Берни Сандерс почнува нова ера во американската политика

19.02.2016 14:14
Берни Сандерс почнува нова ера во американската политика

Денешниот успех на Сандерс покажува дека поголемиот дел од Америка е изморен од растечката нееднаквост и од овие таканаречени политички промени.

Како можеме да го толкуваме неверојатниот успех на „социјалистичкиот“ кандидат Берни Сандерс на прелиминарните избори во САД? Сенаторот од Вермонт сега е пред Хилари Клинтон кај гласачите помлади од 50 години кои се наклонети кон Демократската партија, а Клинтон води на анкетите само благодарение на постарата генерација.

Поради тоа што се соочува со „машината Клинтон“, како и поради конзервативизмот на мејнстрим-медиумите, Сандерс можеби нема да успее да ја добие трката. Но, сега се покажува дека некој друг Сандерс – можеби помлад и помалку бел, еден ден наскоро би можел да ги добие претседателските избори во САД и да го промени лицето на земјата. Во многу аспекти, ние сме сведоци на крајот на политичко-идеолошкиот круг кој го отвори победата на Роналд Реган на изборите во 1980 година.

Да погледнеме наназад, за момент. Од 30-тите до 70-тите години на минатиот век, САД беа предводник на амбициозен сет на политики насочен кон намалувањето на општествените нееднаквости. Делумно за да избегне каква било сличност со Старата Европа, која тогаш се гледала како екстремно нееднаква и спротивна на американскиот демократски дух, во годините меѓу војните, земјата измисли високопрогресивни даноци на приход и имот и постави нивоа на фискална прогресивност кои никогаш не се користени од оваа страна на Атлантикот. Од 1930 до 1980 година, половина век, стапката на данок за највисокиот приход во САД (преку еден милион долари годишно) била во просек 82%, со пикови од 91% од 40-тите до 60-тите години (од Рузвелт до Кенеди), а и натаму беше и до 70% во времето на изборот на Реган во 1980 година.

Оваа политика на ниту еден начин не го засегна силниот раст на повоената американска економија, без сомнение поради тоа што нема многу смисла да им се плаќа на „суперменаџерите“ 10 милиони долари, кога еден милион е доволен. Данокот на имот, кој беше еднакво прогресивен, со стапки за најбогатите околу 70% или 80% со децении (во Германија или Франција никогаш не надминал 30% или 40%), во голема мера ја намали концентрацијата на американскиот капитал, без уништувањето и војните со кои Европа мораше да се соочи.

Митски капитализам

Во 1930-тите, долго пред европските земји да го следат примерот, САД исто така поставија минимална плата на ниво на цела земја. Во доцните 60-ти, таа изнесуваше десет долари на час (во денешни пари), далеку највисока во светот во тоа време.

Сето ова е спроведено речиси без невработеност, затоа што и нивото на продуктивност и образовниот систем го дозволувале тоа. Ова, исто така, е времето во кое САД конечно ставаат крај на недемократската, системска расна дискриминација, сè уште присутна на Југот, и презеле нови социјални политики.

Сите овие промени поттикнаа силна опозиција, посебно меѓу финансиските елити и реакционерниот дел од белиот електорат. Понижена во Виетнам, Америка од 70-тите беше дополнително загрижена дека губитниците од Втората светска војна (главно Германија и Јапонија), ги стигнуваат САД, дури и при нејзината најголема брзина. Америка исто така страдаше од нафтената криза, инфлацијата и слабото индексирање на даночните пријави. На брановите на сите овие фрустрации, Реган беше избран во 1980 година, со програма чија цел беше враќање на митскиот капитализам, кој никогаш претходно не постоел.

Кулминацијата на оваа нова програма беа даночните реформи во 1986 година, со кои е ставен крај на половина век прогресивен даночен систем и е спуштена стапката на данок за најбогатите на 28%.

Демократите никогаш вистински не го предизвикаа овој избор во годините на Клинтон (1992-2000) и на Обама (2008-2016), што резултираше со стабилизирање на оваа стапка на околу 40% (двапати пониско од просечната стапка во периодот од 30-тите до 80-тите години). Ова предизвика експлозија на нееднаквост, заедно со неверојатно високи плати за оние кои можат да ги добиваат, како и стагнација на даночните приходи во поголемиот дел од Америка – сето ова придружено со низок економски раст (сепак, на ниво сè уште повисоко од она во Европа, која имаше други проблеми).

Прогресивна агенда

Реган исто така одлучи да го замрзне нивото на минималната плата, која од 80-тите наваму, бавно, но неизбежно беше нагризувана од инфлацијата (нешто помалку од седум долари во 2016, наспроти речиси 11 долари во 1969 година). Повторно, овој нов политичко-идеолошки режим ги „преживеа“ годините на Клинтон и на Обама).

Денешниот успех на Сандерс покажува дека поголемиот дел од Америка е изморен од растечката нееднаквост и од овие таканаречени политички промени и има намера да ја оживее и прогресивната агенда и американската традиција на егалитаријанство. Хилари Клинтон, која се залагаше за полеви решенија од Барак Обама во 2008 година, на теми како здравственото осигурување, денеска изгледа како да го брани ова статус кво, како да е уште една наследничка на политичкиот режим Реган-Клинтон-Обама.

Сандерс, од своја страна, е многу јасен дека треба да се врати прогресивното оданочување и да се зголеми минималната плата (до 15 долари на час). На ова, тој го додава бесплатното здравство и високо образование, во земјата во која нееднаквоста во пристапот до образование достигна досега невидени размери, истакнувајќи го јазот кој стои меѓу животите на повеќето Американци и смирувачките, меритократски говори на победниците на овој систем.

Во меѓувреме, Републиканската партија потонува во хипернационалистички, антиемигрантски и антиисламски дискурс (иако исламот не е голема религиозна сила во земјата), како и во неограничена глорификација на богатството акумулирано од богатите бели луѓе. Судиите поставени од администрациите на Реган и Буш ги отстранија сите легални ограничувања на влијанието на приватните пари на политиката, што многу ја компликува задачата за кандидатите како Сандерс.

Сепак, новите форми на политичка мобилизација и „crowdfunding“ можат да победат и да ја втурнат Америка во нов политички циклус. Далеку сме од мрачните предвидувања за крајот на човечката историја.

Извор: Le Monde / Радио МОФ