Kому уште е потребен брак?

19.02.2016 22:55
Kому уште му е потребен брак?

Дали бракот денес е подобар или полош од порано? Кога станува збор за самата церемонија на бракот, овде како да не се случиле општествени промени. Но, венчавките не треба да се поистоветуваат со браковите, а збунетоста околу овие две работи е суштинско прашање. Како и кај сите поделби, и во оваа постојат оние кои веруваат дека бракот е поразена и застарена институција, додека други тврдат дека го преживеал најлошото, и дека ни е потребен, бидејќи не е залудно создаден. Можеби најдобро е третото мислење кон кое не сме секогаш склони. Некои паметни истражувачи, како што е професорот по психологија, Илај Финкел, тврдат дека во денешно време бракот е, парадоксално, и силна и слаба институција, повеќе од кога било.

Во десеттата епизода на серијата Master of None, на Нетфликс, Дејв мора да донесе одлука дали да се венча со Рејчел бидејќи, нормално, тој е „во тие години“. На венчавките на пријателите ги замислува нивните завети.

„Рејчел, не сум стопроцентно сигурен во врска со ова“ – почнува искрено. „Дали ти си единствената и вистинска личност со која треба да останам засекогаш? Не знам. А која е другата опција, да се разделиме? Тоа ми се чини бесмислено. И те сакам. Навистина те сакам. Те сакам толку многу, не како што Лери ја сака Андрју. По ѓаволите! Дали постои таква љубов? Без сомнежи, без стравови, без какви било несигурности? Не ми се верува! Не знам, мислам дека бракот дава некоја сигурност во оваа точка.“

„Дејв, ти си прекрасен човек. Навистина“ – возвраќа разумната Рејчел. „Но, во право си, дали ние треба засекогаш да бидеме заедно? Не знам. И сега делува како сè да е предвидливо. Нема веќе изненадувања. Ќе се венчаме, ќе имаме деца, ќе остариме, и потоа ќе умреме. Но, генерално сум ги поминала најдобрите години со тебе, па би требало да влезам во сето ова. Тоа е само математика. Ајде да го направиме тоа. Брзо.“

Зошто денес не ни е потребен брак? Прашањето е повеќе за некоја серија, отколку за разговор со пријатели. Толку е досадно што може да се сведе на „затоа“. Но, за оној кој веќе го направил тој чекор, или се подготвува да го направи, бидејќи тоа отсекогаш било нормално, и не е добро човек да биде сам, како што велат паметните, тоа може да се претвори во оној црв кој се јавува во два или во пет наутро.

Просечниот брак денес е послаб, отколку просечниот брак во минатото, судејќи според прашањето на задоволството и стапката на разводи, но најдобрите бракови денес се многу посилни во смисла на задоволство и лична благосотојба, од најдобрите бракови од дамнешните времиња.

Доколку не го сметаме бројот на разводи, кој како и секоја статистика може да излаже, психолозите Чин Минг Ху, Кетлин Л. Карсвел, Грејс М. Ларсон и Илај Финкел, се занимавале со прашањето зошто времево во кое живееме е презаситено со класичниот брак. И како да се дефинира добар брак?

Од моментот кога е одобрено да се склопуваат граѓански заедници меѓу хомосексуалците, хетеросексуалците се побунија, барајќи и ним да им се дозволи некоја неутрална институција, без багажот од минатото и традицијата. Без притисокот на церемониите, ритуалите и активностите кои ги има бракот. Тоа би бил, како што велат, правен однос меѓу двајца рамноправни луѓе, кој им пружа правна заштита, но со помала одговорност. Луѓето кои би стапиле во таков однос, би можеле да кажат: „Ние сме рамноправни партнери. Граѓанската заедница функционира на начин на кој бракот не може.“

Воопшто не зачудува тоа што почна некаква еволуција во сфаќањето на бракот. Можеби е мутација, но можеби тоа е и нечија борба институцијата да опстане. Бидејќи јазот меѓу добрите и просечни бракови се зголеми. А токму предностите кои ги пружа бракот и неговиот квалитет, се причината за подобра лична благосотојба. Така барем утврдила студијата од универзитетот во Мисури, анализирајќи го односот на квалитетот на заедницата и личната добробит. Навистина, може да се каже дека просечниот брак произведува среќни луѓе и тие со текот на времето стануваат сè посреќни. Токму така се развива новата теорија на бракот.

