Инстаграм уметност

20.02.2016 15:06
Инстаграм уметност

Во светот се водат големи расправи околу тоа дали оваа фотографија е уметност или бесмислено позирање

Поранешната голема ѕвезда на Инстаграм, Амaлија Улман (26), која ја следеа речиси деведесет илјади луѓе, овие денови целосно се разоткрива. Не, таа не е млада девојка која од село дошла во град, а не е ни спонзорка.

Амалија Улман (26) пред неколку години беше првата Инстаграм ѕвезда, чии објави ги следеа 89 224 луѓе. Некои од нив коментираа на нејзините фотографии, активно го следеа нејзиниот живот. Таа, барем во нивните очи, беше слатка млада девојка која без срам го фотографира своето полуголо тело. На некои тоа им се допаѓаше, други ја презираа поради она што им го покажува, како и поради нејзиниот начин на живот.

Селфи фотографиите беа различни, но во суштина многу банални: фотографирани со мобилен телефон, тие прикажуваа заводлива девојка во долна облека, застаната меѓу згужваните чаршави во хотелот, слатки од соседството, со венче во косата пред огледалото или пак, типично за зависниците од социјални мрежи, фотографии со нејзините оброци.

Зад сето тоа постоеше и приказна: млада девојка која од село дошла во градот. Раскинала со момчето и се бара самата себе во големиот свет. Се чувствува како млада привлечна жена или барем се обидува. Била на операција за зголемување на градите. Се запишала на часови за танцување на шипка. Се обидува да биде како и сите жени кои ја опкружуваат, како другите млади привлечни жени во Лос Анџелес. Живеејќи во свет во кој таквите нешта се нормални, сака со сексипилни фотографии да привлече внимание и да вкуси барем парче своевидна слава.

Совршенство

Меѓутоа, стварноста не е таква. Улман е уметницата која со овој проект го почна најнеобичниот перформанс во дигиталната ера, нарекувајќи го „Exellences and Perfections“, а нејзините фотографии од тој проект наскоро ќе бидат изложени во две галерии во Лондон.

Младата уметница студирала во Лондон и пред новиот проект била прогласена за „ветувачки млад уметник“. Нејзините дотогашни дела навистина ветувале многу и се чинело дека станува збор за креативна, храбра уметница на новата генерација.

Но, заедницата која ја следела нејзината кариера почнува да се сомнева во неа. Не им било јасно зошто објавува свои полуголи фотографии на Инстаграм – слики во кои нема креативност, поетичност, ниту преголема убавина. Обични, секојдневни, во уметничка смисла невредни и здодевни фотографии.

„Тогаш сопствениците на една галерија ми рекоа: „Мораш да престанеш со таквиот вид објави, бидеќи луѓето веќе не те сфаќаат сериозно.“ Одеднаш станав глупава, и тоа само поради тоа што си го покажав задникот на објавените фотографии. Се сликав во долна облека и тие фотографии ги поставував на интернет, што според некои луѓе, мојата уметност ја доведе во прашање. Престанав да бидам авторка, а станав „онаа полуголата од Инстаграм“ – изјавила Улман.

Нејзиниот проект траеше пет месеци. Го заврши со објава на црно-бели фотографии со ружи, под кои пишуваше „Крај“. Така на сите им даде на знаење дека приказната која со месеци ја создаваше пред очите на јавноста, всушност била само шега. Перформанс, добра иронија. Нејзините фанови бea шокирани од откритието.

„Зарем и оваа твоја фотографија, со градите замотани во завои, која ја стави по операцијата, е лажна?“ – ја прашале. А одговорот бил едноставен: „Лажна е.“

Улман подоцна појасни дека само си играла со улогите. Поминала месеци и месеци подготвувајќи се за проектот: истражувала на кој начин живеат младите девојки на нејзина возраст, што ги интересира, и што споделуваат на социјалните мрежи. Се одлучила за вообичаено темпо на работа: вовед, кулминација, и крај. Ја обоила косата, купила нова облека, и почнала да го глуми ликот кој го креирала. Односно, еден од трите ликови кои можат да се набљудуват одвоено, но и како една личност во три различни животни фази.

Sugar baby

Всушност, приказната започнува со селската девојка. Улман игра улога на провинцијалка која се сели во Лос Анџелес. Не долго пред тоа раскинала со момчето, и потоа станала „sugar baby“. Односно, спонзорка. И од тоа не се срами, ниту го сокрива. Потоа следи друга епизода, друга персоналност: девојката станува нешто налик на познатите американски ѕвезди, како што е Ким Кардашијан.

Почнува да се однесува лудо и да постира ѓаволести слики на интернет. Прави операција на градите, почнува да консумира дроги, доживува нервен слом и завршува на рехабилитација. Приказната оди по тој редослед. И сето тоа пред очите на илјадници луѓе кои будно ја следат на социјалните мрежи. На крајот, последната фаза, помирувањето, ѝ носи ново лице: станува слатка мала девојка од соседството, која вежба јога и пие здрави сокови. Тоа беше крајот на социјалниот експеримент, крај на перформансот.

„Тоа беше сатира, барем јас така ја доживував, од почеток до крај. Всушност, беше и повеќе од тоа. Сакав да докажам дека „женственоста“ во суштина е конструкција. Не е тоа нешто со кое се раѓаме, биолошки условено, нешто вродено на секоја жена. Всушност, зарем не е сето тоа вистинска шега: за да се стане „жена“, потребен е голем труд и тоа воопшто не е природна состојба. Како што покажав, на таа денешна женственост, потребно е многу да се работи“ – смета Улман, која објаснува дека идејата за ваквиот вид обид ја добила уште за време на студиите, но тогаш тоа не можела да си го дозволи. Било потребно одредено време, додека да се осамостои и собрере доволно средства за да може да почне со реализацијата на овој проект.

Сите нејзини 175 фотографии, кои на инстаграм се објавени за време од пет месеци, наскоро ќе се појават на ѕидовите на две галерии во Лондон. Најпрво ќе бидат изложени во галеријата Whitechapel, а потоа и во Tate Modern. Младата уметница е задоволна што на тој начин ќе допре и до публиката која нејзините фотографии не ги видела виртуелно, и кои веднаш ќе ја знаат приказната која стои зад нив.

Женски идентитет

Тие ќе можат веднаш да го видат она што им се измолкнало на нејзините следбеници на Инстаграм: фактот дека во својата работа зачекорила со сигурни чекори, како некои постари уметници, како што се Клод Каун и Синди Шерман, кои исто така го истражуваа женскиот идентитет.

Она што многумина ги интересира е дали оваа млада уметница некогаш повторно ќе се врати на Инстаграм. Таа вели дека ќе се врати, и дека веќе извесно време го планира тоа, но не е сигурна точно кога ќе се случи. Исто така, не е сигурна во која насока ќе се развиваат нејзините објави, дали тоа ќе биде обично, нималку уметничко користење на Инстаграм, како што тоа го прават илјадици луѓе во светот, или и овој пат ќе направи нешто што ќе биде повеќе од тоа?


Вистинското лице

Уметницата не е слатка мала русокоса девојка, туку сериозна и зрела бринета со големи планови  

Извор: Globus

 

ОкоБоли главаВицФото