1025 hPa
87 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 04:59
Значи, прво треба да го лоцираме проблемот. Тоа е комплициран проблем, заплеткан јазол од повеќе мали јазли. Наш специфичен, автентичен јазол за кој треба да се изнајде автентично решение. Сепак, преде сè и над сè би било мудро да се сложиме дека e во областа на образованието и културата!
И во старт констатираме дека тоа не е политички проблем. Нашата политика и сè околу неа нè доведе до оваа состојба заради нашиот замрсен јазол од претходно. Значи, сè околу политиката сега елеминираме. И гледаме подалеку назад и подлабоко.
Прво, треба поконкретно да се лоцира. Дали е во институциите или во нас како индивидуи или во колективот. Или во некое ПОЛЕ помеѓу нив, во некој меѓу-простор? Во институциите сигурно не е, бидејќи тие без нас, луѓето, субјектите, не постојат. Ние луѓето ги градиме институциите, нели? Значи, првата голема заблуда веднаш ја елиминираме.
Каде е тој сложен јазол кој ни ја вшмукува енергијата, нè блокира во секој поглед, нè зачепува и не ни дозволува да се движиме напред? Ако е во колективното несвесно, тогаш е во нас самите. Попрецизно, а истовремено поапстрактно, е ако се каже дека е во едно поле, во кое слободно се движи, се крие, постојано ни бега и нè „изненадува“. Сепак, ако ја прошириме својата свест и ако и тоа поле го прифатиме како дел од себе тогаш не може да избега и ако не го „пуштаме“ исто како што тоа не нè пушташе до сега, сме направиле уште еден добар чекор.
Следниот чекор е упатување сноп светлина од анализи, здрав разум, од разни агли и аспекти, социлошки, психолошки, филозофски, културолошки, историски, цивилизациски итн. Како на групна терапија, секој го кажува проблемот од свој специфичен агол и се прифаќа и одобрува од другите. Кога сите тие зраци ќе се спојат во голем сноп светлина, упатени кон јазолот, Абјектот, го правиме најголемиот чекор. Консензусот кој се добива е квалитативна промена. Со тоа тој веднаш нема да се отплетка, но барем сме трасирале пат како да се третира. Следат истрајност и континуитет во работата. Меѓутоа, сето тоа (треба да) се случува на психолошко ниво. Бидејќи тоа е најдлабокото ниво кое ги опфаќа сите други. Никакви спекулации и проекции на проблемот надвор од нас не смеат да се прифатат. Тоа е бегство и враќање назад, бидејќи веќе се сложивме околу тоа каде е лоциран!
На тој начин блокираната енергија се ослободува. Со соочување, а не со бегање (од одговорноста).
Во јазолот е решението. Бидејќи таму каде што се блокира енергијата, таму е (заглавен) нашиот потенцијал. Затоа не смееме да дозволиме проблемот да ни се измолкнува, да ни бега, да се крие во мрачни ќошиња и да нè изненадува кога најмалку очекуваме...
Најбитно од сè во оваа фаза е енергијата што се ослободува со одзатнувањето, отплеткувањето...
Слики: Татјана Миљовска