Централното тврдење на четворицата психолози е дека сите брачни проблеми лежат во очекувањата. Бракот стана „вишок“, бидејќи не одеше во чекор со нашиот личен развој. Со развојот на општеството, стандардот на живот и можностите кои му се пружаат на поединецот, факторот на избор, се зголеми и неговата желба да му биде удоволено. Се зголеми и желбата да се живее поквалитетно во зедница. Парадоксално, тоа нужно не значеше дека сè ќе биде сервирано на чинија, како што генерацијата на нарциси и селфи генерацијата тоа го очекуваше.

Ина Бореновиќ, психилог и уредник на Психоверзум, смета дека живееме во време кое „ни порачува дека треба да се оствариме, да уживаме во животот, да не се „скрасиме“ додека не почувствуваме дека сме подготвени, пред сè да научиме да си удоволуваме, да го гледаме сопствениот интерес, желби, цели, да се дистанцираме од односите кои не се она што сме очекувале итн... Таквата перспектива ни кажува дека бракот е институција во која веруваат само тврдокорните традиционалисти и оние подготвени на компромис. И токму во тоа и се наоѓа поголемиот дел од овој проблем – во тоа што луѓето често го доживуваат бракот како некаков страшен компромис поради кој ќе мораат да се откажат од еден дел од својот идентитет и сето она што тој со себе го носи“ – истакнува нашата соговорничка.

„Кога во еднаквоста ќе се уфрли диктатурата на нарцизмот (или во ублажена форма, но со иста суштина, егоцентризмот), нереалните очекувања, фактот дека моногамијата не ни е во природата (туку е работа на општествен договор), т.е. незнаењето што еден партнерски однос навистина подразбира, тогаш не е изненадувачки што над бракот виси закана да стане надживеана работа. А тој никако не би требало да стане надживеана работа, бидејќи ние сме си потребни едни на други.

Денес сме свесни дека ништо не мораме, имаме голема слобода да бираме во што ќе влеземе, на што ќе се согласиме, и од што ќе се откажеме“ – вели Ина

„Психологот Бери Шварц зборува за таканаречениот парадокс на изборот – кога пред себе имаме повеќе можности, наместо да имаме и повеќе слобода да го одбереме она што вистински го сакаме, всушност стануваме робови на соспствените избори.“

„Другата крајност зборува за тоа дека луѓето стапуваат во брак од погрешни причини“ – истакнува Ина. „Затоа што им е време. Затоа што така треба. Затоа што притисокот на околината е огромен. Затоа што сакаат деца. А некаде помеѓу овие крајности се наоѓа старата, добра, златна средина. Оние кои стапуваат во брак од љубов, сепак се свесни дека таа е важна, но не и доволна. Или оние кои не стапуваат во брак поради сопствени причини и лични животни филозофии во кои не се наоѓа идејата за брак, и кои се во целосен мир со својот избор. Бракот секако би требало да остане работа на одговорна, промислена одлука. Со сите тие неопходни предуслови доаѓа вистинската слобода на изборот – слободата да бираме и да се соочиме со последиците на таквите избори. Бракот секако би требало да остане работа на одговорна, промислена одлука. Со тие неопходни предуслови доаѓа вистинската слобода на изборот – слободата да бираме и да се соочиме со последиците на таквите избори. Бидејќи изборот секогаш носи и одговорност.“

Извор: Globus

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото