува следната дилема: зошто, со самото гостување на нивната програма, демократски да се легитимираат такви медиумски септички јами какви што се „Сител“ и „Канал 5“, за тие својата 24/7 прорежимска пропаганда да имаат изговор да ја „покриваат“ со 15-то минутно интервју со некој опозиционер секој втор понеделник во февруари во престапна година?

На крајот, доаѓа и аргументот на гледаноста на нашите ударни пропагандни телевизии: на пример, гостувањето на Заев кај Латас го следеле околу 230-270 илјади гледачи, на телевизија чијашто гледаност на главниот дневник не надминува просечни 150.000 гледачи дневно во 2016 г. Кои се тие стотина илјади „нови“ гледачи на Сител на кои им се обратил Заев во својот настап таму, а до кои не допира Латас? Која е нивната политичка „демографија“? Вредеше ли авантурата на која беше изложена Заев за скромни 100.000 „нови“ гледачи? Па, овој текст што го ЧИТАТЕ – скромно изјавувам – најверојатно ќе ја надмине таа цифра на екстра-ГЛЕДАНОСТ на „Сител“… За кој такво целиот телевизиски циркуз?

 

ДЕЛЕГИТИМИРАЊЕ НА ПРОПАГАНДНИОТ ТЕЛЕВИЗИСКИ АПАРАТ НА ВЛАСТА

Кога ќе си одговорите на сите овие легитимни недоумици, мене ми се чини дека, настрана непријатноста на тој процес, гостувањето на опозицијата на пропагандните медиуми на власта претставува ретка можност не да се унапреди опозиционерската агенда во државата, ниту да се добие некое значајно, ново количество на гласачи кои би ја поддржале таа агенда, туку повеќе да се посрамоти и делегитимира самиот пропаганден телевизиски апарат на власта пред самите нивни поддржувачи. Иако тоа, можеби, самото по себе, е унапредување на агендата на опозицијата, таа треба да биде свесна дека во тие телевизиски интервјуа нема никаква значајна политичка содржина или аргументиран разговор за политики и идеи, туку само надвикување на гостинот со домаќинот во телевизиското студио.

Заев на интервјуто кај Латас изгледаше како Индијана Џонс кој упаднал во Пештерата на злото во потрага по Светиот грал на политиката – вистината! Тоа интервју така и заврши: Заев на излегување, со трчање, мафтајќи фиј-фуј со камшикот наоколу, итромански во торбулето го прошверцува скалпот на Латас, додека Империјата, збунета и во хаос, мораше да се правда и да се извинува (нешто на телефон, нешто на програма) за пропагандната катастрофа што ги снајде. Богатинова и „Канал 5“ се само потажна верзија на истото на „Сител“, со помала гледаност.

 

Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).