1021 hPa
93 %
8 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 02:59
Таа фотографија, внимателно залепена врз цврста подлога од шпер-плоча, го заземаше целиот ѕид и претставуваше езеро, впрочем едно доста обично езеро, дури, на крајот на краиштата и не премногу сликовито.
На езерото се гледаше чун, загубен во далечината сосема ситен.
На човекот му требаше доста време за да почне да сфаќа: од недела в недела чунот стануваше, полека, сè поголем.
Тоа беше очигледно. Неумоливо и непорекливо, движејќи се низ просторот ‒ време на еден необјаснив начин, чунот се зголемуваше врз површината на езерото, доаѓајќи од некој далечен брег и одејќи некаде надвор од фотографијата.
Еден ден, човекот успеа да забележи дека има двајца во чунот. Едниот веслаше, другиот чекаше нешто, седејќи.
И, еден месец подоцна, тој забележа и други детали. Оној што веслаше имаше на двете раце засучени ракави, што не беше ништо зачудувачко. Но оној што чекаше, тој со упорност гледаше кон собата, а врз колената држеше пушка чија цевка, исто така, гледаше кон собата.
Жак Стернберг (Jacques Sternberg, 1923-2006). Романсиер, раскажувач. Се појавил во литературата со збирката кратки прози „Геометрија во невозможното“. Романи: „Чиновник“, „Предградие“, „Ти, моја ноќ“. Збирки на научно-фантастични раскази: „Меѓу два неизвесни света“, „Универзумот Нула“, „Иднини без иднина“. Кратките прозни текстови му се собрани во книгата „Замрзнати раскази“.
Превод: Влада Урошевиќ
Слика: Samuli Heimonen